Saturday 31 December 2016

Музички топ 16 за 2016

Колку многу смрт! Во 2016 си заминаа Bowie, Cohen, Prince и Sharon Jones, оставајќи зад себе илјадници концерти, стотици албуми и десетици незаборавни вечери во кои играв, пеев и го дишев со нив истиот мемлив воздух полн со возбуда и пот. Слава им!

Колку многу добра музика! Bowie и Cohen си заминаа со албуми кои ѝ пркосат на смртта пеејќи ѝ директно во очи. Nick Cave ја преточи тагата од загубата на синот во уште едно елегично ремек дело. На страна проклетството на смртта, имаше место годинава и за прослава и за протест, посебно благодарние на домашните музичари како Љубојна, Легијата и Bernays Propaganda.  


Не помнам година што толку ми ги растреперила струните на срцето со музика. Одбројувањево го започнувам на последниот ден од 2016, а планирам да го завршам таму некаде на крајот од јануари. Значи ѝ давам на 2016 уште еден месец да ме изненади со уште по некој музички бисер, а 2017 ја замолувам да се стрпи со упокојувањата, за да можеме на раат да ги исплачеме легендите кои нè напуштија годинава.