Tuesday 28 July 2020

НА КАНТАР СО МАРИНА МАТЕСКА И КИКО МАРКОВСКИ: „Лице в лице“ со КОВИД-кризата


„Дај му на човека риба и ќе го нахраниш за еден ден. Научи го да лови и ќе го нахраниш за цел живот“ – вака вели познатата кинеска поговорка, со која лесно може да се дефинира поривот за развивање на социјални претпријатија за работна интеграција. Порив кој го имала Марина Матеска, која долги години како дел од Црвен крст работела во социјално-хуманитарната дејност и за која социјалните претпријатија се движечка сила и верба дека можеме да создадеме подобри услови за ранливите групи граѓани во нашето општество.
Денес Марина е координатор на Националната мрежа за социјални претпријатија (sen.mk) и е одговорна за програмата за социјална инклузија во „Паблик“, асоцијација за истражување, комуникација и развој, која, меѓу другото, го издава и списанието „Лице в лице“. На онлајн-дискусијата во средата Марина ни гостуваше заедно со Кристијан Марковски (нагалено Кико), продавач на „Лице в лице“. Темите што ги отворивме беа поврзани токму со социјалното претприемништво и предизвиците со кои се соочува екипата на „Лице в лице“ сред кризата со КОВИД-19.

Tuesday 21 July 2020

НА КАНТАР СО САМИ МЕХМЕТИ: Предаторското издаваштво наголемо граба

Да се биде универзитетски професор кај нас е престиж. Конкуренцијата за овие научно-образовни позиции од година во година станува сè поголема, особено со порастот на бројот на луѓето што дипломираат, магистрираат, докторираат... А квалитетот и квантитетот не се баш пријателчиња што одат рака под рака, па мерењето на научната компетенција на универзитетските професори како основа за нивно напредување, во најголема мера се сведува на објавување на нивните трудови во реномирани научни списанија и конференции.

Ако професорите почнат да ви зборуваат за студентите, ќе ви кажат дека ги има секакви: и такви кои учат за да научат но понекогаш знаат да потфрлат, и такви кои учат колку за да положат, па кои препишуваат, па кои фаќаат врски... Интересното е што кога станува збор за борбата на професорите за собирање бодови од објавувањето на своите научни трудови за напредување во универзитетската кариера – сликата не е многу поразлична.

Сами Мехмети, доцент на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, (познат како Штулов универзитет) пред повеќе од две години почнал да се занимава со оваа проблематика за една конференција и тоа ја предодредило неговата денешна „детективска“ улога на откривач на валидноста на научните трудови на неговите колеги на универзитетот. Сами беше гостин на последната онлајн-дискусија, па ви ги пренесуваме во прво лице неговите размислувања за улогата на предаторското издаваштво во македонската наука.

Tuesday 7 July 2020

НАУКА ЗА ДЕЦА НА КАНТАР: „Се учи теле, а не вол!“

logoНа колкумина од нас им се крева коса на глава кога ќе се спомне македонското образование? Колку многу родители, наставници и деца се фрустрираат од системот и не успеваат да најдат решение за проблемите на кои наидуваат? И додека јавните дебати во врска со образованието главно се фокусирани на вперување прсти и барање виновници, постојат луѓе што пливаат спротиводно. За полесна пловидба изградиле и брод – помагало во наставната програма каде што ги покануваат да се качат и наставниците, и децата, и родителите.
Станува збор за веб-страницата naukazadeca.mk (НЗД), инспирирана од naukazasite.mk (НЗС) и создадена по иницијатива на Драгана и Никола Стикови за да се пополни дупката што ја направи КОВИД кризата во наставните програми. Во „Наука за деца“ се вклучени многу луѓе – научници, наставници, лектори, монтажери, програмери, координатори и две организации: продуцентската куќа „Охо“, благодарение на која содржините на НЗД стигнаа и во „ТВ Училница“ на МРТВ и „Диг-Ед“, здружение на граѓани во коешто членуваат наставници и професори кои се заложуваат за внесување иновации во образованието и користење на технологијата во едукативни цели.

Сепак, главни креатори на содржините на НЗД се трите сестри Бојана, Менка и Марија Стојанови. Бојана е доктор на науки по биологија, Менка по физика, а Марија по компјутерски науки и иако веројатно во животот не ни помислувале дека некогаш ќе работат заедно, со оглед на нивните различни полиња на интерес и оддалечени места на живеење (Острава, Лондон и Лион), оваа иницијатива го направила токму тоа. Со нивната вродена кавадаречка ведрина и детска шегобијност, на последната дискусија во средата тие го објаснија концептот на НЗД и повикаа на вклучување во оваа алтруистичка иницијатива.