Tuesday, 26 May 2020

(НЕ)ФОРМАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ НА КАНТАР: Мост меѓу дипломата и посакуваната кариера

Здравата економија не може без силен бизнис-сектор, а тој пак не може без квалитетно образовани кадри. За високото образование се задолжени универзитетите, но со оглед на големото разидување на понудата на кадри и побарувачката на професии од страна на организациите на нашиот пазар, во игра влегуваат неформалните академии, кои во последните години се особено активни и атрактивни со своите програми за преквалификација за ИТ-професии.

Колку образованието, реално, е во функција на општествените потреби – ова беше рамковната тема на минатата онлајн-дискусија на членовите на „Наука за сите“ на Зум, каде што гости-панелисти беа: Драган Атанасов, генерален секретар на Сојузот за младинска работа, Димитар Силјановски, основач и главен извршен директор на ИТ-компанијата „Интертек“ и Александар Чамински, главен стратегиски директор на едукативната платформа „Бреинстер“.


Универзитетите, кадрите и бизнисот

Димитар Силјановски
Димитар Силјановски
Една компанија вреди толку колку што вредат луѓето во неа. Особено кога станува збор за компанија како „Интертек“ на Димитар Силјановски, која работи на развој на софтвер и чиј репроматеријал е мозокот на нејзините вработени. Кадрите за своите канцеларии во Скопје и во Минхен „Интертек“ ги црпи главно од ФИНКИ, Економскиот факултет и од универзитетите во Минхен и ЕУ/САД. Димитар ја потенцира разликата што постои помеѓу македонските и другите кадри: „Разликата што ја гледам не е во техничкото образование, кое е горе-долу слично, туку во ‘меките’ вештини, односно колку студентите знаат што се работни навики, давање фидбек за развојот на проектот, комуницирање со колегите и претпоставените...“

Димитар истакнува дека во Германија младите студенти своите работни навики ги стекнуваат преку работењето за време на студиите во компании каде што практично го работат тоа што го учат и кои за таа работа ем добиваат кредити по соодветните предмети, ем плата од компанијата. „Студентите за тие 2-3 години работат во нашата компанија по околу 20 часа месечно под раководство на ментор. Тие толку многу напредуваат, што кога ќе ги завршат студиите и реално почнуваат да работат полно работно време, веднаш стартуваат од повисока позиција“, вели Димитар.

За разлика од нив, македонските студенти можат да одат на пракса за време на летните месеци кога во нивната компанија нема на располагање ментор што може да им се посвети. Така, кога ќе вработат млад човек кој штотуку завршил на ФИНКИ, потребно е да инвестираат од 4 до 6 месеци во негово обучување за да почне да работи на најниска позиција како помлад развивач на софтвер.

(Не)иновативноста на високото образование

За едно целосно софтверско решение на компанијата „Интертек“ – од идеја до реализација, потребни се: развивачи на софтвер, проект-менаџери, продукт-менаџери, систем-администратори, скрам-мастери, дизајнери на корисничко искуство... Димитар вели дека за ниедна од овие професии на нашите факултети нема соодветно образование. Тој го лоцира проблемот во поставеноста на нашиот високообразовен систем каде што универзитетски професор е доживотна професија во која нема компетитивност, а со тоа и потреба за иновативност, па ретко доаѓа до промена на предметите и наставните програми.

„Сите наведени професии се навистина добро платени во Македонија, меѓутоа ние немаме образование за нив“, вели Димитар кој не гледа дека постои мотивација и поттик кај универзитетските професори тоа да се промени и се плаши дека ова доцнење со иновативноста во едукативниот процес ќе ја направи Македонија неконкурентна на светскиот пазар. „За среќа, сè уште има побарувачка на пазарот за развој на софтвер од пониско ниво – Јава, Јава скрипт, меѓутоа за 3 до 5 години ќе ја снема, како што ги снема веб-девелоперите кога излезе ‘Вордпрес’ и се плашам дека и како индустрија, и како држава ќе заостанеме само поради немањето поттик за професорите да учат нови работи, да бидат иновативни и да воведуваат нови технологии“, дополнува тој.

Соработка на граѓанскиот сектор и факултетите

Драган Атанасов
На пазарот на труд со својата побарувачка се и граѓанските организации, кои честопати знаат да се соочат со истиот проблем – немање соодветен кадар за одредени професии. Еден таков пример даде Драган Атанасов, генерален секретар на Сојузот за младинска работа, кој е мрежа од младински организации и организации кои работат со и за млади.

Станува збор за професијата младински работник – лице што професионално работи на поддршка на личниот и социјалниот развој на младите лица (од 15 до 29 години) и што е сродна професија на социјален работник, психолог, обучувач и наставник. Оваа професија е навистина многу застапена во Европската Унија, меѓутоа кај нас, како што кажува Драган, ја има само во граѓанските организации кои работат со млади луѓе, при што луѓето што ја работат се вработени како нешто сосема друго, поради тоа што квалификацијата младински работник не е вклучена во националната рамка на квалификации.

Процесот на воведување на оваа професија во Македонија како официјална е долг и комплициран и наликува на маѓепсан круг: „Не можете да имате професија за која немате формално образование, а од друга страна, ниту еден универзитет нема да почне формално образование ако на пазарот веќе нема таква професија, затоа што ќе нема каде да се вработуваат идните кадри“, вели Драган.

Така, генералниот процес всушност се состои од повеќе паралелни процеси: формирање програма, подготвување кадар, изработка на материјали од страна на универзитетот и програма која ќе се подложи на акредитација, што трае со години. Овој процес што Сојузот за младинска работа го почнал со Институтот за социјална работа и политика при Филозофскиот факултет во Скопје, а во соработка и со други универзитети од Европа, е финансиран преку програмата „Еразмус++“ на ЕУ и Драган очекува дека ќе се реализира за 2-3 години.

Програмата најверојатно ќе биде во форма на магистерски студии, што е поедноставно и реално поизводливо. За тоа време, вели Драган, додека факултетот работи на програмата, тие од граѓанскиот сектор треба да работат на отворање на работни места за идните младински работници, со што на некој начин ќе му гарантираат на факултетот дека идните студенти ќе имаат каде да се вработат.

Драган истакна и друг вид на соработка на граѓанскиот сектор, овојпат со Драмскиот факултет, која произлегла од потребата за користење на филмот како методологија при работата со младите. Тука, како што вели Драган, филмот не се користи како уметничка алатка, туку како алатка во функција на придобивки во поглед на некои општествени прашања од интерес за заедницата. Увидувајќи го разидувањето помеѓу нивната потреба за ангажирање професионалци од режија, камера и монтажа со соодветни компетенции за да одговорат на нивните потреби за работа со млади преку користење на филмот како алатка, тие организираат неформална едукација за младински работници и аматери кои се занимаваат со филм, што ќе биде спроведена врз основа на рамка на компетенции развиена во соработка со професори од Драмски.

Формална квалификација, неформална преквалификација

Александар Чамински

Третиот панелист на отворената дискусија, Александар Чамински од едукативната платформа „Бреинстер“ во голема мера се согласува со ставовите на Димитар дека недостасува мотивација на универзитетските професори. „Една од основните функции на образованието е да ги подготви и насочи студентите да изградат кариера. А за тоа е неопходна соработка меѓу формалното образование, неформалното образование и бизнис-секторот. Факт е дека бизнис-секторот во Македонија не е на ниво како во Германија или други поразвиени земји, меѓутоа постојат форми на соработка меѓу формалното и неформалното образование, каде што институциите од формалното образование прават договори со неформални академии со цел побрзо да се одговори на побарувачката на кадар во дадена индустрија“, вели Александар кој смета дека формалното и неформалното образование треба да се гледаат како два комплементарни сегменти.

Со оглед на тоа што на формалното образование можеби ќе му требаат три години да воведе некоја програма, а технологијата се менува со огромна брзина, тука неформалното образование стапува на сцена и на некој начин, ја спасува ситуацијата со своите програми што релативно бргу може да ги подготви и да ги понуди на пазарот. Сепак, во овој момент во Македонија улогата на неформалното или алтернативно образование е секундарна – генерално за преквалификација.

„Со ‘Бреинстер’ делуваме како еден вид лек за болките предизвикани во минатото од страна на формалното образование. Многу луѓе на нас гледаат како на втора шанса да ја насочат или целосно да ја променат нивната кариера за да се издигнат на личен или на професионален план – 90% од нашите студенти доаѓаат за преквалификација“, вели Александар и објаснува дека тоа е резултат на несоодветните квоти на студенти во општествените науки на нашиот најголем универзитет, па многу економисти и правници решаваат да ја сменат струката затоа што не ги направила баш најсреќни кога станува збор за снаоѓањето на пазарот на труд.

Иако со формалното образование досега немале соработка на ниво на институции, и покрај нивната желба за тоа, Александар кажува дека соработуваат со многу универзитетски професори, кои предаваат или помагаат во создавањето на програмите и проектите на нивните академии.

(Не)доверба во неформалните академии

Во врска со соработката на неговата фирма со академиите од неформалното образование, Димитар вели дека неформалните академии во голема мера им имаат помогнато со преквалификуваниот кадар, меѓутоа смета дека на преквалификуваните луѓе во ИТ им недостасуваат првите две универзитетски години каде што со математика и физика се гради нивниот начин на размислување и способноста за решавање проблеми.

Според него, потребна е синергија меѓу формалното и неформалното образование на тој начин што ќе го нудат и она што го нуди другиот, односно факултетите (особено техничките) да нудат и вонредни програми за преквалификација со што луѓето кои не можат да си дозволат да платат неформална академија би можеле да се образоваат, а неформалното образование да понуди и дополнителни квалификации на кадарот што излегува од редовните студии на другите универзитети.

На тој начин Димитар смета дека ИТ-индустријата може да биде потпомогната и од двете страни, а во исто време тука може да се вклучи и државата со регулирање на работењето на неформалните академии, за да се зголеми довербата во нив – и од страна на студентите и од страна на бизнисите. „Кај нас често доаѓаат студенти коишто се излажани и изманипулирани. Земале кредити за да платат програма на неформална академија, која им ‘гарантирала’ работа па и плата кај нас, а луѓето или не се доволно обучени или во моментот ние не можеме да ги вработиме и тие се излажани“, вели Димитар и додава дека ако не се среди ситуацијата во неформалното образование, може да дојде до голем хаос и студентите да ја изгубат довербата во него, што пак ќе води кон негенерирање на и тоа како потребниот кадар за ИТ-индустријата. 

Александар вели дека токму за зачувување на таа доверба, тие во „Бреинстер“ ја надгледуваат иднината на сопствените кадри, инструкторите стојат на располагање на студентите кои имаат завршено на некој од курсевите. Тој додава дека во рамки на „Бреинстер“ постојат и т.н. „learning + hiring“ партнерства, каде што компаниите презентираат идеја за сегашен или иден проект на студентите кои го изработуваат со цел да се стекнат со реално искуство. Компаниите имаат можност да прават „скенирање“ на кадри за време на изработката на проектот и потоа да ги повлечат за почетни позиции.

Блиц идеи и заклучоци

Во текот на дискусијата, од панелистите а и од останатите учесници беа истакнати и други можности за унапредување на соработката меѓу тријадата: формално, неформално образование и бизнис-секторот, како и неколку заклучоци од дискусијата:

  • Паметните фирми прават свои академии, исто како што паметните држави прават свое добро образование.

    Дуалното образование, поттикот од страна на државата средношколците да одат на практична работа во компании за што добиваат соодветен надомест, е win-win-win ситуација: средношколците добиваат практично знаење и можност за вработување, компаниите стручен кадар, а државата намалена невработеност.
  • Во Германија државата е таа што помага за преквалификација на кадрите. Таа преквалификација трае 3 години, период во кој човекот зема месечен надоместок од државата и плата од фирмата каде што оди на практична работа додека се образoва, со што вистински се поттикнува потребната прекалификација, која не паѓа на грбот на луѓето и тие не треба да преземат голем ризик за да ја направат.
  • И факултетите, исто како и неформалните академии, можат да ангажираат луѓе од бизнис-секторот да држат предавања и да го пренесат своето знаење од одредена област на студентите. На менаџерите тоа би им одговарало, затоа што ќе имаат директен пристап до младите што можат да ги регрутираат во своите компании.
  • Кариерното насочување треба да фати корен порано во нашето образование, за да добиваме здрави генерации на кадри кои ќе соодветствуваат на потребите на пазарот.
  • Нема да има вистинска соработка меѓу формалното, неформалното образование и бизнис-секторот сè додека сите страни не го увидат својот интерес во тоа. А за таа соработка да биде и квалитетна, потребно е во центарот на вниманието да се стави студентот и неговиот напредок.

Дискусијата ја водеше Кирил Гаштеовски, а во неа учествуваа и: Никола Стиков, Атанас Кирјаковски, Петар Поповски, Билјана Гаштеовска, Илија Дуковски, Горан Купенков и Филип Илиевски.

No comments :

Post a Comment