Wednesday 27 November 2019

Година без Горан

Во 1997 заминав за Америка и мислев дека веќе нема да се вратам во Македонија. Така мислеа и родителите и сите пријатели. Само еден човек прописно ми ја предвиде иднината. Тоа беше Горан Стефановски.

Го немав запознаено Горан лично, но во годините што следеа имав впечаток дека тој е единствениот човек на светот што ме разбира. Пишува за мене во неговите драми. Ми се обраќа преку интервјуата. Ме тера да ги слушам Битлси, Леб и Сол, но и Куку Леле. Преку Силјан од Црна Дупка ме предизвикува дека не можам да свршам со отворени очи (можам Горане, можам). Преку Рина од Кула Вавилонска ми предвидува дека ќе се враќам во Македонија кога другите ќе сакаат да бегаат. Остави ме на раат Горане, не се враќам па мајка Јана!