20,000 Days on Earth е наменет исклучиво за хардкор фановите на Nick Cave. Филмот во ниеден момент не застанува да објасни кој е Cave, ниту пак зошто документарецот за него би бил бизарна комбинација на психијатриско вештачење, stream of consciousness интервјуа со неименувани соговорници, и лабораториска аутопсија на неговите музички инкарнации. Не постои логично објаснување зошто било кој би го слушал Cave како држи предавање за совршеноста на лакот од урина што може да се забележи на фотографија од стар концерт на неговата поранешна група, The Birthday Party. А сепак, Nick Cave зборува со таков авторитет и аура на проповедник, што не можеш да не внимаваш, со погледот фиксиран на мочката.
Го имам гледано Nick Cave на сцена многу пати, и секогаш се фасцинирам од интензитетот во неговата изведба. Кога Кејв пее, во очите има сјај на религиозен фанатик, но во филмов остава впечаток на сериозен и методичен бизнисмен кој свесно ги емулира своите музички идоли. Филмуваните разговори на Cave со Kylie Minogue и Blixa Bargeld откриваат дел од неговата калкулираност како изведувач, а дијалогот со Ray Winstone (кој глумеше во Proposition по сценарио на Кејв) фрла светло на неговите несигурности и амбиции. Низ филмот Cave постојано ја спомнува Nina Simonе како изведувач од кого научил како да се претвори во друг човек кога стапнува на сцената. Во ова сигурно помага и митологијата што самиот ја има создадено: иако самиот не верува во Господ, во неговите песни Господ постои, а каде што има Господ, постои и мисионерот Cave и неговиот ексцентричен следбеник Warren Ellis.
Најголемата фалинка на филмот е тоа што е снимен за време на создавањето на Push The Sky Away, по мене најслабиот албум во кариерата на Cave (се јадат со Nocturama). Студиските снимки доловуваат само мал дел од креативноста на тимот Cave/Ellis, a на инсертите од концертот во Sydney Opera House се губи интимноста и хоророт во изведбата на Cave поради непотребното присуство на филхармонија и детски хор. 20,000 Days on Earth не е замена за концерт на Nick Cave, но е незаменлив како увид во мозокот и креативниот процес на еден од најголемите шоумени на денешницата. Кога Nick Cave зборува, God is in the house.
Бонус што не е вклучен во филмот: Cave и Winstone разговараат за fish & chips.
дечко ти треба да пишуваш за http://kritika.mk/ под итно :)
ReplyDeleteФала ти, колку што знам тие се само за музика се уште.
Delete