Храна. Ја јадеме секој ден, минимум по трипати и најчесто ја земаме здраво за готово, без да размислуваме што сè е потребно за да се најде во нашите чинии. Но, во периоди на криза, како оваа со КОВИД-19, почнува да нè јаде црвот на сомнежот дали како земја сме способни да се прехраниме ако останеме изолирани. И мислите сè почесто си ги фаќаме како ни одат кон садење мали градини во големите дворови, кои за повеќето од нас што живееме во станови се само пуста желба и илузија дека би можеле да си обезбедиме сигурност во некоја несигурна иднина.
Таквите прашања што ´ртеле периодов и кај членовите на „Наука за сите“ минатата среда имаа можност да добијат одговор. На редовната онлајн-дискусија, гостин беше професорот Ордан Чукалиев, кој предава наводнување на Факултетот за земјоделски науки и храна, а се занимава со сè што е поврзано со водата, земјоделството, почвата и животната средина. Ова се неговите размислувања за земјоделството за време на кризата и одговорите на прашањата од учесниците во дискусијата, пренесени во прво лице, за да ви го доловиме чувството дека го слушате додека читате.





