Tuesday 8 November 2016

Повелете на коктели

Во Јапонија одам често и сум видел многу чудни работи, но сè до посетата на Tachibana Shinsatsushitsu ни самиот не знаев колку почудно можело да биде. Не, ова не е приказна за секс, дрога и рокенрол, бидејќи тоа би било премногу мејнстрим. Ова е пост за Golden Gai, делот од Tokyo со најголема концентрација на алкохол по квадратен сантиметар, и за еден од неговите најблесави барови. Tachibana Shinsatsushitsu е инспириран од гастроинтестинални клиники и служи коктели на таа тематика. Името е толку чудно, а локацијата толку збутана, што за да го пронајдеш ти треба сопруга која знае да чита јапонски букви кога е малку поднапиена.


Внатре, домаќинот носи бел докторски мантил и ти препишува коктели со имиња како colon hydrotherapy и enema liquid. Во барот има место вкупно за десет луѓе (ако се гушнат), и сите седат на иста маса на која се сервира чипс во лимени садови што се користат при операција. Коктелите се служат во епрувети и се мешаат со пинцета. Меѓу правилата на барот е дека секоја пијачка мора да се испие за максимум еден час и дека секој кој ќе заспие (?!) ќе плати казна од 5000 јени (2500 денари).

Но ова не е ни почетокот на чудесиите. Во барот се менуваат луѓето, кои седнуваат на единствената маса и се обидуваат да начнат муабет.  Ако не зборувате јапонски, не се секирајте. После секоја голтка гостите ќе стануваат сè позборлести. Па така ќе се запознаете со локален пар од Токио кој во наплив на гостопримство ќе ви поклони билети за да се качите на Tokyo Tower. Подоцна ќе видите дека билетите се од 2013 година.

Уште малку подоцна во барот ќе влезе будистички свештеник, кој ќе носи со себе албум од неговата свадба, во придружба на фотографот кој е автор на албумот. Свештеникот ќе реши да отпее една молитва и после свечено да го отвори албумот, откако претходно ќе стави бели ракавици за да не остави прсти на него. На разговорот ќе се надоврзат продуцентот на манга филмови и неговата преубава девојка која му служи како инспирација за character design. Тука ќе бидат и двајцата дваесетгодишници кои цела ноќ ќе негираат дека се пар, и чичкото кој цело време ќе кажува дека работи во драгстор, со акцент на зборот 'drug'. Шареното друштво ќе биде насобрано околу лустер со садомазо медицинска сестра ставена во формалин.

Е сега доаѓа најчудното: сето ова изгледа сосема нормално. Ниеден од тие луѓе не е полуд од тебе, кој си решил да се качиш во бар со скелети и медицински постери за да пиеш коктели со вештачки гомна со вкус на кајсија. Сите знаат дека ова е заебанција, и сите се многу природни и расположени. Во еден момент помислуваш дека можеби си пред скриена камера и дека сите одеднаш ќе скокнат и ќе ти кажат дека си punk'd. Ама не, пијачката се допива и време е за свежи фаци.  Ноќта е млада, а Golden Gai има да понуди уште многу чудесии.

Ајт на здравје!




P.S. За сите виртуелни пријатели кои дури и ова го прочитаа до крај: ви се чудам на паметот, но баш би сакал да испиеме еден коктел заедно:) Ако сте за, повелете во сабота (12 ноември) на коктел забава во еден скопски бар.  За детаљите пишете ми приватна порака на Фејсбук или Твитер. Слободно донесете пријател(ка), но ве молам не му правете ретвит или јавен share на постов.

No comments :

Post a Comment