Од филмовите во овој билтен имам гледано само еден, а и тој доаѓа само со делумнa препорака. За среќа, следните два дена нудат многу други филмови кои делуваат интересно, како канскиот победник за најдобро сценарио, најновото од Fatih Akin, Kim Ki-Duk и Michel Hazanavicius, плус музички документарец за shoegazing сцената од 80-тите.
Ако не сте љубител на ликот и делото на Lars Von Trier, тогаш прескокнете го неговиот Nymphomaniac, експериментален филм составен од повеќе стилски различни сегменти (некои брилијантни, некои сосема непотребни) нафрлани врз костур од приказна што ги цитира сите претходни филмови на Von Trier. Во центарот на филмот е потрагата на Џо (Charlotte Gainsbourg) по сексуално задоволство, што води до многу секс во кој не ужива ниту таа самата, ниту ние како гледачи. Како што филмот се ближи кон својот климакс, метафорите на Von Trier стануваат сé понапорни. Додека на почетокот е забавно да се размислува за аналогиите меѓу сексот и рибарењето, сечењето нокти и броевите на Фибоначи, вториот дел е преполн со христијанска симболика, апологетика на политичката некоректност и евтини фројдовски обзервации. Морам да признаам дека пораката е исклучително моќна и Von Trier успева да не убеди дека (речиси?) сите робуваме на родови стереотипи. Но Nymph()maniаc го губи залетот далеку пред четвртиот час, и уште еднаш докажува дека некогаш предиграта е далеку позабавна и понезаборавна од финалето. (целосен осврт тука)
Еве и збор-два за филмовите кои би сакал да ги гледам. Канскиот победник за најдобро сценарио, Leviathan на Andrey Zvyagintsev е филм за современа Русија заснован на библиската приказна за Јов. Тука е и новиот филм на Оскаровецот Michel Hazanavicius, кој по неочекуваниот (и по мене незаслужен) успех на The Artist повторно копа низ филмската историја со римејк на стариот филм The Search со Montgomery Clift. Fatih Akin исто така има нов филм инспириран од ерменскиот геноцид, The Cut, кој делува посличен на искрените и ангажирани Head On и Edge of Heaven отколку на вештачкиот и не толку смешен Soul Kitchen. Тука е и корејскиот enfant terrible Kim Ki-Duk со уште еден филм за одмазда, One on one. Конечно, ако сте пораснале со shoegazing сцената од Велика Британија во 80-тите, документарецот Beautiful Noisе треба да биде вистинско уживање. Комплетиран уште во 2008, конечно го наоѓа својот пат до гледачите благодарение на Kickstarter кампањa во 2013.
Значи следните два дена нудат од се по малку, од шокантни филмови полни со насилство и секс, преку ангажирани социјални приказни, сé до филмови кои не би го виделе светлото на денот да не е поддршката на фановите. Уживајте!
No comments :
Post a Comment