Wednesday, 19 November 2014

Синедејс билтен #4: 18, 19 и 20 ноември

Од следните три дена само еден филм доаѓа со безрезервна препорака, а тоа е неповторливиот City of God на Fernando Meirelles од 2002 година.  Снимен во фавелите на Рио со непрофесионални глумци кои живеат во истите тие фавели, филмот ја раскажува приказната за организираниот криминал во Рио следејќи ги судбините на неколку деца на кои од самиот почеток знаеме дека црно им се пишува.  Автентичноста во глумата и во сценариото го прави целото искуство на гледање на City of God истовремено и возбудливо и мачно.  Ако не сте го гледале, не ја пропуштајте можноста на Синедејс!  Ако сте го гледале, одете повторно оти ваков филм заслужува голем екран.


Уште два филма ме заинтересираа и веројатно ќе ги погледнам наскоро.  Првиот е документарецот за Stone Roses, режиран од Shane Meadows, кој претходно се прослави со This is England.  Вториот е Jimmy's Hall на Ken Loach, уште еден социјално ангажиран филм од најпознатиот социјалистички режисер, овој пат за формирањето на ирската комунистичка партија.

Пред да прокоментира некој дека Jean-Luc Godard е најпознатиот социјалистички режисер и дека неговиот Adieu au Langage исто така игра на Синедејс, само да кажам дека престанав да ја разбирам идеолошката нишка на Godard таму некаде околу Weekend.  Од тогаш навака секој негов филм ми е се потуѓ, и само ми ја потврдува теоријата дека ако сакаш времето да ти тече бавно, пушти си го Годар и опушти се.  A да, овогодинешниот Вуди Ален ќе го скокнам оти животот е краток, а Вуди има премногу филмови кои личат како јајце на јајце.

No comments :

Post a Comment