Tuesday, 8 December 2020

С(Ц)ИЕСТА СО НИКОЛА СТИКОВ И БРАНИМИР ЈОВАНОВИЌ: Компетитивно и/или колаборативно образование?

Дипломата е сила, дипломата е моќ. Или, знаењето беше сила и моќ? Кај нас со години наназад дипломата се форсира и многу повеќе се посакува од знаењето. Со години сведочејќи на стрмоглавото паѓање на образованието во провалијата на превртените вредности, на сите што добро знаеме каде точно треба да лежат силата и моќта – просто ни се плаче.

Но, бидејќи самооплакувањето не води никаде, време е да се засукаат ракавите и нешто да се направи за образованието. Затоа што тоа е основата на сè – и на квалитетот на живот, и на економијата, и на напредокот – и личен, и колективен.

На последната С(ц)иеста се разговараше токму на тема образование, при што гости беа Никола Стиков и Бранимир Јовановиќ, кои и покрај различните научни позадини како инженер и економист, ги претставија своите предлози за унапредување на македонското образование, од аспект на: паталци.

Во рамки на проектот „Големата слика“ на Фондацијата „Фридрих Еберт“ тие двајца заедно со Драган Тевдовски го подготвија текстот „Кон подобро образование и наука“, кој беше појдовна точка на дискусијата, во која се вклучија дваесетина македонски научници.  

Идејата на Никола Стиков за унапредување на нашето образование

Гаусовата крива – ова е тоа што сметам дека недостасува во македонскиот образовен систем. Кога зборувам за Гаусова крива, всушност зборувам за рангирање. Во текот на моето образование во Македонија учествував на многу натпревари каде бевме рангирани, но при секојдневното оценување рангирање не постоеше. Ако одговоревме точно на приближно 90% од прашањата (и тоа онака како што сака наставникот), имавме петка. Иако имплицитно се знаеше кој е за петка, кој не е, никогаш не ни покажаа крива на дистрибуцијата на оценките, па секој да си види каде е во однос на просекот и каква оценка заслужува – просечна, повисока или пониска од просечната. Од друга страна, кога требаше да се запишеме во гимназија или на факултет, имавме матура или приемен испит, односно прецизно рангирање кое за сите беше шок затоа што за 0,1% пониски резултати можеше да не те примат во посакуваното училиште/факултет.

Кога отидов во Америка во средно, таму буквално секоја оценка беше дадена на некоја крива: еве го просекот, еве кои се над, кои под. На тој начин системот успева да ги издвои оние кои се најуспешни и да создаде една атмосфера во која учениците се натпреваруваат да бидат подобри од другите. Згора на тоа, учениците не препишуваат еден од друг, затоа што знаат дека нивната оценка ќе се намали ако му го кажат одговорот на соученикот.

Ние како држава сакаме да имаме добри резултати на ПИСА тестирањата (рангирање), или да влеземе на Шангајската листа со УКИМ (повторно рангирање). Создаваме образовни и научни приоритети засновани на рангирања, но оценувањето и натаму се заснова на апсолутна скала што овозможува 100% од учениците запишани во гимназија да бидат скроз одлични. Нормално, не мислам дека треба секоја задача да биде оценувана на крива, но неопходно е учениците да го разберат концептот на рангирање, просек и перцентил. Од друга страна, неопходно е и наставниците да смислат тестови кои поттикнуваат креативност и натпревар, а не само меморизација на факти. Само така учениците ќе сфатат дека не може секој да има петка и дека, во крајна линија, не е битна петката, туку дали можеш да понудиш нешто оригинално со што ќе се издвоиш од просекот.  

Визијата за образованието (во Македонија) на Бранимир Јовановиќ

Логичен е аргументот дека светот функционира на принцип на рангирање и дека затоа уште како деца треба да се научиме на рангирањето, за да не бидеме затекнати од него подоцна во животот. Но, мојот контрааргумент е - дали сакаме да живееме во свет базиран на конкуренција, па детето во училишната клупа да го гледаш како конкурент, а не како соученик и другар, како некој со кого треба да остварите нешто заедно. Мојот идеален систем е систем во кој практично нема оценување – грубо кажано, скандинавскиот систем на образование. Во овој систем учениците уште од најмали нозе се учат на соработка, а не на конкуренција. Образованието се гледа како интегрален дел од општеството, како нешто што треба да ги спреми луѓето за да живеат и да се залагаат за заедницата, а не секој сам за себе. Некои од карактеристиките на овој систем се дека почнуваат подоцна со училиштето, на 7 години, имаат многу малку часови, почнуваат од 9 часот, односно оставаат децата да се наспијат, за да не го гледаат одењето на училиште како стрес, и имаат многу малку оценување.

Земјите кои имаат конкурентен систем на образование имаат повисока стапка на нееднаквост – во образованието, во можностите за успех во општеството, во примањата. Во нив успеваат само оние што се раѓаат привилегирани, не оние кои се способни. За разлика од ова, преку скандинавскиот модел се креира егалитарна средина, општество во кое нема изразени разлики помеѓу луѓето. Критиката на егалитарните општества е  дека тие не поттикнуваат иновации, бидејќи не ги стимулираат најдобрите. Сепак, скандинавскиот модел го негира тоа, бидејќи скандинавските земји според сите индикатори за иновации се на светскиот врв. Дури и според индикаторите за квалитетот на живот, скандинавските држави се најгоре. Па и на ПИСА тестовите.

***

За секој проблем во општеството од голема важност е да се отвори дијалог и да се изложат што е можно повеќе аргументи кои ќе натежнуваат на колку и да е различни страни, за да се дојде до најдоброто можно решение. Ви ги прикажуваме „хајлајтите“ од дискусијата за образованието, во форма на:

Суштински забелешки и дополнувања од учесниците на дискусијата

Владимир Кузмановски: Во Скандинавија колективот живее во симбиоза, а во Македонија на паразитска основа. Заедничко е што обете уживаат во колективот,  но заради приоритетот на индивидуална корист, скандинавскиот модел не може да се примени кај нас, без претходно да се сменат вредностите и да се воспостави здрава основа.

Бранимир Јовановиќ: Во Финска наставниците се истакнати членови на општеството, сите ги почитуваат, имаат јаки критериуми за избор и се добро наградени – за разлика од кај нас каде што наставниците се на работ на егзистенцијата.

Менка Стојанова: Натпреварот е надворешна мотивација да се прави нешто само затоа што ученикот е добар, па му ласка на егото, а притоа неретко се заборава внатрешната мотивација – да го правиш тоа што го правиш затоа што ти е убаво. Има научни студии кои покажуваат дека колку повеќе има надворешна мотивација, толку повеќе децата ја губат внатрешната мотивација. И потоа добиваме индивидуи на кои им е многу неинтересно да работат без натпревар.

Никола Стиков: Мислам дека не треба да се свртиме само кон натпревар, ама не значи и дека треба да ја закопаме главата во песок и да го игнорираме постоењето на натпреварот. Дел од нас имаат корист, дел не го сакаат натпреварот, ама на крајот последиците од тоа рангирање се гледаат во секојдневниот живот и децата треба да бидат свесни дека светот функционира на компетитивни принципи.

Менка Стојанова: На запад се исфрлаат оценките кај малите деца, кај нас уште ги има и дополнително, бидејќи сите се тепаат за петки, на крај оценките ништо не значат. И тоа е проблемот. За оценувањето – би рекла дека тоа мора да биде што подоцна и што пофер.

Марија Дренковска: Од аспект на економската теорија, иновации и поголема додадена вредност се појавуваат само во услови на соработка и кооперација. Единствен начин за малите земји да постигнат иновација и додадена вредност е преку вклучување и споделување идеи, односно со соработка.

Викторија Димова: Она што во германскиот образовен систем ја прави разликата е праксата, која на крајот на образованието произведува комплетно обучен кадар за да почне со работа и да придонесува кон напредокот на општеството.

Кирил Гаштеовски: Се прашувам што е поголем проблем во нашето образование, дали образовниот модел или луѓето што го сочинуваат образовниот систем, кои ќе треба да го имплементираат тој модел. Ако е проблемот до луѓето, кои имаат дојдено на позиции на наставници или професори преку партија, непотизам, корупција... дебатата за моделите нема смисла.

Бранимир Јовановиќ: Ни треба стратегија за развој на образованието. Може да почнеме со мали промени, ама тие да бидат дел од една голема стратегија, која нема да се менува со секоја нова власт и на која ќе работиме дваесетина години заедно за да видиме дали ќе даде резултати. Да не дозволуваме повеќе работите да одат де стихијно, де тргни-застани.

Харис Бабичиќ: Скандинавскиот систем е поблизок до нашиот систем на вредности и до желбите што ги имаме за балансирање меѓу животот и работата од компетитивниот систем. Меѓутоа, во сегашната реалност, со „културата“ на непотизам и корупција и со немањето финансии за сериозни промени, преминот би бил тежок, па и невозможен. Ако воопшто е возможен, треба да се почне со евалуација на целиот наставен кадар од страна на независни експерти од надвор и филтрирање на луѓето во образовниот систем кои се способни да го носат на грб системот и евентуалните нови промени.

Ордан Чукалиев: Ова општество има реална потреба од евалуација – на сè! Ако не се мериме, јас не можам да го победам партискиот војник на ниеден друг начин. Затоа ќе го победам со IQ тест. Системот во Македонија е базиран на земјоделскиот принцип на жива ограда – таа се шиша на нивото на најслабо развиената единка, за да биде густа оти ако шишаш погоре, ќе има дупки во неа. Целото образование кај нас стана такво што промовира неквалитетет и како да сака да те убеди дека си глупав за да може понатаму да има бенефити од тоа што ти се чувствуваш инфериорен во целиот тој систем. Порано, ако во прво одделение не научеше да читаш, повторуваш. Денес тоа не постои, не постои градација, не постои можност да го насочиш ученикот во правецот на тоа за што го бива. Немајќи го ова, стигнавме до тоа во група од 50 студенти само двајца да сакаат да учат, а другите 48 само да сакаат да земат диплома. Некој им рекол дека можат да се протнат во системот, да завршат факултет и потоа да се снајдат со дипломата. И, така, едноставно, реалното оценување на македонските универзитети го снема. Универзитетите редовно прават самоевалуација и надворешна евалуација на квалитетот на работењето, меѓутоа тие податоци и извештаи се користат само за утврдување на состојбата, а многу малку за подобрување на тој квалитет. А сето ова нè води до неквалитет и потпросечност. Затоа, навистина мора да се вметнат брзи мерки во системот и тоа веднаш.

Виктор Стефов: За осум години УКИМ падна на листата „Webometrics“ за илјада места! Мора да се преземат драстични мерки за УКИМ да се врати на она што беше некогаш, оти вака, ќе одиме само надолу.  

Бранимир Јовановиќ: Двата система што ги претставивме со Никола не се до толку спротиставени и не се исклучуваат еден со друг. Можеме да изградиме систем кој ќе биде комбинација од двата, со повеќе или помалку компоненти од едниот или другиот. Кога веќе имаме систем на оценување, ако вметнеме Гаусова крива, нема да имаме 90% петки, туку ќе ја видиме реалната ситуација. Но, најважно од сè е образованието да се сфати како дел од целиот општествен систем, базиран не на индивидуалност, туку на заедништво, каде што луѓето не се ривали, туку партнери и другари кои соработуваат за заедничко општо добро.

Дискусијата ја водеа Никола Стиков и Бранимир Јовановиќ, а во неа учествуваa: Владимир Кузмановски, Менка Стојанова, Марија Дренковска, Кирил Гаштеовски, Харис Бабачиќ, Викторија Димова, Виктор Стефов, Ордан Чукалиев, Филип Симески, Горан Купенков, Илина Јакимовска, Марија Стојанова, Благој Делипетрев, Венцeслав Кафеџиски, Илија Дуковски.


No comments :

Post a Comment