Wednesday, 28 February 2018

Копање - Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов (2018)

Скопје го напуштив пред повеќе од 16 години. Не се сеќавам точно зошто и не се сеќавам точно кога. Само знам дека тоа не беше кога прв пат се качив на авион преку океанот. Ниту пак кога одбив да одам на некои протести, за мене туѓи. Ниту пак кога прв пат ја видов бившата со друг. А можеби беше по малку секој од овие пати.

Копање е филм за ваквите разделби. Нешто се случило помеѓу Ивица и Гораст. Од тогаш поминале 15 или 16 години. Сега кога повторно се гледаат, потајно се надеваат дека ќе произведат збор или објаснување што ќе ја избрише дистанцата. Арно ама Ивица го донел Алек со себе. Алек е петнаесетина години помлад и потсеќа на Гораст. Што им преостанува освен да почнат да копаат?

Филмов го видов во право време на право место. Беа таму многу луѓе од мојот претходен живот. Беше таму и Сидо, со кого пред 20 години си пишувавме долги писма. Од тогаш се имаме видено десетици пати и секој пат разменуваме сè помалку зборови. Овој пат само се ракувавме и промумлавме нешто неразбирливо. Се шмугнав во моето удобно ќоше од Фросина и ги набљудував познаниците, сокриен зад брадата која ја пуштив пред некоја година. Сакам ли да знам што им се случило на овие луѓе во меѓувреме?

Не останав на пијачките по аплаузот. Не ми се копаше тогаш и таму. Можеби некој стар пријател ќе го прочита ова и ќе посака да копаме заедно. Ако не, никому ништо...

Скопје, 28 февруари 2018

No comments :

Post a Comment