Tuesday, 4 August 2020

НА КАНТАР СО МЕНHАН СЕЛИМИ: Безжичните меш мрежи го менуваат изгледот на светот

Замислете дека процесот на гласање на државно ниво е префрлен на интернет. И замислете дека се организира референдум во одреден дел од државата, а на државата ставот на мнозинството не ѝ одговара, па решава да ја искористи својата моќ и го оневозможува пристапот на луѓето од тој регион до веб-страницата за гласање. Не е ова сценарио излезено од „Black mirror“ – ова навистина се има случено.  

Меннан Селими е доктор по компјутерски науки, кој по 10-годишната научнo-истражувачка одисеја низ Европа, пред една година се враќа во Македонија, каде што на Универзитетот на Југоисточна Европа основа своја истражувачка група. Меннан имал научни престои во Италија, Шпанија, Германија и Британија. Посебна насока на неговиот кариерен развој му дал престојот во Каталонија, каде што истражувањето му било фокусирано на она што го имале направено Каталонците, а што им послужило како своевиден отпор кон шпанската влада и како средство за во 2017 година да го реализираат референдумот за независност и покрај тоа што им се случило сценариото од погоре. А тоа се бесплатните безжични меш мрежи за интернет. 

На последната онлајн-дискусија Меннан ни зборуваше токму за тоа. Во продолжение е неговата приказна.

Интернет од луѓето за луѓето

Кога се вклучив во истражувањата на Каталонскиот политехнички универзитет во Барселона (UPC), најважната тема за нив беше функционирањето на безжичните меш мрежи на заедницата (wireless community mesh networks). Станува збор за самоорганизирани комуникациски мрежи, изградени и под оператива на самите граѓани. Наместо како кај телекомуникациските оператори, кои се сопственици на инфраструктурата, тука секој од членовите на мрежата сам си ја купува инфраструктурата. На пример, купуваат антени кои ги поставуваат на покривот и прават врски едни со други.

Главната мотивација зад овој вид мрежи на почетокот бил пристапот до интернет. Првично се појавиле на концерти, каде што луѓето почнале да поставуваат подвижни јазли кои емитувале интернет во околината и кои меѓу себе биле поврзани. Потоа почнале да се градат вакви мрежи во руралните средини, во селата, каде што луѓето немале пристап до интернет. Во Каталонија се присутни многу интернет оператори, меѓу кои и „Оринџ“ и „Водафон“, но едноставно не им се исплатело да одат и да поставуваат мрежа на понеразвиени места.

Guifi.net

Најпознатата ваква мрежа е Guifi.net, која почнала во 2004 година со мали групи села кои се поврзале меѓу себе, а потоа и тие групи меѓу себе, за на крај да формираат голема мрежна топологија. Се смета дека Guifi.net е најголемата безжична меш мрежа во светот со околу 36.000 јазли кои ги користат стотици илјади луѓе за пристап на интернет. Замислете дека 100.000 луѓе, на некој начин, имаат бесплатен интернет. Секако, не го користат сите интернетот бесплатно, но за повеќето е бесплатен.

Во оваа иницијатива сè е отворено и достапно за сите. Нема комерцијални услуги. Постојат и алтернативи на Јутуб или Дропбокс, достапни за сите (open-source). И луѓето навистина се ентузијастички настроени за обезбедување и за користење на овие услуги. Сум бил повеќе пати на нивните состаноци, каде што ме фаќало срам кога сум слушал правници и економисти кои повеќе знаат од мене за насочувачки протоколи (routing protocols) или за инсталација на јазли и за безжична меш мрежа.

Луѓето често прашуваат кој го плаќа овој интернет? Купуваш своја антена, која е околу 50 евра, ја ставаш на покривот и поврзан си на интернет. И тоа е тоа. Но кој плаќа? Има многу луѓе кои плаќаат и ги донираат своите придобивки на другите. Има многу невладини организации кои не се потпираат на услугите на интернет-провајдерите, туку се поврзани директно со точката за размена на интернет-сообраќајот (internet exchange point) на Каталонија. И тие го донираат овој интернет. Сепак, поголемиот дел од интернетот доаѓа од волонтери. Купуваат пропусен опсег, односно бендвит (bandwidth), плаќаат од 10 до 15 евра месечно и го даваат и на другите. Така што, интернетот доаѓа од нив.

Посебно е интересна динамичната топологија на оваа мрежа, која во селата е ѕвездена (имате еден суперјазол и сите јазли се поврзани со него), а во градовите, пак, има меш топологија (секој е поврзан со секого). Топологијата се менува и е навистина тешко да се предвиди како ќе расте мрежата. Меѓутоа, оваа мрежа има навистина добар бендвит. Кога користите интернет од оператор во Каталонија, не е лесно да добиете повеќе од 20 мегабити во секунда. А тука, просечниот бендвит е 25-30 мегабити во секунда. 50% од јазлите во мрежата имаат бендвит меѓу 50 и 100 мегабити во секунда, што е навистина добар квалитет за овој вид на мрежи.

Силата на неутралноста

Едно нешто што не може да се доведе во прашање е неутралноста на мрежата. Тука нема оператор што приоритизира еден тип на сообраќај. Тука сè е неутрално и токму поради тоа оваа мрежа толку многу порасна и стана толку значајна за Каталонија.  

Имено, Каталонија, со своите 6 милиони жители, во изминатите 10 години е навистина активна во борбата за независност. Тие го притискаа и го притискаа Мадрид да им дозволи да организираат референдум, но Мадрид не попушташе. Така, овие луѓе почнаа да го организираат референдумот, а шпанската влада едноставно реши да им ја изгаси технологијата за гласање. Им изгаснаа речиси сè: веб-страниците со домејни .cat, веб-страницата на Парламентот на Каталонија... Но тогаш се случи нешто магично: на сцена стапи мрежата на заедницата (community network). Оние што ја користеа оваа мрежа ги активираа нивните уреди, направија меш мрежа и сите веб-страници што беа изгаснати станаа достапни, а Мадрид не можеше да направи ништо, затоа што ова не е поврзано со интернет-провајдер на кој владата може нешто да му наложи. Ова е целосно децентрализиран екосистем, каде што тие немаат никакво влијание.

Се разбира, тоа не е главната мотивација зад мрежата, но овој политички пример покажува за што можат да се користат овие мрежи и колку успешни можат да се покажат. На референдумот што се одржа во октомври 2017 година гласаа повеќе од 2 милиони луѓе, од кои 92% беа за независност на Каталонија. 

Интернет за сите

Веројатно многумина ќе си речат зошто би ми била ваква мрежа, па си имам оптички кабел до дома и интернет-врската ми е совршена, зошто да се замарам со вакво нешто. Но, во Африка само 25% од луѓето имаат пристап до интернет, а на глобално ниво повеќе од 50% од светското население не е поврзано на интернет. Токму овие мрежи на заедницата можат да бидат револуционерната технологија што ќе го реши овој проблем.

Во бизнис-списанието Sloan Management Review, коешто го издава Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), има една статија со наслов „Седум технологии кои го создаваат светот одново“ и во неа рамо до рамо со первазивното компјутерско работење, машинското учење, 3Д-печатењето, биотехнологијата, нанотехнологијата и роботиката е безжичната меш мрежа, за којашто велат дека ги зголемува можностите за доаѓање до нова револуција на светско ниво и дека Guifi.net е најдобар пример за тоа.

Истражувачи од нашата лабораторија во Барселона активистички беа во „мисии“ за поставување на ваква мрежа и во Африка, Бразил, Индија... Меѓутоа, по неуспехот на мрежите во Индија и во Африка сфативме дека мрежата во Каталонија успева поради Каталонците, кои навистина се грижат за неа и ја одржуваат. И, затоа, нашиот следен фокус на интерес беше: како да ги направиме овие мрежи одржливи?

Блокчејн во функција на меш мрежи

И тука во игра влегоа големите универзитети. Од „Кембриџ“ добив покана за постдокторски студии, каде што ги истражувавме токму можностите како да се направат овие мрежи одржливи. Луѓето од Кембриџ се познати по тоа што знаат да ги комерцијализираат работите, што беше малку во спротивност со природата на оваа мрежа. По две години работење на темата, се појави револуционерната блокчејн-технологија и почнавме да истражуваме како да ја искористиме.

Така, пред две години станав дел од проектот AMMBR (Autonomous Modular Mesh Blockchain Router), еден од првите стартапи во доменот на блокчејн-технологијата. AMMBR е еден вид „Убер“ во телекомуникациската инфраструктура. Целта ни беше да продаваме евтин рутер, по околу 50 долари, со кој можеш да го насочуваш твојот сообраќај преку твојот јазол и за тоа да имаш мотив: да добиваш пари, т.е. токени. Ова беше механизам за заработување кој требаше да помогне луѓето да не ги исклучуваат нивните јазли од мрежата, што знае да биде проблем за меш мрежите.

Блокчејн технологијата овозможува создавање на едноставна безжична мрежа, која се разликува од VPN (virtual private network) затоа што самата гради своја инфраструктура. Блокчејн е дистрибуирана база на податоци во која сè е впишано и која е реплицирана во сите јазли на мрежата. Така што, ако јас ви испратам пет центи, сите во мрежата ќе знаат дека сум ви испратил пет центи. На овој начин, таа влева доверба и може да се смета на неа. За плаќање ги користиме криптовалутите како етериум, бидејќи секој може да развие свои токен, како што направивме ние за нашиот AMMBR.

Ни претстои борба за слободен интернет

Моментално во Македонија постои безжичната меш мрежа на „SunWireless“, која функционира низ некои градови од земјата и е добра како алтернативен метод за поврзување на интернет за луѓе што немаат инфраструктура во нивните домови.

Некои земји почнуваат да размислуваат и за државна поддршка на ваквите мрежи. На пример, во Индија, поставуваат многу базни станици за мобилни телефони, но со ограничување на бендвитот, па имаат свои верзии на апликациите како Фејсбук или Јутуб кои трошат помалку.

Интернетот е многу комецијализиран и малку се иницијативите за отворен интернет. Можете да речете дека нема потреба, но јас сметам дека има. Интернетот го смени светот, и борбата за слободниот интернет може да го смени уште повеќе. Другата борба што треба да се води е меѓу непривилегираните и привилегираните корисници во општеството, борбата меѓу луѓето кои имаат пристап до компјутери и лаптопи и оние што немаат. Можеби за нас, кои сме влегле во 2020-та година со лаптоп и 5Г или 4Г конекција, ова не е важно. Меѓутоа, мислам дека оваа технологија може да ни се најде за други работи: да биде спремна за периодот на децентрализација, затоа што почнува да се појавува кај первазивното компјутерско работење (pervasive computing) и ќе почне да се појавува во преносното компјутерско работење (wearable computing). Компаниите кои користат управување со синџири на достава, кои имаат логистика и дистрибуција со камиони – за нив блутутот е скап. По некое време, ќе се префрлат на безжичен интернет и со користење на фина меш мрежа ќе ги решат проблемите што ги имаат. Исто така, и во медицината – кога се прават операции управувани од компјутер во болниците, замислете што може да се случи ако конекцијата не е толерантна на грешки или нема голем бендвит. И токму во вакви случаи, меш мрежите можат да дадат голем придонес и да го сменат изгледот на светот што го знаеме.

Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа: Петар Поповски, Кирил Гаштеовски, Марија Стојанова, Марина Матеска, Илија Дуковски, Бесим Билали, Менка Стојанова, Емилија Локвенец, Небојша Илиевски, Блаже Аризанов и Билјана Гаштеовска.

No comments :

Post a Comment