Tuesday, 9 February 2021

С(Ц)ИЕСТА СО КИМЕТ ЈУСУФИ: Привлечен од гравитацијата, вовлечен во црните дупки


Името на Кимет Јусуфи низ медиумите се појави на крајот на минатата година кога претседателот на државата му го врачи новоустановеното признание за успешен млад научник за 2019 година. Биографијата на Кимет е навистина импресивна, особено поради тоа што, додека ја градел својата плодна научна кариера, тој работел со полно работно време како наставник во гимназијата во Гостивар. 

Има еден месец откако Кимет престанал да работи во гимназијата. Сега, кога е целосно посветен на академската дејност како доцент на Тетовскиот универзитет и истражувач по теориска физика, тој учествуваше на првата С(ц)иеста во 2021-ва.

Привлечноста на гравитацијата

Кимет се сеќава дека во основно училиште немал добра претстава што е физиката и дека добрите учебници во средно го привлекле да ја засака оваа наука, која почнал во најголема мера да ја изучува сам, решавајќи збирки со задачи. Продолжил да го следи жарот во себе и се запишал на Факултетот по физика на УКИМ, каде што потесен избор му била теориската физика. За првпат седнал да пишува нешто, како што вели „обид за труд“ за дипломската, кога се заинтересирал за космичките струни (cosmic strings). По космичките струни, силно го привлекла гравитацијата и проучувал феномени, како тополошките дефекти, и се занимавал со мисловни проблеми, како парадоксот на подморница. Пред да се запише на докторски студии, Кимет веќе имал напишано неколку трудови и вели дека кога сакате да учите и да објавите нешто, најважен е процесот на читање книги. „Нека се само пет наместо дваесет книги, ама да се навистина добри и од нив да можете да научите многу“, смета тој.

Кога се запишал на докторски студии на УКИМ, немало со кого да соработува на полето на теориската физика, па размислувал надвор од рамките на матичниот универзитет: „Поентата на науката не е само да напишете еден труд, треба и да комуницирате со луѓе, да слушнете различни мислења за проблематиката што ве интересира“, вели Кимет, кој контактирал луѓе со исто поле на интерес преку интернет и, при проучувањето на гравитацијата, успеал да направи своја група на соработници од Кипар, Чиле, Канада, Кина, Италија и Турција.

Во тој период Кимет објавил голем број на публикации (повеќе од 50 труда со над 10 цитирања) и по докторските студии се вработил во гимназијата во Тетово, додека паралелно работел и како асистент на Тетовскиот универзитет по квантна механика. „Тој процес на предавање на факултет ми помогна многу. Таму за првпат успеав да видам добри книги од квантната механика и во суштина да ја разберам проблематиката и да сфатам зошто е тоа толку тежок предмет“, вели Кимет, кој паралелно почнал научно да се занимава со Хокинговото зрачење и со проблематиката на црните дупки.

Светлата страна на темната дупка

Ако 20-от век го имаше слетувањето на Месечината, 21-от засега ја има фотографијата на црната дупка. „Живееме во време кога имаме фотографија од една црна дупка, што е прекрасно за науката и овозможува нови патеки за сите млади научници“, истакна Кимет при свеченото врачување на наградата за млад научник од претседателот. За илустрација на големината на овој скорашен човеков потфат, Кејти Бауман, првиот човек на проектот, вели дека тоа е како да успеете да фотографирате портокал на површината на Месечината од Земјата.

На прашањето што е всушност тоа што го гледаме на најпознатата фотографија од вселената во изминативе две децении, Кимет вели дека ние всушност на неа не ја гледаме црната дупка, туку го гледаме тоа што се вика сенка на црната дупка. Ние не ни можеме да ги видиме црните дупки затоа што нивната гравитација е толку силна што и светлината бега во нив, меѓутоа ако црната дупка се наоѓа во центарот на некоја галаксија, се проценува дека има честички кои ротираат околу неа, кои не се вшмукани во неа и тие емитираат дел од светлината. Така, тоа што го гледаме е радиусот на сенката на црната дупка. „Иако многу од луѓето веруваат дека црната дупка е како ѕвезда, таа е само простор-време, карактеризирана со хоризонт на настани. Целата материја колабира и се претвора во енергија“, појаснува Кимет.

Во врска со терминот „црна дупка“ наспроти „црна јама“, за кој некои научници кај нас сметаат дека е посоодветен за именување на овој концепт, Кимет вели дека можеби е така, но во суштина сè уште со целосна сигурност не се знае што точно се црните дупки и дали има нешто на другата страна на тоа што се нарекува „wormholes“ (црвоточини) за да знаеме кој термин е посоодветен.

Материја, темна материја и антиматерија

Во поглед на работите што треба да се истражуваат во физиката, Кимет смета дека има конкретни и прости проблематики кои се недоволно истражени и како резултат на тоа, ние не ги разбираме како што треба. Така е, на пример, со темната материја, а за разлика од неа, дури 40 години се вложувале ресурси во фундаментални теории како теорија на струни, но без поголеми резултати. „На пример“, објаснува тој, „има интересна теорија од Ерик Верлинде, холандски физичар, кој вели дека темната материја не постои како фундаментална честичка, туку е ефект на интеракција на вакуумот или квантниот вакуум со другите честички или материјата“

А кога сме кај темната материја – тука е и антиматеријата. „Таа е научен факт, не е нешто непознато“, вели Кимет и додава дека сепак, и во тој домен останато е нерасчистено прашањето зошто нашиот универзум преферира материја пред антиматерија, зашто тука има кршење на симетријата која ја сметаме за универзална. Исто така, останува отворено и прашањето дали можеби постои друг универзум кој, обратно од нашиот, преферира антиматерија.

Наука и настава

„Eдна од најубавите работи што човек може да ja направи е да предава на деца“, вели Кимет и кажува дека тие осум години додека бил наставник биле многу среќен дел од неговиот живот: „Јас би им препорачал на тие што имаат можност да предаваат некој предмет, да ја зграпчат можноста и од неа да извлечат максимум. На пример, се случувало ученик што не знае физика, да ме праша нешто многу интересно и да ми отвори нови видици. Од друга страна, да објасниш гравитација или електромагнетни бранови со прости зборови за да те разберат децата – тоа бара и познавање на науката, но бара и човек да вложи труд, да размисли како да го објасни тоа и откако на едни деца ќе им го објасни, да бара начин како на следната генерација да им го објасни уште подобро, врз основа на стекнатото искуство.

Кимет вели дека во средното образование кај нас има многу проблеми и дека особено тешко му паѓало тоа што во гимназијата каде што работел физиката не се сметала за важен предмет. „Децата не треба да се лажат дека физиката е лесна, тешка е и токму затоа треба да седнат и сериозно да работат“, вели тој. Убеден е дека додека се предава треба да им биде интересно на децата, но и на наставникот, кој со тоа има можност да зборува за тоа што го знае и да го пренесува знаењето.

Кимет во својата кариера минал макотрпен пат. Работел паралелно две особено предизвикувачки работи и притоа останал во Македонија. За оваа своја одлука, при крајот на дискусијата, тој вели: „Според моето искуство, нема ништо страшно во тоа да се биде научник и да се работи како наставник. Да, треба да вложиш многу енергија, но во наши услови тоа е најдоброто што може да го направи човек – да ги учи децата, затоа што така можеш да го промениш општеството. А за вложувањето на енергијата – подобро да ја вложиш во наука отколку во непродуктивни активности. Ние научниците што остануваме тука во Македонија ризикуваме многу, ја ризикуваме нашата кариера за да направиме да биде подобро тука за идните генерации и жал ми е што тоа не го почитуваат сите. Меѓутоа, мислам дека има надеж дека работите можат да се променат и во моментов мојата работа на тоа е преку студентите – да работам на тоа да има добри студенти, тие добри студенти можеби и да отидат во странство и да стекнат поголемо знаење и искуство, но да се вртат во државата и да продолжат да придонесуваат тука.

 

Дискусијата ја водеше Илија Дуковски, а во неа учествуваа: Никола Стиков, Кирил Гаштеовски, Алек Димитриев, Илина Јакимовска, Блерим Емрули, Владимир Кузмановски, Менка Стојанова и Виктор Стефов.

 


No comments :

Post a Comment