Monday 30 November 2020

Кон подобро образование и наука


На социјалните мрежи се шокираме што образованието ни е потпросечно, но во училишните клупи наместо натпревар бараме пат до лесна петка или десетка. Во науката објавуваме трудови во предаторски списанија, а потоа се жалиме дека ниеден македонски универзитет не може да се најде во топ 500 на Шангајската листа. Во работните огласи промовираме меритократија, ама кога треба да се вработи некој со побогато CV, на сцена стапуваат непотизмот и плутократијата. Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

Tuesday 3 November 2020

С(Ц)ИЕСТА СО ХАРИС БАБАЧИЌ И НИКОЛА ПАНОВСКИ: Не смееме да се препуштиме на стихијата на КОВИД-19

Македонија жестоко го дочека есенскиот бран на КОВИД-19 епидемијата. Иако беше долго најавуван, сепак се чини дека многу луѓе не го сфатија сериозно. Меѓу нив се и оние што го најавуваа но не преземаа соодветни превентивни мерки, а и оние што ги слушаа најавите, но уште повеќе го слушаа внатрешниот глас што им велеше дека епидемијата заврши откако се олабавија во летните денови со релаксирани мерки.


И, додека трае домашното (а и светско) првенство во пинг-понг со префрлување на вината за бројките од вториот бран, на последната научна с(ц)иеста се разговараше за тоа: каде бевме, а каде сме сега со разбирањето на КОВИД-19; како се справува светот, а како ние со вториот бран; и што можеме да направиме поинаку и подобро?

Гости на дискусијата беа Харис Бабачиќ, докторанд на Институтот Каролинска во Стокхолм, и Никола Пановски, специјалист по медицинска микробиологија и професор на Медицинскиот факултет на УКИМ.