Showing posts with label НештоЛично. Show all posts
Showing posts with label НештоЛично. Show all posts

Monday, 30 November 2020

Кон подобро образование и наука


На социјалните мрежи се шокираме што образованието ни е потпросечно, но во училишните клупи наместо натпревар бараме пат до лесна петка или десетка. Во науката објавуваме трудови во предаторски списанија, а потоа се жалиме дека ниеден македонски универзитет не може да се најде во топ 500 на Шангајската листа. Во работните огласи промовираме меритократија, ама кога треба да се вработи некој со побогато CV, на сцена стапуваат непотизмот и плутократијата. Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

Friday, 27 March 2020

#НаукаЗаДеца


Во време кога никој не знае со сигурност како да се справи со коронавирусот, добро е да си ги бираме битките и да се обидеме да дадеме придонес онаму каде што сме најсилни. Јас не знам дали е неопходно да се носи маска, не знам дали моменталните мерки се претерани или не, но знам дека на сите овие прашања науката кога-тогаш ќе даде одговор. Додека дојде тој момент, ќе го правам она што најдобро го знам -- ќе споделувам наука со луѓе кои прифаќаат неизвесност и нови перспективи. А кои луѓе најдобро го прават тоа? Па нормално, децата.

Wednesday, 27 November 2019

Година без Горан

Во 1997 заминав за Америка и мислев дека веќе нема да се вратам во Македонија. Така мислеа и родителите и сите пријатели. Само еден човек прописно ми ја предвиде иднината. Тоа беше Горан Стефановски.

Го немав запознаено Горан лично, но во годините што следеа имав впечаток дека тој е единствениот човек на светот што ме разбира. Пишува за мене во неговите драми. Ми се обраќа преку интервјуата. Ме тера да ги слушам Битлси, Леб и Сол, но и Куку Леле. Преку Силјан од Црна Дупка ме предизвикува дека не можам да свршам со отворени очи (можам Горане, можам). Преку Рина од Кула Вавилонска ми предвидува дека ќе се враќам во Македонија кога другите ќе сакаат да бегаат. Остави ме на раат Горане, не се враќам па мајка Јана!


Friday, 5 July 2019

За Сидо, со 'c' co cè


Чувам огромна кутија со писма напишани од драги луѓе во 90-тите. Често копам по неа за да се навратам на едно време кога мислев дека луѓето чиишто писма се спакувани таму ќе можам во секој момент да ги контактирам и да го продолжиме разговорот онаму каде што застанал. Каква заблуда! Многу од тие луѓе веќе одамна не постојат. Постојат нивни нови верзии, филтрирани низ Инстаграм филтри и ажурирани на Фејсбук, ама со тие верзии јас немам муабет. Лесно е да се заборави зошто некои од нив ми значеле толку многу што сум им посветувал саати пишувајќи писма и години чувајќи ги нивните одговори. Но тоа не е случајот со Сидо.

Saturday, 4 May 2019

За сјајот на Едо Маајка


Се сеќаваш на првата половина од Махир и Алма? Како ја научивме на памет и си ја рецитиравме до бесвест? Вториот дел, оној во кој Махир и Алма доживуваат трагедија, најчесто го прескокнувавме. Нивната судбина ни звучеше толку страшно што ја прекинувавме песната за да не ја расипеме бајката.

Monday, 18 June 2018

А да оладевме малку околу името?

Одбивам да отидам во Грција сè додека не ни го признаат името. Издржав на овој став 27 години и не планирам да отстапам од него. Но што ако се постигне договор и Грција нè признае под име за кое двете држави постигнале договор? Дали во мојата глава тоа ќе биде доволен изговор за да ја посетам таа толку блиска а толку далечна земја? И уште поважно, можно ли е да бидам патриот, а сепак да ги содржам во себе и двете позиции околу спорот за името? Walt Whitman би рекол да. Ама кој чита поезија овие денови? Паролите секогаш биле попривлечни од стик… пардон… стиховите.



Sunday, 6 May 2018

Од #СмрттаНаХуморот до златната палма и назад

Од Трајко Џиков до Митко Панов
Секој ден, пред да седнам да работам, бесцелно сурфам на интернет. За време на студиите ова го сметав за најголемиот проблем во мојата работна етика. Ќе заглавев со сурфањето до три саат наутро, цимерот одамна заспан, а јас симнувам емпетројка од бавниот австралиски сервер што на времето ја имаше најдобрата ex-YU музичка колекција. Знаеше ова да ми создава и проблеми во врската, зашто ќе ѝ кажев на жена ми дека ми требаат уште пет минути да завршам еден труд, без да земам предвид дека ќе ми треба барем пола саат сурфање за на трудот да му дојдат неговите пет минути.

Wednesday, 21 March 2018

Денот кога го видов Stephen Hawking

Пред речиси точно 20 години бев на предавање на Stephen Hawking. Кога минатата недела слушнав дека човекот нè напуштил, првиот инстинкт ми беше да се потсетам на предавањето, копајќи по старите меиловите архивирани на Pine и испратени преку Информа. Подолу се фрагменти од еден поранешен јас, деветнаесетгодишен, импресиониран, и фрустриран од неспособноста да го доловам искуството со зборови. 

Tuesday, 27 February 2018

Наместо осврт кон Исцелител

On 1/10/2018 7:09:43 PM, Nikola Stikov <stikov@gmail.com> wrote:
Драг Ѓорче,
Тајната состојка
во домашна атмосфера
Поминаа речиси два месеци откако Исцелител појде во поход, и верувај нема ден да не помислам на тебе и на твојот успех. Не знам што ме прави посреќен: тоа што после долго време имаме македонски филм за кој се зборува во суперлативи или пак што авторот на тој филм ми е еден од најстарите пријатели. Со нетрпение ја чекам секоја нова критика за филмот, оти знам колку значи да бидеш забележан од Hollywood Reporter и Variety. Со ќејф го читам секое твое интервју, оти како малку луѓе знаеш да го одмериш зборот и да не претераш со изјавите. Со гордост се фалам дека мојот пријател (а често и конкурент од натпревари по математика и физика:) направил супер филм. Убеден сум дека сега веќе никој не се чуди зошто го напушти електро со три десетки за да студираш на ФДУ:)

Tuesday, 15 August 2017

За 30 години со Дилан Дог



Денес се навршуваат 30 години откако југословенскиот Дневник го објави првото издание на серијалот Дилан Дог. Читав јас стрипови и пред тоа, ама ова беше првпат да го уловам раѓањето на еден стрип јунак. Првиот број се викаше Доктор Ксабарас, несреќен превод на оригиналниот ромеровски наслов, Зора на живите мртовци. Бев убеден дека сè уште го чувам тоа издание, но позајмувањата, селењата и генералните чистења си го направиле своето. Мојот Доктор Ксабарас веројатно се преселил во стрип рајот каде што нема другари што не враќаат стрипови и мајки опседнати со хигиена, а мене ми остави траен белег и фасцинација со хорор жанрот.

Tuesday, 8 November 2016

Повелете на коктели

Во Јапонија одам често и сум видел многу чудни работи, но сè до посетата на Tachibana Shinsatsushitsu ни самиот не знаев колку почудно можело да биде. Не, ова не е приказна за секс, дрога и рокенрол, бидејќи тоа би било премногу мејнстрим. Ова е пост за Golden Gai, делот од Tokyo со најголема концентрација на алкохол по квадратен сантиметар, и за еден од неговите најблесави барови. Tachibana Shinsatsushitsu е инспириран од гастроинтестинални клиники и служи коктели на таа тематика. Името е толку чудно, а локацијата толку збутана, што за да го пронајдеш ти треба сопруга која знае да чита јапонски букви кога е малку поднапиена.

Friday, 22 July 2016

Месец дена во македонскиот експрес лонец



Дехуманизирачки. Така би ги опишал оние месец дена кои ги поминав пролетва во Македонија. Двете страни се тргнати во касапење на карактерот на секој кој не е од 'нивна'. Противникот не е човек, тој е комуњар, соросоид, предавник, стока, цепаница, или било кој друг епитет кој му ја одзема хуманоста и го прави легитимна мета на навреди, потценување и игнорирање. 

Friday, 22 April 2016

You Sexy MF



Ексцентричен!

Така те нарече татко ми додека те гледавме како играш на високи штикли околу една девојка што свири гитара, пеејќи ја легендарната песна на Tom Jones, 'Kiss'. Во тоа време во моите очи Томџонс беше кралот на добриот вкус и доброто бакнување, а ти се гребеше од неговата слава и му ја извитоперуваше песната со чудно фалсето и неодредена сексуалност, светлосни години далеку од потта и влакнестите гради на Рударот од Велс. А сепак, чувствував некоја чудна привлечност кон зборот 'eксцентричен' и твојата андрогена појава.

Tuesday, 12 January 2016

Две недели култура во Скопје


Во Скопје доаѓам прегладнет.  Не само за кифли од фурна, туку и за добар муабет и за доза култура.  Заборавам на секојдневните обврски, долгите меилови, бавните состаноци и брзата храна на Северна Америка.  Го баталувам инбоксот и скитам низ скопската магла во потрага по храна.  Уживам во тие скитања, додека се полни и стомакот и душата.

Monday, 11 January 2016

Збогум Spaceboy


Викендот го минав со ★, новиот албум на David Bowie, на repeat.  Го слушнав минимум дваесет пати, уживајќи во музиката и борејќи се со текстовите.  Имав чувство дека станува збор за концептуален албум, но немав идеја што е концептот.  Го споредив со Earthling и Outside по својата радикалност, со Station to Station по својата музикалност.  Се обидов дури и да напишам осврт за албумот, но ми фалеа зборови.