Словенија денес има околу 60 активни случаи на КОВИД-19. Ние, со денови наназад, добиваме по повеќе од сто нови случаи на ден. Голема улога во справувањето со кризата во Словенија одиграла веб-платформата „Следилник“ (www.covid-19.sledilnik.org), на којашто во реално време можат да се следат основните податоци поврзани со епидемијата, но којашто исто така нуди и модели за предвидување на текот на болеста.
Во креирањето и одржувањето на платформата учествувале и македонски инженери и тие сега ентузијастички ја адаптираат платформата на македонски и ја полнат со податоци. Од оваа недела објавена е и бета верзијата, достапна на treker.mk. Со тоа, на нашите стручни лица и носители на одлуки на едно место ќе им бидат достапни сите податоци и предвидувања, што ќе им даде појасна слика за болеста и ќе им овозможи попрецизно осмислување на идните мерки за справување со неа. Истовремено, платформата на јавноста ќе ѝ овозможи полесно информирање и следење на состојбата преку поедноставените визуелизации. Но, за да можеме максимално да ја искористиме платформата во борбата со епидемијата кај нас, неопходна е соработка со нашите институции и стручните лица.
На неодамнешната дискусија организирана во соработка со „Наука за сите“ се разговараше токму на оваа тема, при што гости беа инженерот Владимир Нешковиќ-Кесма, Љупчо Тодоровски, професор на Универзитетот во Љубљана и Никола Симиџиевски, постдокторант на „Кембриџ“.
Владимир Нешковиќ - Кесма |
Словенија, како и многу други држави, не била добро подготвена за епидемијата. Надлежните институции, како Националниот институт за јавно здравје и Министерството за здравство, не реагирале брзо и не информирале навремено. Групата ентузијасти од „Следилник“ го пополниле овој вакуум, за подоцна да им се приклучат и експертите од универзитетите.
„Предноста на ‘Следилник’ беше што имаше голема група инженери кои многу поагилно делуваат во вакви ситуации отколку државните институции. Програмери, аналитичари на податоци и научници што се занимаваат со податоци почнаа да ги дефинираат начините како да се собираат и да се претставуваат податоците и тоа се случуваше многу побргу од работата на институциите“, вели Владимир и додава дека ширењето на содржините и графиконите од „Следилник“ од уста на уста и нивното стигнување до луѓе на позиции што можат да даваат податоци, како на пример директори на болници, ги поттикнало да продолжат со започнатото. „Така, ние во исто време почнавме да ги добиваме податоците од неколку извори (од Институтот за јавно здравје, од Министерството за здравство и од директорите на болниците) и тоа во исто време кога ги добиваше и премиерот на државата“ вели Владимир, кој смета дека тие што ги даваат податоците имаат и најмногу придобивки од нив.
Што може да се најде на „Трекер“
Главните составни елементи на „Трекер“ се:
1. Елементарен инфо-кард на основните податоци за епидемијата: број на потврдени случаи, број на активни случаи, број на оздравени, број на хоспитализирани и број на починати.
2. Визуелизации на податоци поврзани со динамиката на бројот на заразени, при што сите категории можат да се избираат и да се конфигурира посакуваниот графикон на ситуацијата со КОВИД-19 преку таканаречен дешборд (dashboard).
3. Графикони на број на тестирани, позитивни и релативен број на позитивни случаи; графикон што може да се користи за барање на корелации на податоците од, на пример, телефонските тријажи со актуелниот број на позитивни случаи.
4. Приказ на структурата на потврдените случаи.
5. Бар-чартови кои ја покажуваат ситуацијата по општини – колку вкупно случаи имало, колку активни случаи има и кога е последниот случај, за да може да се сортираат и брзо да се добие слика во овој момент каде има повеќе заболени.
6. Споредба со други држави од регионот или светот, во која се прикажуваат податоци за смртност на милион жители. (во изработка)
Моделирање на R0
Освен информациите за повеќе елементарни индекси што се визуелизираат на дневно ниво, „Следилник“ вклучува и пресметка на индексот R0, кој го претставува очекуваниот број на луѓе кои ќе се заразат од еден заболен. За сузбивање на епидемијата овој индекс треба да биде помал од еден, и овој критериум би требало да биде основен репер за креаторите на политиките.
И токму во тоа се состои најголемото значење на оваа платформа, која не нуди само информирање, туку и предвидување за развојот на епидемијата и овозможува носење мерки базирани на попрецизни податоци од страна на носителите на одлуки.
Љупчо Тодоровски |
Во менито, во МОДЕЛИ, на пример, може да се најде SEIR-моделот (Susceptible Exposed Infected Recovered), направен од професорот Јанез Жиберт од Универзитетот во Љубљана, кој на дневно ниво се полни со нови податоци и според тоа дава пресметка на индексот R0 и следење на менувањето на неговата вредност од почетокот на кризата до денес. Моментално тој се мери на ниво на држава во Словенија, меѓутоа постои можност да се пресметува и на локално ниво врз основа на локалните кластери. „Овој модел на Јанез е само една од можните пресметки на R0, а секако дека има и други. На веб-платформата посетителите имаат можност и самите интерактивно да ги менуваат параметрите (освен оние за мртви, хоспитализирани и на интензивна нега кои остануваат фиксни) за да добијат ситуации од типот: што би било кога би било“, вели Љупчо Тодоровски и укажува дека со тоа всушност и стручните лица и креаторите на политики можат да разгледуваат различни сценарија за развој на епидемијата во зависност од промената на некои фактори.
Никола Симиџиевски |
Никола Симиџиевски, заедно со Љупчо Тодоровски, како што велат, „си играле“ и правеле свој систем за моделирање на податоци и прилично добро го предвиделе развојот, односно спласнувањето на епидемијата во Словенија. Никола вели дека и нивниот и сите останати модели се базираат на генерализација и на основната претпоставка дека и она што не е мерено би се случувало со истата динамика како она што е мерено, иако во реалноста не е баш така. На тоа Владимир се надоврзува и вели дека овие модели не ја покажуваат магично точно бројката на R0 и не даваат прецизни проекции. Токму затоа е добро да има што повеќе модели, па во комбинација со елементарните индекси да се даде поширока слика што би можеле да ја употребуваат креаторите на политиките.
„Трекер.мк“ по стапките на „Следилник“
И, стигнуваме до главниот момент, односно до тоа дека овие луѓе се ангажираа и за многу кратко време успеаја да го направат и да го пуштат во јавност „Трекер.мк“, македонскиот пандан на „Следилник“: covid-19.treker.mk.
Како што кажуваат, на почетокот податоците за Македонија ги собирале „рачно“. „Ако ги споредиме со Словенија, податоците од Македонија изгледаат релативно добро, иако и Словенија не е некој репер за конзистентно и навремено претставување на податоците“, вели Владимир и додава дека користат квалитетни податоци објавени од Институтот за јавно здравје кај нас, што навистина е од големо значење за платформата, која колку повеќе е „нахранета“ со податоци, толку повеќе корисни проекции може да исфрли.
И нашиот „Трекер“ ги има повеќето елементарни визуелизации за кои постојат податоци, а ентузијастите се надеваат и дека установите на кои најмногу и би им користело она што може да се добие од платформата, ќе соработуваат со нив во оваа благородна работа.
АПЕЛ ЗА СОРАБОТКА
Иако периодов е специфичен и веројатно носителите на одлуки и креаторите на политиките сметаат дека на повидок е зенитот на вториот бран и дека многу брзо ќе излеземе од кризата, сепак креирањето на оваа веб-платформа за Македонија ќе значи еден квантитативен скок, бидејќи на едно место, на еден екран ќе можат да се гледаат и да се споредуваат сите податоци (на пример, динамиката на растење на бројот на позитивни случаи да се гледа во контекст на тоа со каква динамика расте бројот на активни случаи), како и да се прават посмели хипотези врз база на повеќе графикони.
Исто така, платформата ја нуди можноста и за поставување нови модели за предвидување на текот на болеста од македонски научници, од кои некои се готови (како тој на професорот Ласко Баснарков од ФЕИТ), а некои допрва би се направиле. Со тоа, сликата за состојбата би можела да се гледа низ повеќе научни визури, што би дало огромен придонес во справувањето со кризата базирано на научни податоци.
Контакт: info@treker.mk
Twitter: @Covid19TrekerMK
Facebook: Covid19TrekerMK
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Никола Николов, Илина Јакимовска и Владимир Василевски.
Twitter: @Covid19TrekerMK
Facebook: Covid19TrekerMK
Дискусијата ја водеше Никола Стиков, а во неа учествуваа и: Никола Николов, Илина Јакимовска и Владимир Василевски.
Подготви: Наташа Атанасова
No comments :
Post a Comment