Tuesday 25 May 2021

С(Ц)ИЕСТА СО АНА АЛАЧОВСКА: Спојот на уметноста и технологијата не е научна фантастика


Ана Алачовска заминува од Македонија во 2003 година по завршувањето на студиите по Општа и компаративна книжевност. По студиските престои во Италија и САД, каде што двапати магистрира – еднаш на струката, а вториот пат во областа на комуникациите, заминува за Данска на докторски студии и тука останува веќе 10 години. Во моментов работи како професор на Бизнис-школата во Копнехаген за која вели дека е многу чудна, во најпозитивна смисла на зборот. Ана, која денес се дефинира како социолог, во Бизнис-школата предава заедно со други колеги од областа на хуманистичките науки, а нивни студенти се луѓе кои работат менаџмент во индустрии како музичката, ликовната, филмската, модната...

Целиот овој период таа се занимава со разбирање на креативната работа со која се создаваат уметнички дела, кои освен естетска имаат и економска, социјална и политичка вредност. Нејзино поле на интерес е и улогата на уметноста во бизнис и менаџмент-процесите, како и во развојот на технологијата и технолошкиот менаџмент. Ана беше гостинка на последната С(ц)иеста каде што присутните имаа можност да се запознаат со фантастичниот начин на кој таа ги спојува уметноста и (дигиталните) технологии во своите истражувања.

Уметноста во трансформација

Како професорка на „многу хомоген бел кампус“, Ана дел од своето истражување го посветува на креативните индустрии во Африка и глобалниот пазар за африканската уметност. Го има следено и дигиталниот пазар на платформи како NFT, кои според нејзините зборови, во уметничките кругови во времето на нивното појавување биле широкоградо прифатени, затоа што понудиле решенија за проблемите на плаќањето на уметниците и заштита на интелектуалната сопственост, но денес се променети.

Меѓутоа, главниот проект на кој работи со поголема група на научници и уметници е: Artsformation, голем европски проект, наменет за истражување на улогата на уметностите во дигиталните трансформации и промени. На него работат луѓе од факултетот за инженерство Тринити колеџ во Даблин, кој долго време вработува уметници во своите редови, потоа Бизнис-школата во Осло и Бизнис-школата на Ана во Копенхаген. Освен академски, имаат и неколку партнери од областа на уметноста, како култниот берлински фестивал „Трансмедиале“, каде што се пресекуваат уметност, наука и технологија, потоа културната институција за наука, уметност и технологија „Вааг“ во Амстердам и неколку помали НВО од Франција, Грција и Англија.

Овој европски проект во најголем дел се занимава со разбирање на ролјата на уметноста во технолошките трансформации. Во еден work package преку научната фантастика ги следиме начините на кои инженерите, програмерите и научниците размислуваат за иднината на технологијата, a и како менаџерите ги развиваат организациските процеси. Тоа се постигнува на тој начин што смислуваме сценарија за заедничко разгледување на научните проекти и технологиите за да може луѓето кои ги развиваат нам, кои не сме внесени во тоа, да ни ги доловат на најсликовит начин технолошките проблеми со кои се среќаваат во нивното работно секојдневие“, објаснува Ана, која додава дека научната фантастика била дел и од друг нејзин проект, каде што социолошки, преку интервјуа, ги следат начините на кои научната фантастика (НФ) влијаела врз изборот на професијата, креативните процеси во инженерството и научната работа.

Нацртај ми, најцртај ми... АЛГОРИТАМ!

Во најновиот труд правен во рамки на проектот Artsformation, Ана и нејзините колеги се трудат да разберат како уметноста се поврзува со технологијата и со луѓето што работат со технологијата. „Тоа што најмногу нè интересира е доловувањето на тоа што во дигиталната технологија и во вештачката интелигенција го викаат opacity, односно непроѕирност, темност, несфатливост, необјаснивост на технологијата. Од гледна точка на обичниот корисник, технологијата работи на начини кои се пребрзи за да се разберат, а и самите корпорации кои развиваат вештачка интелигенција не споделуваат информации за принципите и начинот на градењето на мрежите заради бизнис-причини. Затоа, нашата хипотеза е дека ако се свртиме кон уметноста можеби нема да разбереме како функционираат технологиите, меѓутоа ќе можеме да ја зголемиме нашата имагинација за да сфатиме како тие технологии работат и кој е нивниот импакт врз нашиот живот и врз нашата работа. Исто така, преку естетиката сакаме да ја доловиме и етиката: и на тие што ја користат технологијата, и на тие што ја создаваат“, вели Ана.

Таа објаснува дека за овој труд интервјуирале сто визуелни уметници од целиот свет, кои работат на Upwork и на Fiverr, за да дознаат како замислуваат тие дека алгоритмот на овие платформи врши влијание врз нивната работа. „Upwork, на пример, функционира така што креативците преку оваа платформа ја продаваат својата креативна работа и најчесто нивната релација со клиентите е посредувана со некои алгоритмички бројки, како репутација, бодувања, метрики, кои не се знае на кој начин се генерирани. И, најчесто, кога ги прашуваме луѓето што го користат дали знаат како функционира овој алгоритам, тие велат: НЕ“, објаснува Ана и појаснува дека токму затоа го користеле овој метод на интервјуирање во кој од креативците побарале и визуелно претставување на алгоритмот преку свое уметничко дело, како метод за проѕирање низ непроѕирноста на алгоритамот.

Во стоте интервјуа разговарале со креативци од цел свет, кај кои нивоата на познавање на англискиот јазик варираат, меѓутоа комуникацијата преку визуелните материјали е примордијална и универзална. „Меѓу интервјуираните, многу е јасна разликата помеѓу тие што го перципираат алгоритмот како пекол, како една пустина или зона на целосна крвава војна и луѓето кои го перципираат како еден вид нирвана. Но, тоа што најмногу нè изненади е што за уметничката визуелната репрезентација кога се работи за технолошката средина, најчесто за ова користат животни. Од 100 интервјуа и слики, 73% централно покажуваат слики од животинскиот свет: волк, крокодил, глушец, пчела, мрзливец, еж, кокошка... Повторно и повторно ги гледаме зоометафорите на предатор и жртва,“ вели Ана и дополнува:И тоа сега нè тера да направиме напор да дознаеме зошто луѓето го перципираат алгоритмот така?

Жртва и предатор на предатор и жртва

За „расветлување“ на случајот, ја користеле философијата на Гастон Башлар за сонувањето и метафориката на сонувањето, која исто така оди во насока на тоа како да се претстави тоа што е непоимливо. Се потпирале и на теоријата на Јулија Кристева и Жак Лакан, како и на теоријата за мимикрија на Едуар Канети. „Тука не гледаме чист дарвинизам, меѓутоа од аспект на историјата на еволуцијата, интересен е начинот на кој сонуваме и на кој како луѓе го поимаме непоимливото од кое егзистенцијално зависиме. Многу креативци целосно зависат од овој алгоритам, се плашат од него, си велат еден ден ќе се разбудам и овој акаунт на кој сум работел 10 години може едноставно да исчезне а јас ниту можам да ја прашам компанијата, ниту да се обратам некому, што е силна анксиозност и уплав од системот – вистинско чувство на жртва. Но, во исто време, тука е и предаторството, кое може да се однесува и на клиентите, но и на системот, на алгоритмот на кој, во секој случај, и ти можеш нешто да му подметнеш, да го зезнеш... Затоа сме наклонети кон теориите дека системот зависи од и се менува според тоа на кој начин луѓето се гледаат еден со друг и си влијаат и еден на друг, и на системот“, вели Ана.  

Трудот моментално е во процес на „peer review“ и според Ана борбата да се докажат овие социолошки метафори е голема, затоа што Фуко и неговите идеи за паноптицизмот се многу силни кога станува збор за проблематизирањето на ВИ, алгоритмите и сè што се поврзува со контролата и моќта. Имено, теоријата на Фуко е дека ние живееме во еден паноптикон, затвор каде што сме надгледувани од едно големо око (предатор) што гледа сè и знае сè и со тоа лесно можеме да бидеме контролирани и потчинети (жртви). Нивната теорија, пак, базирана врз резултатите од истражувањето и анализата на делата на креативците, укажува на тоа дека тие алгоритмот го разбираат како средина во којашто секој има право да се камуфлира, да прави мимикрија, да напаѓа и, на некој начин, да еволуира: „Овие интересни динамики излегоа како многу среќна случајност. Тие ни кажуваат дека, да, и предаторот набљудува, ама и луѓето кои се внатре стануваат де жртви, де предатори, во зависност од тоа во каква констелација ќе се најдат. Многу е тешко да го докажеме тоа, ама не се откажуваме.“

Уметноста како коректор на технологијата

Берлинскиот уметник Адам Харви прикажува шминка и фризури правени по примерот на англиските воени бродови од Втората светска војна. Англичаните ги маскирале бродовите за да не може да се препознае колку се далеку и колкави се, а лицата со неговата шминка и фризура се непрепознатливи за ВИ. Уметниците од Аrts collective 64/1, пак, направиле ВИ која ја нахраниле со машки и женски цртани ликови, па потоа таа за даден цртеж кажува дали и колку проценти тој е машки/женски и на тој начин покажуваат како алгоритмите (не)сакајќи нахранети со родови стереотипи, ќе почнат „совршено“ да ги применуваат.

Преку овие примери Ана го прикажа и научниот интерес за тоа на кој начин уметноста може да се спротистави на тенденциите за неразбирливост на технологиите. „Во рамки на проектот Artsformation работиме со уметници кои се критички настроени кон технологиите и прават напори да создадат уметност која директно ќе се спротиставува на алгоритмите. Секако, останува прашањето дали таа естетизација е продуктивен начин да се спротиставуваме на технологиите кои се насекаде и кои работат врз основа на узурпирање на нашите лични податоци. Но, она што нас нè интересира е можноста да се развие имагинацијата дека постои начин да се избега од тоа сегледачко око на технологијата на еден креативен и артистичен начин. И за нас е многу битно дека не смееме да бидеме фаталисти – да, ова е неразбирливо и непознато, но преку уметноста можеби ќе успееме да се спротиставуваме на овие тенденции“, заклучува Ана.

Дискусијата беше заокружена со прашањето: Зошто луѓето се занимаваат со наука и зошто прават уметност? Односно, како тоа што нè прави луѓе е тоа што е најмалку важно за да опстанеме? 

Одговорот на Ана е дека иако можеби уметноста изгледа како најмалку важна од аспект на економијата и на секојдневието на повеќето луѓе, токму уметноста и апстрактниот начин на размислување е тоа што нè направило луѓе: „Нашата идеја е дека ако ја користиме уметноста и ако го прифатиме уметничкиот јазик како јазик на комуникација и експресија помеѓу другите алатки и начини на осознавање, и во технологијата, и во бизнисот, можеби ќе дојдеме до некоја поцелокупна слика за технологијата, за нејзиното влијание врз обичните луѓе и за начинот на којшто таа е неизбежно дел од нашите животи. Затоа што, на крај, желбата да проѕреме во тие непроѕирни работи е наша желба, на луѓето, за на некој начин да успееме да го задржиме човечкото.“


No comments :

Post a Comment