Tuesday 29 September 2020

С(Ц)ИЕСТА СО ФИЛИП ИЛИЕВСКИ: За здраворазумските работи

Да се има здрав разум, да се задржи здравиот разум, да се користи здравиот разум... зборови кои постојано ќе ги слушнете околу вас и кои ги земате здраво за готово, затоа што за еден хомо сапиенс логично е да има здрав разум и да го користи. Но, дали е здраворазумно да се смета дека некого можете да го научите на здрав разум? Што ако тој некој е две генерации постар од вас, или е од другиот крај на светот, или живее на Северниот пол? А што ако тоа не е некој, туку е нешто. На пример, машина? Можете ли машина да научите на здрав разум?

Филип Илиевски, научен истражувач во Институтот за информациски науки на Универзитетот на Јужна Калифорнија, се занимава токму со тоа. Минатата година докторирал на Универзитетот Врије во Амстердам во полето на вештачка интелигенција (ВИ), а сега негов примарен интерес е учењето на здравиот разум кај машините и употребата на екстерно знаење од страна на машините за разбирање текст. Тој беше гостин на последната научна дискусија, каде што се разговараше за ВИ и здраворазумските работи.

Tuesday 22 September 2020

TM - Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов (2020)

TM #1: Филип полека ги губи луѓето околу себе. Некои гинат во сообраќајка. Некои заминуваат од Македонија и се претвараат во иселенички клишеа. Некои му мрчат и кога треба и кога не треба. Можеби е време и тој да замине кај неговите ТМ...

TM #2: Што би направиле Македонци ако пред себе го имаат најгенијалниот ум на денешницата, ум што сфатил дека времето кога-тогаш ќе умре, а и дека кругот е прилично тркалезен? Веројатно би го натерале да исчезне со неговата TM.

TM #3: Што би направил Македонец ако му се даде шанса да им се освети на оние кои 30 години му се смеат у фаца? Веројатно би им посакал да го преживуваат истиот пекол на рипит и би ги отерал сите у ТМ!

С(Ц)ИЕСТА СО КОНСТАНЦ АКЕРМАН-БОСТРЕМ: Игра на јазични тронови

Дискриминацијата има многу лица: национална, верска, расна, полова, социјална, сексуална, политичка... и јазична. Иако последна наведена, јазичната дискриминација си живее испреплетено со останатите и ја чувствуваме подеднакво тешко. Уште од мали нозе, кога ќе сме отиделе на гости во некое поблиско или подалечно место каде што се зборува на друг дијалект, па ќе сме се нашле меѓу група деца на кои тоа што го зборуваме им е чудно, смешно или глупаво – некако немало да ни дојде баш најарно на душата. И денес, кога од сите страни на медиумите наслушнуваме по некое делче од истата песна дека нашиот национален јазик треба да престанеме да го именуваме онака како што сме го викале целиот живот за да можеме да зачекориме во некоја замислена подобра иднина, тоа што нè боцка внатре сфаќаме дека не отапува така лесно.

Констанц Акерман-Бострем е постдокторантка на Универзитетот Упсала во Шведска. Зборува пет јазици и истражува во полето на социолингвистиката, односно се интересира за тоа како се идентификуваме преку јазикот и како ги идентификуваме и ги позиционираме луѓето врз основа на јазикот што го зборуваат и начинот на кој го зборуваат (акцентот, дијалектот). Денес таа го проучува стариот угро-фински јазик манкили, јазик кој е пред исчезнување бидејќи од 60-те години наваму родителите престанале да ги учат своите деца да го зборуваат.

Tuesday 8 September 2020

С(Ц)ИЕСТА СО РАЈАН МЕРКЛИ

На редовните научни дискусии, на кои досега имаа гостувано многу научници, во јули гостуваше едно големо меѓународно име. Станува збор за Рајан Меркли, еден од првите луѓе на Фондацијата „Викимедија“, во чии рамки влегува и хостирањето на „Википедија“. Меркли моментално е на позицијата Менаџер за персонал во Фондацијата со седиште во САД. Целта на оваа непрофитна фондација е да развива и одржува содржини отворени за јавноста и проекти базирани на Википедија, а и да ја направи бесплатно достапна за јавноста целосната содржина на овие проекти. Претходно Меркли има работено и во „Мозила“ и „Криејтив комонс“.

Од крајот на 2019 година наваму, еден од главните предизвици на Вики е т.н. инфодемија поврзана со пандемијата на коронавирусот и дезинформациите што се шират за вирусот. Една од надлежностите на Меркли во „Викимедија“ е делот за дезинформации, тема што ја проучувал и во Центарот Беркман на Харвард.

Продолжението на текстот за разговорот можете да го прочитате на англиски на Канадската платформа за отворена невронаука: https://conp.ca/a-conversation-with-ryan-merkley/

Tuesday 1 September 2020

С(Ц)ИЕСТА СО АЛЕКСАНДАР ЈОСИФОСКИ И ДИВУХО ТШИКОВХИ: Среќни се оние што не биле во Африка...

Дивухо Тшиковхи
Слонови, сафари, савани... Пирамиди, сфинги, фараони... Килиманџаро, Серенгети, Викториини Водопади, Нил... Но и глад, болести и беда. Мета на колонизатори, робовладетели и разни други експлоататори. Сликата за Африка низ историјата има толку многу нијанси одејќи од убаво кон грдо колку што има денови од појавата на хомо еректус на нејзината територија. Континент на спротивности, но пред сè, континент на различности, кој до ден-денес испраќа тивок повик секој да го доживее и да ја открие својата слика за него. Слика што веројатно е скриена некаде помеѓу романтизацијата и стереотипизацијата низ филмовите и популарната култура.