
Во својата суштина ова е едноставна и универзална coming-of-age приказна за средношколката Адел (Adèle Exarchopoulos) која ги преиспитува своите сексуални и професионални приоритети преку неколкугодишната врска со постарата и навидум посамоуверена Ема (Léa Seydoux). Посебноста на филмот доаѓа од ситниците. Канскиот победник за 2013 е храбар филм кој ранливоста на главните ликови ни ја сервира како на тацна. Кастингот е совршен, дијалогот е провокативен, а Adèle Exarchopoulos е едно од највпечатливите лица што било кога сум ги видел на филмско платно. Низ солзите и мрсулите продира шармот на родена ѕвезда, девојка за која навиваме и од која не можеме да го тргнеме погледот.
Многумина ќе ја дискутираат шестминутната лезбејска сцена, која е дефинитивно снимена со цел да возбуди и поставува нови стандарди за тоа што е прифатливо во arthouse кино салите. Уживав во неа, но има нешто проблематично и експлоатирачко кога 50-годишен хетеросексуален маж (Abdellatif Kechiche) режира две преубави девојки кои сосема голи цели 6 минути се милуваат под силна светлина. Особено кога тие потоа ќе го опишат искуството како одвратно и ќе одбијат да работат со него во иднина. Штета што оваа сцена ќе остане најзапаметеното нешто од Blue is the Warmest Color, зашто и без неа ова ќе беше еден од најдобрите филмови на годината.
No comments :
Post a Comment