Tuesday, 2 June 2020

НА КАНТАР СО ОРДАН ЧУКАЛИЕВ: Стануваме сè позависни од увозот на храна

Храна. Ја јадеме секој ден, минимум по трипати и најчесто ја земаме здраво за готово, без да размислуваме што сè е потребно за да се најде во нашите чинии. Но, во периоди на криза, како оваа со КОВИД-19, почнува да нè јаде црвот на сомнежот дали како земја сме способни да се прехраниме ако останеме изолирани. И мислите сè почесто си ги фаќаме како ни одат кон садење мали градини во големите дворови, кои за повеќето од нас што живееме во станови се само пуста желба и илузија дека би можеле да си обезбедиме сигурност во некоја несигурна иднина.
Таквите прашања што ´ртеле периодов и кај членовите на „Наука за сите“ минатата среда имаа можност да добијат одговор. На редовната онлајн-дискусија, гостин беше професорот Ордан Чукалиев, кој предава наводнување на Факултетот за земјоделски науки и храна, а се занимава со сè што е поврзано со водата, земјоделството, почвата и животната средина. Ова се неговите размислувања за земјоделството за време на кризата и одговорите на прашањата од учесниците во дискусијата, пренесени во прво лице, за да ви го доловиме чувството дека го слушате додека читате.
Очекувани приноси и работна сила во ЕУ и во Македонија
Во најновите извештаи на Европската комисија за сегашната состојба во земјоделството во ЕУ, може да се прочитаат прогнози дека нема да има проблем со достапноста на храната, дека нема да има покачување на цените на храната – туку напротив, берзанските производи како маслото и шеќерот се очекува да поевтинат, пред сè, поради намалената побарувачка на овие продукти за производство на биогорива. Генерално, во земјоделството, а особено кај скробните култури (житарките) се очекуваат планираните просечни приноси. Годината се смета за промашена единствено во секторот цвеќе.
Ние во Македонија имаме многу малку податоци. На пример, знаеме дека зимските култури се посеани, но сè уште немаме податоци за пролетната сеидба и не знаеме дали е воопшто посеано. Сепак, имајќи предвид дека земјоделците немаат многу опции, малите фармери верувам дека посеале, а за големите закупци на земјиштето од старите земјоделски комбинати воопшто немаме податоци.
Интересно е што во европските извештаи никаде не се спомнува социјалниот аспект, а работната сила и тоа како е важна во земјоделството. Европа и претходно „кубуреше“ со работна сила и претежно ја увезуваше од земји како Романија, Бугарија, Македонија... Нашите земјоделци кои знаат да возат и трактор и комбајн, умеат да кројат и да прскаат и речиси нема операција што не можат да ја изведат, се навистина многу ценети и барани на Запад. Но, голем дел од тие сезонски работници, претежно млади генерации од Источна Македонија, сега не заминаа на работа на страна, па така во Македонија, за разлика од порано, годинава ќе имаме повеќе работна сила.
Сè позависни од увозот на храна
Ако едно време не бевме целосно самодоволни во производството на храна, денес сме многу подалеку од таа самодоволност. И покрај сите мерки во земјоделството изминативе години, ние имаме постојан пад во производството. Можеби имаме делумно покачување во приносите, кое на глобално ниво изнесува 10% на десет години како резултат на технолошкиот развој, меѓутоа поради намалувањето на површините што се обработуваат, вкупната продукција ни опаѓа и тоа прави да бидеме сè позависни од увозот на храна.
Производството на житарките е во најголем процент на земјиштето на старите агрокомбинати, додека над 90% од градинарските производи ги произведуваат индивидуалните земјоделци. Сточарството, исто така, околу 90% ни е лоцирано кај индивидуалните земјоделци, што е еден од поголемите проблеми. Тие не можат да обезбедат ни основни критериуми како еколошки стандарди, а да не зборуваме за благосостојбата на домашните животни. Кај нас земјоделството е ситно, а сточарството уште поситно. Еден земјоделец кај нас во просек располага со 2 хектара земја, а претежна големина на едно сточарство е помалку од три добиточни единици, (една добиточна единица одговара на една млечна крава или околу 10 кози или овци).
Нашето овчарство, кое беше навистина развиено и во 80-те години проценките беа дека Македонија има од 1,2 до 1,5 милиони овци, денес, според официјалните извори на податоци брои од 550 до 700 илјади овци. Што значи дека е една половина или една третина од тоа што било. Овчарството полека изумира бидејќи не може да се најде овчар.
Последиците од нашето ситно земјоделство, неорганизираноста на производителите и тоа што сме мали е што ние не увезуваме само храна, ние увезуваме и цена. Ние не можеме да кажеме дека цената на пченицата во Македонија ќе биде 20 денари за килограм ако во Србија е 7 денари, бидејќи веднаш некој ќе направи увоз од Србија, што е многу поразително за земјоделците и за целото земјоделство.  
Ограничено земјоделско производство
Во земјоделството, ние сме на дното – имаме меѓу најниските приноси во Европа и тоа во најголема мера се должи на катастрофално лошите природни услови. Кај нас најплодната почва е алувијалната, која е песок, водата ја создаваме со над стотина изградени акумулации, културите претрпуваат температурни шокови и сето тоа го сместува македонското земјоделство во т.н. земјоделски производства ограничени од недостатокот на вода. Едноставно, имаме прениски потенцијали и тоа прави да немаме инвеститори и странски капитал во земјоделскиот сектор.
Не можеме да помислиме да се споредиме со Бугарија или Романија, каде што се дојдени големи странски инвестиции во земјоделскиот сектор, водени од општопознатиот факт дека иднината на житното производство за Европа е во црноморскиот регион, кое располага со врвна технологија. Кај нас инвестицијата во технологија, опрема и механизација е нерентабилна доколку имаш само два хектара. Еве и практично како изгледа тоа: ако имате посеано пченица на двата хектари земја, приносот ќе ви биде 6 тони пченица. Цената е 12 денари за килограм, што значи дека годишно ќе заработите 72.000 денари. И сè да ви остане од тие пари, нема да можете да преживеете како земјоделец, а камоли да инвестирате, на пример, во трактор, кој чини 50.000 евра.
За да инвестира некој кај нас, треба да се ангажира да откупи од 10.000 луѓе по 2 хектара за да дојде до некоја големина на земјиште како на ЗИК Пелагонија на времето, што изгледа невозможно.
Лозарство пред марихуана и органска храна
Винарството е сектор што постојано се развива, но винариите се зависни од индивидуалните производители кои не можат да ги применат сите мерки што се бараат за производство на квалитетно грозје. А ако имаш лоша суровина, не можеш да имаш добро вино. Исто така, ние имаме вранец – интензивна, тешка и јака сорта што ретко кому во светот му се допаѓа, со оглед на тоа што во мода се сосема друг тип на сорти.
Поради овие проблеми, „Тиквеш“ веќе почна да инвестира во сопствени површини за да имаат контролирано производство на грозје и следливост, кои се невозможни кога купуваш од илјада фармери кои имаат по 1 декар лозје. Поради климатските промени, ние веројатно ќе мораме да го преместиме лозарството на малку повисоките региони и добро е да има нови инвестиции во нови насади, на нови површини, на поповолни услови, каде што не би се добивало преобоено и пресозреано грозје и од него, на пример, жолто бело вино како сега.
Инаку, според мене, винарството е апсолутно сектор со перспектива, бидејќи тука имаме добри квоти со ЕУ и мислам дека е дефинитивно сектор во кој треба да се инвестира и во кој можеме да имаме успех.
Во последно време многу се зборува за одгледувањето марихуана кај нас и многумина сметаат дека тука лежи голем бизнис. Јас воопшто не верувам во тоа. Ако Македонија успее да направи меѓународен бизнис со марихуана, набргу земји кои имаат подобри услови ќе се појават како производители и ќе нè уништат на пазарот. Марихуаната, односно лековитиот коноп cannabis indica, едноставно не можеме да го произведеме да ги задоволува фармацевтските стандарди за да може да се користи во фармацевтската индустрија.
Третото нешто во што се гледа потенцијал е органското производство, но јас не сум негов заговорник, затоа што го гледам на глобално ниво. Иако органското производство е добро за одржувањето на здравјето на почвата, тоа не може да постигне ист принос како конвенционалното. Како што вели ИНРА, Францускиот институт за земјоделство, во еден свој извештај од 2012 година: големи површини под органско производство подразбираат пад во продукцијата, а тој недостиг се надоместува со сечење на дождовните шуми во Бразил.
Органската храна, барем во Европа, не смее да биде третирана со синтетски пестицид. Затоа, таа тешко се складира и транспортира и е порасиплива. Јас како агроном, искрено, многу повеќе се плашам од микротоксините што ќе се развијат на органската пченица во складиште отколку од пестицидот прскан непосредно пред берба и затоа избегнувам транспортирана органска храна, но локално произведен органски домат секако дека сакам.
Дополнително, органските производи во Македонија локално не можат и не постигнуваат високи цени како на Запад.
Земјоделство на иднината: хидропонија и ГМО
Хидропонијата е присутна во Македонија веќе, тоа е целото градинарско производство коешто го јадеме од увоз – сè е хидропонија, зашто во светот речиси нема градинарство што не е на хидропонија. Дали се квалитетни тие производи? И по големина, и по облик, и по боја – да. Меѓутоа, мене вкусот ми е лош, јас го чувствувам мирисот на хидропонските раствори.
Во Македонија новите инвестиции во градинарството веќе одат кон хидропонско производство, кое ќе биде иднината на земјоделското производство и јас многу би сакал да го видам во секој дом, како урбано земјоделство. Наместо да качуваме дома 200 килограми земја, ќе земеме едно шишенце хранлив раствор кое ќе го разредуваме во вода и ќе одгледуваме домат.
Во врска со генетски модифицираната храна, јас сум убеден дека противењето на Европа кон неа се должи на тоа што Европа ги нема патентите за нејзино производство. Најголем дел од генетските модификации се однесуваат на единствениот хербицид Roundup Ready, кој уништува сè што е зелено освен носителот на генот. А и хербицидот, и генот за отпорност се сопственост на компанијата „Сингента“. Европа има сериозни производители на семе, и земјоделството немајќи одговор на генетските модификации, во првиот момент реагираше: не, ние не сакаме генетски модификации. Јас не сум генетичар и не се разбирам многу од генетика, меѓутоа цел живот јадам пилешко и внесувам гени од кокошки кои едноставно минуваат низ мојот дигестивен тракт и не влијаат на мене. Сепак, од аспект на животната средина, ако тој интродуциран ген побегне и сè стане резистентно и веќе не можеме да го контролираме, тоа е веќе сосема друг проблем.
Зачувување на семињата и сортите
Македонија перманентно учествува во меѓународните проекти за колекционирање на генетските ресурси, како што е и банката на семиња Сфалбад во Норвешка. Тука се однесени многу наши семиња за да се зачуваат растителните генетски ресурси, кои се светско природно наследство.
За жал, нашите генетски банки во Македонија останаа без финансирање и одвај се одржуваат неколку фрижидери за семиња, кои се под страшен ризик од губење. Ние имаме многу сорти кои се под закана за исчезнување. На пример, везената пиперка, ја нема во друг дел од светот освен на Балканот. А кај нас семето на везената пиперка го одржуваат индивидуални земјоделци и ако го изгубиме, еден ден би можеле да го обновиме од овие банки. Ние ја имаме изгубено и куртовска капија (познатата ајварка) и професорот Ѓорѓи Мартиновски имаше иницијатива за прочистување на куртовска капија, која денес наликува на холандски хибрид или на пиперките од Бачка Паланка.
Светот тоне во недостаток на вода
Примерот на Австралија најдобро кажува до каде сме со водата во светот. Водата е најзагрозениот и почнува да станува и најскапиот ресурс. Во Австралија водата стана берзански артикл и луѓето почнаа да ги затвораат фармите, затоа што земјоделското производство не може да си ја дозволи цената на водата.
Ние во Македонија сме добри со вода. Ние го имаме Охридското Езеро, кое веројатно има по еден кубен метар чиста пивка вода за секој жител на планетава. Но, кај нас, цената на водата е неоправдано ниска и само ако поскапе ќе ја вратиме свеста дека ресурсот нешто чини.
Земјоделството глобално троши 80% од годишната потрошувачка на слатка вода, а тие 80% се користат за наводнување на 15% од површините, од каде доаѓа над 40% од светското производство на храна. Водата има сериозен ефект во земјоделството и, кога зборуваме за наводнување, не зборуваме за зголемување на приносот со водата за 10 до 20%, туку за зголемување од 2 до 5 пати. Меѓутоа, дали е оправдано да го користиме овој ресурс во толкава количина и да предизвикуваме еколошки проблеми заради потребите на населението за храна... не знам, навистина не можам да кажам.
Каква храна – таков живот
Ако во оваа или во некоја идна криза се случи во некоја земја да има недостиг на домашниот пазар, тие сигурно нема да извезуваат храна. Србија, на пример, може кога сака нам да ни спречи увоз на пченица, брашно итн. Но, не верувам дека би останале без храна во услови на криза и покрај нашата голема зависност од увоз. Обезбеденоста на населението со храна на глобално ниво е многу висока политика и во случај никој да не сака да ни извезе, најверојатно меѓународните организации ќе ни излезат во пресрет со резервите што постојат.
Меѓутоа, ние мораме да размислуваме на темата и да го смениме нашиот став како држава кон земјоделството и кон агрономите. Производството на храна е есенцијата на животот. Јас секој ден, трипати на ден внесувам храна, а количината и квалитетот на храната силно влијаат на квалитетот на живеење и дури и на опстанокот на нацијата, ако сакате. Затоа, нашата струка треба да биде регулирана, а не оставена по маргините.

Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Горазд Росоклија, Елисавета Стикова, Илина Јакимовска, Илија Дуковски, Јордан Шишовски, Кирил Гаштеовски, Горан Купенков и Блаже Аризанов.

Литература препорачана од учесниците:
  1. „Преполнети и прегладнети“ - Раџ Пател (Stuffed and Starved - Raj Patel)
  2.  https://klimatskipromeni.mk/article/337#/index/main 

No comments :

Post a Comment