Tweet
Дневниот весник Вест е за голема пофалба затоа што реши да ја подигне свеста за аутизмот и да фрли светло врз фамилиите кои живеат со аутизам. Преку серијал од емотивни сведоштва на родители чии деца се дијагнозирани со аутизам, Вест разбива стереотипи, облагородува и на најдобар начин покажува како медиумите можат да бидат ем аполитични ем социјално ангажирани. Решив и јас да се надоврзам на темава, најмногу затоа што секое од сведоштвата досега ја спомнува вакцината како каписла која ја започнала голготата на семејството. Колку само би сакал вистината да е толку едноставна.
Тоа би значело дека решението е буквално на дофат, и дека милиони деца и родители би можеле да го избегнат аутизмот со една едноставна (не)интервенција. За жал, науката категорично ја има демантирано оваа теорија. Последниот клинец во ковчегот на теоријата е повлекувањето на трудот што прв ја предложи врската помеѓу вакцините и аутизмот во влијателното научно списание The Lancet. Се докажа дека авторот на трудот Andrew Wakefield имал конфликт на интереси, дека ги манипулирал податоците, и дека ги прекршил правилата на медицинската етика. Зошто тогаш ова тврдење не беше сосечено во корен, туку се дозволи лавина на медиумски написи кои создадоа паника кај популацијата? Зошто сè уште разговараме дали има или нема врска меѓу вакцините и аутизмот? Има неколку причини за ова.
Првата е затоа што науката е бавна. Секоја студија за да биде прифатена мора да биде повторена (реплицирана) неколку пати, и потребни се години за да се изгради консензус околу одредено научно прашање. За да се побие една сензационалистичка теорија за врската меѓу вакцините и аутизмот, потребни се милиони долари, илјадници часови повторување на истите експерименти и макотрпна дебата помеѓу двата научни кампа, оние за и оние против теоријата. Во меѓувреме медиумите веќе истрчале стотици кругови околу темата, влијателни личности како Jenny McCarthy допреле до милиони фамилии, и штетата е веќе направена. Отрезнувачки е што вистината сепак најмногу му ја должиме на истражувачкото новинарство и на седумгодишните напори на новинарот на The Sunday Times, Brian Deer, кој успеа да го дискредитира Wakefield и да издејствува повлекување на спорниот научен труд.
Втората причина за полемиката е тоа што отсуство на нешто е многу тешко научно да се докаже. Науката може да направи илјада експерименти и да тврди дека досега не е забележана врска меѓу вакцини и аутизам, но тоа не значи дека 1001-от експеримент нема да го заклучи спротивното. И тоа не мора дури ниту да биде резултат на нечесни научници. Од илјадници експерименти можно е да се добијат (еден или неколку) случајни резултати, а тие да бидат само статистичка грешка. Нешто како кога комплетно случајно пет фрлања на паричка по ред испаѓаат 'глава', па погрешно заклучуваме дека паричката нема две лица. Инстинктот на медиумите е ова да го пријават како откритие на нов тип на паричка. Инстинктот на научникот е да продолжи да ја фрла паричката за да види дали повторно ќе добие пет по ред.
Третата причина е тоа што дефинитивно постои врска (корелација) помеѓу периодот на вакцинирање и почетокот на симптомите на аутизмот. Но корелација не секогаш значи и причинско-последична поврзаност (каузалност). На пример, постои и силна корелација помеѓу проодувањето и ракот. Луѓе кои прооделе имаат поголема веројатност да заболат од рак отколку бебиња. Но тоа не значи дека проодувањето е одговорно за појава на рак. Едноставно, возраста е клучен фактор во тоа кога ќе почнат да се манифестираат симптомите. Слична е и врската меѓу вакцините и аутизмот. Од раѓање до 3 години децата примаат многу вакцини, а ова е истата возраст на која се јавуваат и првите симптоми на аутизам. Затоа многу е веројатно првите симптоми на аутизам да се погодат блиску до администрацијата на некоја вакцина, па родителите да поверуваат дека вакцината го предизвикала аутизмот.
Четвртата е затоа што популацијата засегната од овие сувопарни научни дебати и статистички аргументи е многу ранлива. Родителите се во принцип ранлива категорија. Секој родител го сака најдоброто за своите деца и ќе го послуша секој совет што делува дека доаѓа од веродостоен извор. Родителите на деца со аутизам се уште поранливи. Живеат во неизвесност, плаќаат многу пари за третмани со минимални ефекти, и потребна им е сламка сигурност, сидро од кое ќе почнат да го истражуваат теренот. Вакцините нудат едно вакво сидро, заедничко искуство кое им дава надеж дека барем некои прашања поврзани со аутизмот имаат одговор.
За врската меѓу вакцините и аутизмот се пишувало многу во светските, но веројатно не доволно во македонските медиуми. Решив да реагирам токму поради тоа што знам дека мотивацијата зад овие серијали на Вест не е сензационалистичка, туку едукативна. Мораме да го запознаеме аутизмот за да можеме да се справиме со него. Еден од чекорите во тоа запознавање е да ги дознаеме и неговите причини, но и да ги разбиеме заблудите околу истите. Во тој контекст секоја дискусија е добредојдена. Вакцините спасуваат многу животи, но тие се ефектни само ако речиси сите се вакцинираме. Прескокнување на задолжителни вакцини ја прави целата популација поподложна на разорувачки болести како сипаници и детска парализа, кои сè уште имаат потенцијал да одземат или да хендикепираат милиони човечки животи. Затоа не смееме да промовираме научно непотврдени теории против вакцинирањето.
Луѓето со аутизам се посебни. На многу од нив им треба помош за да можат да функционираат во општеството, но тие исто така ја збогатуваат палетата на човечки таленти и ги демонстрираат екстремите на човечкиот мисловен процес и аналитична моќ. Луѓе со аутизам ја збогатувале нашата култура со години пред да постои дијагноза за аутизам. Без да ги набројувам бројните нивни придонеси за општеството, ви препорачувам да го погледнете прекрасниот филм за Temple Grandin. Затоа, да се фокусираме на подобра интеграција на фамилиите кои живеат со аутизам, а да ги оставиме научниците да развиваат вакцини и да го истражуваат аутизмот. Нели би било иронично доколку за десетина години тие откријат нова вакцина, овој пат за аутизам?
boze kakvi se ovie gluposti i iskrivuvanje na slikata so izjavata za "brojni pridonesi na licata so autizam za opstestvoto", Vi se molam ?
ReplyDeleteЗа која слика зборувате и зошто сметате дека е искривена? Temple Grandin (спомната во мојот текст) е само еден пример на личност со аутизам која има дадено придонес за општеството. Подолу е линк со подетална листа, а да не зборуваме за луѓето низ историјата кои живееле кога сеуште не постоела дијагноза за аутизам: http://en.wikipedia.org/wiki/List_of_people_with_autism_spectrum_disorders
DeleteVakcinata moze da pridonese da se pojavat niza nevroloski poremetuvanja a toa da ne e autizam. Vo makedonija veke na sto deca edno e dijagnosticirano autisticno. No sto e so onie koi imaat dijagnoza kako possible autizam . Vo meguvreme mozeme da bideme indiferentni po ova prasanje I da ostavime istrazuvanjata da se sproveduvaat vrz nasite deca.
ReplyDeleteРазлични вакцини носат со себе различна веројатност за компликации. Вакцините кои се задолжителни имаат многу ниска веројатност за компликации. Еве ги статистиките за ММР вакцината, веројатноста за сериозна компликација е еден на милион:
Deletehttp://www.cdc.gov/vaccines/vac-gen/side-effects.htm#mmr
Од друга страна, невакцинирањето значително ја зголемува опасноста од епидемија. Подолу е графикон што ја илустрира ефикасноста на вакцините:
https://twitter.com/JP389/status/411621801681121280/photo/1
Зошто тогаш постојат прочистени и непролистени вакцини? Ако се во ред од каде потребата да бидат прочистени?
ReplyDeleteКој е проблемот во непрочистените за тие да мора да бидат прочистени? Наведете едно “научно“ истражување за ова. И како тоа во последно време се зголемува бројот на децата со разни невролошки заболувања (состојби) и аутизам? Да не се сите тие генетски предодредени иако во нивните семејства немало ниту еден сличен случај? Нека направат научниците (платени од фармацевтските концерни) едно истражување колку случаи има кај невакцинирани деца.
Во сите тие “трудови“ викаат дека нема доказ за директна врска на вакцините со аутизмот. Па нека е таа и индиректна, нели е доволно!!!
Едно од прочистувањата е намалувањето на количеството тимерозал, поради сомневања дека е поврзан со аутизмот. Овие сомневања не се докажани, но заради екстра претпазливост некои вакцини користат други конзерванси наместо тимерозал:
Deletehttp://en.wikipedia.org/wiki/Thiomersal_controversy
Зголемувањето на бројот на дијагнози не мора да значи и зголемување на бројот на случаи. Трендот со зголемување на бројот на дијагнози на аутизам е одраз на поголема свест за оваа состојба, што не значи дека аутизмот не постоел и порано, само не бил дијагнозиран.
Извинете, што сте по професиjа?
ReplyDeleteНаучник:)
DeletePotpolno se soglasuvam so vaseto naucno izlaganje!
ReplyDelete