Дискриминацијата има многу лица: национална, верска, расна, полова, социјална, сексуална, политичка... и јазична. Иако последна наведена, јазичната дискриминација си живее испреплетено со останатите и ја чувствуваме подеднакво тешко. Уште од мали нозе, кога ќе сме отиделе на гости во некое поблиско или подалечно место каде што се зборува на друг дијалект, па ќе сме се нашле меѓу група деца на кои тоа што го зборуваме им е чудно, смешно или глупаво – некако немало да ни дојде баш најарно на душата. И денес, кога од сите страни на медиумите наслушнуваме по некое делче од истата песна дека нашиот национален јазик треба да престанеме да го именуваме онака како што сме го викале целиот живот за да можеме да зачекориме во некоја замислена подобра иднина, тоа што нè боцка внатре сфаќаме дека не отапува така лесно.
Констанц Акерман-Бострем е постдокторантка на Универзитетот Упсала во Шведска. Зборува пет јазици и истражува во полето на социолингвистиката, односно се интересира за тоа како се идентификуваме преку јазикот и како ги идентификуваме и ги позиционираме луѓето врз основа на јазикот што го зборуваат и начинот на кој го зборуваат (акцентот, дијалектот). Денес таа го проучува стариот угро-фински јазик манкили, јазик кој е пред исчезнување бидејќи од 60-те години наваму родителите престанале да ги учат своите деца да го зборуваат.
За академската јазична дискриминација
Лингвистичката дискриминација им е секојдневие на оние што работат во меѓународни компании или на универзитетите, каде што англискиот јазик е јазикот на кој се вработувате, јазикот што морате да го користите и на кој треба да произведувате, да пишувате, а можеби тоа е јазик во кој и не ви е баш комотно како што ви е во некој друг.
„Како научник, на пример, ќе напишете труд на англиски и ќе добиете одговор дека треба да консултирате роден говорител во врска со него. Иако јасно се гледа што сте сакале да кажете, ќе ви биде потенцирано дека тоа не сте го кажале на доволно добар англиски“, вели Констанц за ситуацијата којашто на своја кожа ја почувствувал речиси секој што не е англофон, а напишал труд на англиски. Таа додава дека од зборувањето со акцент различен од оној на Британец или Американец, луѓето влечат паралела и го доведуваат во прашање научното знаење и компетенцијата на говорителот.
Таа лингвистичка дискриминација се огледува и во образованието. Едно истражување покажало дека наставниците низ светот ги сметаат за попаметни децата што учат англиски јазик како втор јазик, од оние што учат некој друг јазик. Во Австралија, пак, на меѓународните студенти кои дошле да студираат на англиски им се нуди не само јазична поддршка, туку и поддршка во студиите, што на некој начин укажува дека овие студенти се сметаат за помалку паметни од австралиските студенти само затоа што имаат акцент во изговорот на англискиот јазик.
На своја кожа
„И јас како универзитетски истражувач се соочувам со тоа. Порано, повеќето мои колеги беа од Велика Британија и од САД и во средина каде што е доминантен англискиот јазик сфатив дека станувам сè потивка меѓу колегите. Ги имам сите квалификации, сакам да зборувам, ме интересираат темите, но се повлекувам. Едноставно, нивниот јазик е поелоквентен од мојот и јас се самодискриминирам“, го споделува своето искуство Констанц, која и сега во средина со претежно шведски научници вели дека силно ја чувствува поврзаноста меѓу идеологијата и нејзиното влијание врз нашето поимање на јазиците како практични, романтични, убави, чудни.
Денес англискиот јазик е прифатен како современ јазик на науката, па на многумина им се случува да посакаат да го зборуваат како да се родени говорители. Кога работиме да го постигнеме тоа, Констанц смета дека всушност се трудиме да се одделиме од нашиот идентитет, да бидеме некој друг за да им удоволиме на другите. Од социолингвистичка гледна точка, тоа е сосема разбирливо, затоа што едноставно говори за нашата желба да се вклопиме во дадената средина. Таков е и нејзиниот личен пример на посета на логопед за да научи да го изговара шведското „р“, што за еден роден говорител на германски се покажало како невозможна мисија.
Игра на јазични тронови
Јазиците на науката во историјата се менувале. Латинскиот доминирал долго време, а на „тронот“ се смениле и германскиот и францускиот, за денес оттаму да господари англискиот. Според Констанц, тоа е огромна предност во нашиот глобализиран свет, но сепак недостасуваат повеќејазични работни средини, каде што ќе се прифатат и другите јазици.
Преголемата и исклучива употреба на англискиот во високите научни кругови доведува до осиромашување на другите, и поголеми и помали јазици, кои не развиваат сопствена терминологија за многу научни дисциплини, па говорителите на тие јазици нема да можат на својот јазик да им го пренесат стекнатото знаење на младите генерации.
Колку и да е едноставно денес да станеш повеќејазичен (па, јазик можеш да научиш на клик!), сепак Констанц смета дека еднојазичната националистичка идеологија, особено во западноевропските земји, е толку силна што секој обид за воспоставување двојазична или повеќејазична средина паѓа во вода. Затоа, заклучува таа, и голем дел од земјите низ светот кои се имаат брендирано како двојазични или повеќејазични во суштина тоа се само на хартија, а во реалноста се кошница што врие од јазична дискриминација. Бидејќи, јазикот е јазик, но во исто време јазикот е и политика, и идеологија, и оружје, и – моќ!
Дискусијата ја водеше Бојана Стојанова, а во неа учествуваа: Никола Стиков, Марија Стојанова, Драгана Стикова, Дино Граматиков, Кирил Гаштеовсски, Илина Јакимовска, Блаже Аризанов, Ивана Николоска и Викторија Димова.
No comments :
Post a Comment