Nicolas Winding Refn е комплетно непредвидлив режисер. После неколку одлични европски филмови, решава да ја нападне Америка со Ryan Gossling, ја освојува публиката со Drive, и кога сите очекуваме следниот негов филм со Gossling да биде уште попопуларен, тој решава да ни даде филм кој е на границата меѓу невкус и генијалност, и како таков сосема несоодветен за американскиот пазар.
Џулиан (Ryan Gossling) и Били (Tom Burke) се двајца браќа кои живеат во криминалното подземје на Бангкок. Били силува и убива една малолетна девојка, и тоа повлекува серија на освети, секоја покрвава од претходната. Во приказната се вмешуваат осветољубивата мајка на Џулиан и Били (Kristin Scott Thomas) и уште поосветољубивиот полицаец со комплекс на Бог (Vithaya Pansringarm), комбинација која гарантира многу едиповски дијалози и уште повеќе крв.
Естетиката на Only God Forgives позајмува многу од италијанските хорор филмови, со стилизирана глума и неверојатен продукциски дизајн. Филмот има незаборавна палета на бои и ликови кои лутаат низ спектакуларните ентериери како карикатури кои земале малку повеќе дрога од максимално дозволените количества.
Не е ни чудо што филмот е посветен на Alejandro Jodorowsky, чилеанскиот уметник на бизарното и висцералното, кој веројатно не би ни трепнал да види како Ryan Gossling ја нурнува својата рака во утробата на свеж труп. За останатите, ако досега не ви е јасно, овој филм не е за оние со слаб стомак. За среќа мојот стомак е прилично силен, а желбата да видам нешто ново и непредвидливо ми е секогаш посилна од потребата да се чувствувам пријатно во кино салата.
No comments :
Post a Comment