Tuesday 25 May 2021

С(Ц)ИЕСТА СО АНА АЛАЧОВСКА: Спојот на уметноста и технологијата не е научна фантастика


Ана Алачовска заминува од Македонија во 2003 година по завршувањето на студиите по Општа и компаративна книжевност. По студиските престои во Италија и САД, каде што двапати магистрира – еднаш на струката, а вториот пат во областа на комуникациите, заминува за Данска на докторски студии и тука останува веќе 10 години. Во моментов работи како професор на Бизнис-школата во Копнехаген за која вели дека е многу чудна, во најпозитивна смисла на зборот. Ана, која денес се дефинира како социолог, во Бизнис-школата предава заедно со други колеги од областа на хуманистичките науки, а нивни студенти се луѓе кои работат менаџмент во индустрии како музичката, ликовната, филмската, модната...

Целиот овој период таа се занимава со разбирање на креативната работа со која се создаваат уметнички дела, кои освен естетска имаат и економска, социјална и политичка вредност. Нејзино поле на интерес е и улогата на уметноста во бизнис и менаџмент-процесите, како и во развојот на технологијата и технолошкиот менаџмент. Ана беше гостинка на последната С(ц)иеста каде што присутните имаа можност да се запознаат со фантастичниот начин на кој таа ги спојува уметноста и (дигиталните) технологии во своите истражувања.

Tuesday 11 May 2021

С(Ц)ИЕСТА СО ВЕСНА БАЧЕВА: Макронапредок во дијагностиката со микрочипови

Весна Бачева е една од добитниците на наградата „Успешни млади“ што претседателот на државата минатата година за првпат ја додели за најдобри млади научници за 2019 година. Весна ја доби наградата за најдобра млада иноваторка со два меѓународни патента, а денес е на пат кон својот четврти. Таа е од Струмица и Македонија ја напуштила по завршувањето на средното образование. Студирала на Федералниот технолошки институт (EPFL) во Лозана и своето образование го продолжила во Швајцарија. Магистерските ѝ се во рамки на Израелскиот научен институт „Технион“, под покровителство на IBM Research, една од 12-те лаборатории на ИБМ фокусирани на истражувачка работа, а во ИБМ во Швајцарија ѝ се и моменталните докторски студии, кои се всушност продолжување на работата на тезата од магистерските.

По образование е микроинженер, мултидисциплинарна струка на граница меѓу машински и електроинженер, при што нејзината работа е фокусирана на микро и наносистеми, односно на чипови со многу мали димензии, кои можат да се користат во медицинската дијагностика.