Tuesday 27 February 2018

Наместо осврт кон Исцелител

On 1/10/2018 7:09:43 PM, Nikola Stikov <stikov@gmail.com> wrote:
Драг Ѓорче,
Тајната состојка
во домашна атмосфера
Поминаа речиси два месеци откако Исцелител појде во поход, и верувај нема ден да не помислам на тебе и на твојот успех. Не знам што ме прави посреќен: тоа што после долго време имаме македонски филм за кој се зборува во суперлативи или пак што авторот на тој филм ми е еден од најстарите пријатели. Со нетрпение ја чекам секоја нова критика за филмот, оти знам колку значи да бидеш забележан од Hollywood Reporter и Variety. Со ќејф го читам секое твое интервју, оти како малку луѓе знаеш да го одмериш зборот и да не претераш со изјавите. Со гордост се фалам дека мојот пријател (а често и конкурент од натпревари по математика и физика:) направил супер филм. Убеден сум дека сега веќе никој не се чуди зошто го напушти електро со три десетки за да студираш на ФДУ:)

Не мислам дека имам многу да додадам околу Исцелител од она што веќе го напишаа критичарите. Си направил филм коj функционира на многу нивоа. И како симпатична стоунер комедија што руши бариери за нации, генерации, па и легализации; и како неореалистична драма во која може да се препознаат 90 проценти од луѓето во Македонија; и најважно од сè, како интимна приказна која е направена за своја душа и во која се гледа дека имаш вложено голем дел од себе. Oд првиот кадар со твоето име растворено во чаша вода, па сè до финалните кредити, препознав имиња и ликови на многу драги луѓе. Се радувам што времето и географските дистанци не направиле да ги заборавиш оние кои ти помогнале по пат, вклучувајќи го и Владимир Блажевски. Сè до лани неговиот Панкот не е мртов беше за мене најдобриот македонски филм во 21 век. Годинава сум убеден дека Блажевски си има најдено достоен наследник. И како што треба да биде, убеден сум дека ученикот ќе го надмине професорот. Секоја чест!



Панкот на Блажевски не е мртов
Да не биде дека само те фалам. Мислам дека сценариото ќе можеше да претрпи уште едно полирање, во кое ќе беа малку појасно објаснети мотивациите на ликовите и развојот на настаните. На пример, мора ли Веле да ѝ се јави на Сузе за да резервира приколка во распаднато одмаралиште во кое нема живо пиле? Сигурно може да се најде и подобар plot device за да дојдеме до финалната конфронтација. Но тоа се ситници кои можам да му ги замерам на речиси секој филм и не се споредуваат со ударот во плексус што го почувствував на крајот. Кога Веле рече дека со сообраќајката тој изгубил еден човек повеќе од Саздо, пуштив солза која беше неочекувана, искрена и ретка. Ти благодарам за неа! Ќе се воздржам од пишување официјална критика за филмот на мојот блог. Првата причина е затоа што сум претерано субјективен и што после отвореното навивање за тебе на ФБ и Твитер малку ја губам кредибилноста. Втората е затоа што и рипит гледања на скринер не ја доловуваат магијата на киното, а верувам дека критиките треба да го оценат филмот во неговиот природен хабитат, кино салата. Се надевам дека еден ден ќе успеам да го погледнам филмов и на големо платно, дајбоже некаде по фестивалите во Северна Америка. 

Кога некој ќе ме праша зошто не сум повеќе социјално ангажиран, често одговарам цитирајќи го Марчело кој вели дека битката на големи голови е одамна изгубена и дека сè што ни останува е да играме и да се надеваме на мали голчиња. Исцелител покажува дека битката можеби и не е изгубена, а дека некогаш и малите голови носат големи победи. Со искрени честитки и желби за сè најубаво во 2018, Стиле From: Gjorce Stavreski <gjorce@fragmentfilm.com> Date: 2018-01-10 20:20 GMT-05:00 Subject: Re: ISCELITEL -- Screener To: stikov@gmail.com

Драг Стиков, Мислев ме заборави. :)

Додека свири 'Пипер в уста'
Фала ти од срце за преубавите зборови! Доаѓаат во време кога секој убав гест е мелем на раниве што ги носам од безмилосната филмска војна што ме остави без пари, со десеткувана иднина и приватен живот оставен да виси на закачалка. Сто пати се зареков дека нема никогаш да работам филм повеќе. Меѓутоа чудесниов Исцелител изнедри дупло повеќе коментари од моите зарекувања, главно на непознати луѓе во приватни пораки: некои благодарни за филмот кој го гледаат како своевиден подарок, други често ми пишуваат дека го гледале два-три пати и не може да му се нагледаат, една девојка ми тврди дека ѝ го променил животот. Еден од најсимпатичните коментари е на другар кој ми раскажуваше како на некоја слава зборувале три различни генерации за различните аспекти на Исцелител, дискутирајќи кој е подобар актер од кого и која порака е вредна за помнење. Бесценето.


25 години помлади, со наградите
13 Ноември во скутовите
Точно е, ризикував многу што излегов од мојот научнички хабитат. Нелогично звучеше тогаш. Па дури и сега со целиот успех, кога веќе не можам да оперирам „под радар“, работите стануваат уште понепредвидливи. Со големо задоволство се осврнувам на тоа наше гордо минато, кое често пати ми тежеше како еден темен облак над мојава судбина и сигурен сум дека за малку ќе ме урнисаше, велејќи ми: Ѓорче, ТОА беше големиот успех, џабе се трудиш, сè друго ќе биде излишно. Среќа Исцелител успеа да го омекне сомнежот.

Фала уште еднаш за комплиментите, фала и за критиките, без нив веројатно ќе биде глуво, или математички гледано, делејќи со нула нема да знаеме колкав е односот. Драго ми е што толку долго сме пријатели и верувај исто сум многу горд на твојот успех. Те спомнувам често, носталгично им раскажувам на луѓе за нашите награди и до каде може човек да отиде, особено ако не се запише на режија. :D

Имај и ти убава 2018, многу здравје, среќа и добар однос на работа и одмор.

Поздрав,
Ѓорче

--
Gjorce Stavreski
Director & Producer, Fragment Film



No comments :

Post a Comment