Interstellar е најамбициозниот филм на Christopher Nolan. Подлабок од Inception, понелинеарен од Memento, и со посериозни етички дилеми од Dark Knight и Prestige, Interstellar се вбројува меѓу малкуте блокбастери кои ја почитуваат интелигенцијата на гледачот и ја ставаат науката во преден план, дури и кога тоа го успорува темпото на филмот. Обично избегнувам тричасовни филмови, но Interstellar толку успешно си поигрува со концептот за време и со нашата перцепција, што успева да создаде една вонвременска приказна во која три часа минуваат за миг.
Во блиската иднина на човештвото му се заканува изумирање поради пренаселеност и климатски промени, а цивилизацијата е навлезена во ново мрачно доба кога науката се третира како заблуда и ерес. НАСА пилотот Купер (Matthey McConnaughey) е принуден да работи како земјоделец и да се откаже од сонот да ја истражува вселената, а неговата резигнација од овој сплет на околности се наѕира во името што го избрал за својата ќерка, Марфи. Марфи (Mackenzie Foy како дете, Jessica Chastain како возрасна) е бунтовник на училиште, а научник дома, каде со татко ѝ ги изучуваат чудните гравитациски сигнали што се манифестираат како дух во нејзината соба. Кога на Купер му се укажува шанса одблизу да го истражи изворот на гравитациските сигнали и да отпатува до далечна планета подобна за колонизација, тој е растргнат меѓу родителскиот нагон да остане дома, и категоричкиот императив да го спаси човештвото и да стане прататко на новата цивилизација. По пат тој ризикува да биде проголтан од црна дупка, изманипулиран од луди научници (Michael Caine, Anne Hathaway и Matt Damon во брилијантно камео) или пак она најстрашното, да ги изневери очекувањата на своето дете. До крајот на филмот, сите овие сценарија, а и бесконечно многу други ќе бидат исцрпени, во заплет во кој има место и за теоријата на релативитет и за поезијата на Дилан Томас.
По многу нешта Interstellar е инспириран од енигматичниот Contact на Robert Zemeckis со Jodie Foster и (повторно) Matthew McConnaughey во главните улоги. И во двата филма станува збор за контакт со вонземска интелигенција која комуницира со земјаните преку крајно примитивна но ефектна технологија. Концептите за патување низ просторот и времето им даваат на филмовите интелектуална длабочина, а односот помеѓу татко и ќерка е емотивното сидро што ја хуманизира приказната. Она што е сменето во времето меѓу двата филма е перцепцијата на Matthew McConnaughey во јавноста. Додека во 1997 многу луѓе не можеа да го сфатат сериозно глумецот кој тогаш градеше имиџ на тинејџерски идол, во 2014 McConnaughey има актерска тежина што може и најголемите холивудски ѕвезди да ги претвори во придружни сателити. Interstellar е емотивно посилен филм од Contact, а главниот виновник за тоа е McConnaughey.
Дежурните критичари веднаш ќе се фатат за неинвентивниот начин на кој Nolan режира (кутриот и по 16 години и 8 филма не може да добие ниту номинација за режисерски Оскар), но тоа е затоа што во неговите филмови стилот е секогаш подреден на приказната. Не можам да замислам појасен начин да се раскаже една толку комплексна и длабока приказна како онаа раскажана во Interstellar. Во време кога холивудските режисери се натпреваруваат кој ќе направи подобар 3Д филм, Nolan ни дава филм во пет димензии и тоа без смешни очила и непотребни специјални ефекти. Хиперкоцката во која кулминира дејствието на филмот е незаборавна филмска сцена што има моќ буквално да го транспортира гледачот во нова и досега невидена димензија. Cristopher Nolan и неговиот брат Jonathan се меѓу најдобрите сценаристи на денешницата, а нивните филмови успеваат да го предизвикаат она што најмногу недостасува во денешната филмска клима - долга и жолчна дискусија на излезот од кино салата.
Луди научници? Никој од нив не беше луд.
ReplyDeleteМајкл Кејн лажеше, Ен Хатавеј си беше супер, Мет Дејмон имаше план да се спаси самиот себеси и САМО самиор себеси - ниеден не беше луд.
Вонземска цивилизација? Мислам дека треба повторно да го гледаш филмот. Јас обично го гледам 2 или 3 пати пред пишување на рецензија и гуглање на Интернет.
Не беше никаква вонземска цивилизација, беа луѓето, НИЕ, од иднината каде што сме научиле да ја совладаме 5тата димензија...
Како Нолан ни дава филм во 5 димензии? Каде го гледаше ти овој филм? И како?
Душко, дури сега го гледам коментаров, а баш е провокативен и заслужува одговор. Инаку, каде пишуваш рецензии? Би сакал да ги читам. Одговори подолу:
Delete1) Терминот 'mad scientist' има друго значење, што можеби се губи во превод. Инаку дијагностички зборот 'луд' нема никакво значење.
2) Ако една цивилизација е вонземска (надвор од земјината орбита), не значи дека не е човечка:) Башка со овој избор на зборови избегнувам спојлер во освртот.
3) Нашиот свет е во четири димензии (простор + време). Купер заглавува во тесеракт (кој е во петта димензија), за да комуницира со ќерка си. Затоа и напишав дека филмот е 'вонвременски', get it?