Кој високо лета, ниско паѓа, а сè што лета не се јаде. Летни од среќа, ама немој и да леташ со паметот. Сепак, кој високо лета, далеку гледа. Малиов летачки вовед со поговорки кои се оставштина од памтивек, покажува дека нашиот народ отсекогаш размислувал за летањето. За жал, за поголемиот дел од населението, летањето беше само мисловна именка сè до влегувањето на „Визер“ на македонските аеродроми. За среќа, пак, токму тука се крие интересна приказна за еден наш човек кому може да му се припише дел од заслугата за доаѓањето на „Визер“ во Македонија и нашето разлетување.
Станува збор за Костадин (Дино) Граматиков. Иако има завршено маркетинг на Економскиот факултет во Скопје, а подоцна и магистерски по извршна бизнис-администрација (Executive MBA) на Женевскиот универзитет, од средината на 90-те па сè до заминувањето од Македонија, работи на полето на аналитиката и електронските комуникации. Од 2007 до 2015 година работи во „Визер“ и таму е токму во времето кога Македонија почнува преговори со оваа нискобуџетна авиокомпанија да почне да лета од Скопје. Дино моментално работи во „Инмарсат“, водечка компанија во светот за сателитска комуникација. Допирна точка со авиоиндустријата му е ви-фи интернетот во авионите и сè уште ја следи авиоиндустријата, каде што, како што кажува и самиот, го имал најинтересното работно место во животот: работел на отворање и развој на пазари на „Визер“ во ЈИЕ, го дизајнирал системот на цени и ги контролирал цените на над 20.000 летови во исто време.