Birdman е маестрално филмувана театарска претстава за театарска претстава. Сме гледале вакви филмови порано (Black Swan и Synecdoche: New York ми паѓаат на ум), но никогаш техничката виртуозност не била толку добро избалансирана со оригиналноста на сценариото и совршениот кастинг. Режисерот Inaritu го направил најинтимниот филм во својата кариера, иако повторно станува збор за комплексна приказна што преплетува десетици човечки судбини.
Michael Keaton ја игра улогата на својот живот како Riggan Thomson, поранешна холивудска ѕвезда која се обидува да се спаси од заборав режирајќи престава на Broadway. Публиката го исмева на улица како поранешниот Birdman (Keaton глумеше во првите Бетмени, далеку пред холивудските суперхерои да станат супербогати), театарските критичари одвај чекаат да го расчеречат оти го мразат тоа што тој го претставува, ќерка му се рехабилитира од секакви зависности, а главниот глумец во неговата претстава (Edward Norton) го саботира каде и да стигне. За цело тоа време човекот птица демне од постерот и го потсетува Riggan дека има супермоќи кои треба да ги употреби. Кога од устата на Riggan излегува првиот птичји крик, јасно ни е дека човекот-птица победил.
Директорот на фотографија Lubezki (Gravity) го доловува менталниот колапс на главниот лик во флуиден и навидум непрекинат двочасовен кадар. Никогаш не сум бил во поголемо исчекување на првиот рез, оти тоа е знак дека преставата завршила и почнал вистинскиот живот. Birdman ги заслужува сите признанија кои без дилема ќе ги добие во претстојните неколку месеци, а мексиканските режисери повторно покажуваат дека се главните иноватори во филмската уметност на 21-от век.
No comments :
Post a Comment