Wednesday, 14 January 2015

Whiplash - Damien Chazelle (2014)

Whiplash е филм за џез, опсесија, тортура и освета.  Последен пат кога имам видено слично психичко малтретирање на филм беше кога наредникот Хартман се изживуваше врз своите војници во Full Metal Jacket.  Оние кои го гледале бруталниот филм на Кјубрик знаат дека ова е комплимент што тешко се заслужува.  Ronald Lee Ermey e единствениот глумец кому Kubrick му дозволил да ја импровизира својата улога, затоа што имал комплетна доверба во садистичките способности на еден поранешен drill sergeant.  Садистот во Whiplash не e војник туку џез диригент, а сепак актерот J.K. Simmons успева од него да создаде подеднакво одвратен и комплетно уверлив монструм.


Кога првпат се појавува, диригентот Флечер делува како строг но праведен ментор на амбициозните студенти во најдобрата музичката академија во Америка.  Тој го зема под своја закрила младиот тапанар Andrew (Miles Teller) и го воведува во еден џез пекол каде секоја погрешно отсвирена нота може да биде причина за фуриозниот гнев на ѓаволот-диригент.  За Флечер човечкото достоинство не вреди ништо во споредба со совршенството.  Ако првиот дел од филмот е за губењето на човечноста во очи на амбицијата, вториот дел е за омразата, осветата, и едно длабоко филозофско прашање: дали саксофонистот Чарли Паркер ќе станел неповторливиот Bird, ако не бил малтретиран од својот ментор?


Whiplash има проблематичен одговор на ова прашање, но сепак има брилијантно сценарио, саундтрак што пулсира со опсесивен ритам, и двајца глумци кои од себе цедат крв, пот, солзи, и многу, многу жолч.  По Spectacular Now, Miles Teller и втор пат покажува дека има интензитет на метод глумец и дека одлично му лежи улогата на емотивно нестабилен тинејџер.  Сепак, за мене откритието на годината е J.K. Simmons во улога што е предодредена за награди.  Немаме дилема дека неговиот Флечер е монструм.  Она што ја леди крвта во жилите е сознанието дека можеби е монструм со причина.





No comments :

Post a Comment