Tuesday 2 December 2014

Interstellar - Christopher Nolan (2014)

Interstellar е најамбициозниот филм на Christopher Nolan.  Подлабок од Inception, понелинеарен од Memento, и со посериозни етички дилеми од Dark Knight и Prestige, Interstellar се вбројува меѓу малкуте блокбастери кои ја почитуваат интелигенцијата на гледачот и ја ставаат науката во преден план, дури и кога тоа го успорува темпото на филмот.   Обично избегнувам тричасовни филмови, но Interstellar толку успешно си поигрува со концептот за време и со нашата перцепција, што успева да создаде една вонвременска приказна во која три часа минуваат за миг.  

Friday 21 November 2014

Синедејс билтен #5: 21 и 22 ноември

Овогодинешниот Синедејс завршува со уште еден посебен викенд: канскиот победник за 2014 рамо до рамо со последниот филм на Michel Gondry, плус навраќање на еден од најубавите road movies што сум ги гледал, Central Station на Walter Salles.

Wednesday 19 November 2014

Синедејс билтен #4: 18, 19 и 20 ноември

Од следните три дена само еден филм доаѓа со безрезервна препорака, а тоа е неповторливиот City of God на Fernando Meirelles од 2002 година.  Снимен во фавелите на Рио со непрофесионални глумци кои живеат во истите тие фавели, филмот ја раскажува приказната за организираниот криминал во Рио следејќи ги судбините на неколку деца на кои од самиот почеток знаеме дека црно им се пишува.  Автентичноста во глумата и во сценариото го прави целото искуство на гледање на City of God истовремено и возбудливо и мачно.  Ако не сте го гледале, не ја пропуштајте можноста на Синедејс!  Ако сте го гледале, одете повторно оти ваков филм заслужува голем екран.

Sunday 16 November 2014

Синедејс билтен #3: 16 и 17 ноември

Од филмовите во овој билтен имам гледано само еден, а и тој доаѓа само со делумнa препорака.  За среќа, следните два дена нудат многу други филмови кои делуваат интересно, како канскиот победник за најдобро сценарио, најновото од Fatih Akin, Kim Ki-Duk и Michel Hazanavicius, плус музички документарец за shoegazing сцената од 80-тите.  

Saturday 15 November 2014

Birdman - Alejandro González Iñárritu (2014)

Birdman е маестрално филмувана театарска претстава за театарска претстава. Сме гледале вакви филмови порано (Black Swan и Synecdoche: New York ми паѓаат на ум), но никогаш техничката виртуозност не била толку добро избалансирана со оригиналноста на сценариото и совршениот кастинг.  Режисерот Inaritu го направил најинтимниот филм во својата кариера, иако повторно станува збор за комплексна приказна што преплетува десетици човечки судбини.  

Friday 14 November 2014

Синедејс билтен #2 (15 ноември)

Следниот ден (сабота) по мене е најдобриот на Синедејс.  Birdman и Boyhood ми се омилените играни филмови во 2014 досега.  Згора на тоа го имаме Most Wanted Man на Anton Corbijn со прерано заминатиот Philip Seymore Hoffman, како и најновиот филм на блесавиот шведски режисер Roy Andersson, добитник на Златниот Лав во Венеција.

Thursday 13 November 2014

Синедејс билтен #1 (13 и 14 ноември)

Во првите два дена на Синедејс ќе можеме да го видиме музичкиот документарец за Nick Cave, победникот на овогодинешниот берлински филмски фестивал, како и најновите филмови на David Cronenberg и на браќата Dardenne.  Делува како одличен старт!

Wednesday 12 November 2014

20,000 Days on Earth - Iain Forsyth and Jane Pollard (2014)

20,000 Days on Earth е наменет исклучиво за хардкор фановите на Nick Cave.  Филмот во ниеден момент не застанува да објасни кој е Cave, ниту пак зошто документарецот за него би бил бизарна комбинација на психијатриско вештачење, stream of consciousness интервјуа со неименувани соговорници, и лабораториска аутопсија на неговите музички инкарнации.   Не постои логично објаснување зошто било кој би го слушал Cave како држи предавање за совршеноста на лакот од урина што може да се забележи на фотографија од стар концерт на неговата поранешна група, The Birthday Party.  А сепак, Nick Cave зборува со таков авторитет и аура на проповедник, што не можеш да не внимаваш, со погледот фиксиран на мочката.

Ако не може Кантарот на Синедејс...


...тогаш може Синедејс на кантар:)


Cinedays e еден од неколкуте културни настани заради кои искрено жалам што не живеам во Скопје.  Од 13 до 22 ноември во скопските кино-сали ќе бидат прикажани десетици исклучителни филмови, повеќето од кои тешко се начекуваат на големо платно дури и во многу поголеми културни метрополи.  



Мал дел од филмовите на репертоарот веќе ги имам гледано, и за нив ќе напишам осврт (без спојлери) ден пред скопската премиера.  Бидејќи пишувам целосни осврти само за филмови што сум ги гледал во кино, останатите препораки ќе ги вметнувам во кратки билтени што ќе ги објавувам во пресрет на претстојниот синеден или два.  Во билтените ќе има параграф за филмовите кои ги имам гледано на видео, како и прогнози и очекувања за филмовите на автори со чија работа сум запознаен. 

Билтените ќе бидат далеку од сеопфатни, но се надевам дека ќе поттикнат дискусија и ќе ми дадат можност барем виртуелно да бидам дел од синедејс атмосферата.  За жал, ќе можам да покријам само десетина проценти од репертоарот на синедејс, а посебно жалам што имам комплетно изгубено контакт со балканската кинематографија.  Затоа би ми било многу драго доколку некој друг љубител на филмот сака да го надополни блогов со нивните препораки и впечатоци.  Доколку сте заинтересирани, ве молам пратете ми порака на qantarot@gmail.com или пишете на твитер (@qantarot) и фејсбук (Кантар МК).  Скопски филмомани, искрено ви завидувам!  Уживајте во богатата програма и посетувајте го блогов редовно во следните десетина дена.

Билтен #1: 13 и 14 ноември
Билтен #2: 15 ноември


Friday 7 November 2014

Lucy - Luc Besson (2014)

Scarlett Johansson избира чудни научно-фантастични улоги.  Пред некоја недела пишував за Under the Skin, бавен и субверзивен филм кого дури ни голотијата на Scarlett не може да го спаси од култен статус.  Lucy од друга страна делува како големобуџетна Luc Besson продукција, но немојте да се излажете од трејлерот.  Акцијата е минимална, а на нејзино место гледаме чудна мешавина на neurobabble и футуристички продукциски дизајн, прошаран со повремен куршум и документарни клипчиња од диви животни манифестирајќи ги своите нагони.  

Friday 26 September 2014

Snowpiercer - Bong Joon-ho (2014)


Snowpiercer започнува како одличен акционен филм, продолжува како субверзивна алегорија за новиот светски поредок, а завршува како расистичка пропаганда. Она што е константно е френетичната енергија, визуелната креативност и брилијантноста на Tilda Swinton како еден од најуникатните негативци што сум ги видел на филмско платно.  

Friday 12 September 2014

Boyhood - Richard Linklater (2014)


Во филмовите на Richard Linklater границата помеѓу документарец и игран филм е често многу тенка.   Она што Linklater го започна со Slacker, а го усовршуваше со Before трилогијата, кулминира со епскиот Boyhood, филм снимен во тек на 12 години и поделен на 12 мини-епизоди во животот на еден млад дечко и неговата фамилија.  Лесно е ваков филм да се отпише како суетен проект на забеган режисер, посебно кога знаеме дека неговата ќерка ја има една од четирите главни улоги.  Но Boyhood е филм со душа на дете и со памет на родител, прекрасна медитација за младоста која одвај чекам да ја гледам заедно со своите деца.  

Friday 29 August 2014

X-Men: Days of Future Past - Bryan Singer (2014)

Days of Future Passed е името на најпознатиот албум на прог-рок групата Moody Blues.  Никогаш не сум помислил дека Moody Blues и X-men можат да бидат спомнати во иста реченица, меѓутоа ми се чини дека кога Brian Singer решил повторно да го земе X-кормилото во свои раце, бил инспириран од психоделијата на Nights in White Satin.  Тонот на најновата приказна од Marvel универзумот е елегичен, приказната е далеку поамбициозна од претходниците, а се’ се врти околу една прилично темпераментна (moody) сина (blue) личност - Mystique (Jennifer Lawrence).

Wednesday 20 August 2014

Locke - Steven Knight (2014)


Мал е бројот на глумците кои можат комплетно да износат еден филм на своите плеќи, но Tom Hardy е дефинитивно еден од нив.  Лани бев воодушевен од Robert Redford кој во All is Lost покажа како се прави напнат филм со еден глумец и речиси без дијалог.  Оваа година Tom Hardy создава уште потензичен трилер како градежен изведувач кој час и половина вози кола и зборува на телефон.  

Friday 8 August 2014

Under the Skin - Jonathan Glazer (2014)


Jonathan Glazer и Scarlett Johansson добиваат чиста десетка за храброст.  Under the skin e субверзивен, херметички затворен и на границата на гледливост.  Единствениот начин да се ужива во оваа lo-fi научна фантастика е со изгасени светла и минимум екстерни дистракции.  Кино сала помага, како и џоинт или два.  Точно е дека Scarlett Johansson е гола низ речиси целиот филм, но немојте да го гледате филмот само заради ова; ќе ви преседне голотијата.  


Thursday 31 July 2014

Life Itself - Steve James (2014)

We must somehow dream.  If we don't 'go to the movies' in any form, our minds wither and sicken.

Мораме некако да сонуваме. Ако не ‘одиме на кино’ на еден или на друг начин, нашиот ум венеe и се разболува. 

                                                             — Roger Ebert


Roger Ebert ја одбележа мојата младост.  Од првите дружења со него и Gene Siskel на телевизија, преку стотиците прочитани филмски критики во Chicago Sun Times, па сè до последните седум години што Ebert ги мина без глас и без половина лице, но со двојно поголема жар за живот и за комуникација преку неговиот блог, тој постојано ми ги отвораше очите и ми приуштуваше незаборавни филмски уживања.  Она што ме освои кај него беше неповторливата комбинација на интелектуализам и емпатија, двете обединети во елоквентна и емотивна проза.  Пред Ebert, филмските критичари во Америка ги сметаа за интелектуални мастурбатори кои критикуваат оти самите не можат да направат филм.  Life Itself, документарецот за неговиот живот, покажува како Ebert речиси своерачно го разби овој мит.  

Saturday 26 July 2014

Најважната Игра - Илина Јакимовска (2013)

Илина Јакимовска е роден афористичар.  Можам да ја замислам како по цел ден фаќа белешки за работи вон радарот на обичниот смртник, како ги меша и зачинува со архаизми и неологизми, за на крајот да ги преточи во вештерски напиток од сатира и лингвистичка гимнастика во духот на Ефраим Кишон

Tuesday 22 July 2014

Dawn of the Planet of the Apes - Matt Reeves (2014)


Dawn of the Planet of the Apes е многу повеќе од обичен летен блокбустер.  Секој филм што има литературен опсег од Цезар на Шекспир до Black Hole на Charles Burnes заслужува да биде внимателно изгледан, длабоко анализиран и жолчно дискутиран.  Мислите дека ја знаете приказната, но во DOTPOTA има повеќе неизвесност отколку во сите овогодишни блокбастери заедно.  

Saturday 31 May 2014

Like Father Like Son - Hirokazu Koreeda (2014)

Ако треба да се направи топ листа на најголемите стравови од детството, стравот дека си бил заменет со друго бебе при раѓањето сигурно би се нашол при врвот.  Најновиот филм на Hirokazu Koreeda е благородна и длабоко хумана медитација на оваа тема.   Исходот е далеку од предвидлив, а начините на кои шесторицата протагонисти (четворицата родители и двете деца) се справуваат со ситуацијата нудат прекрасен увид во човечката психа и испишуваат вистинска енциклопедија на човечки емоции.  За чудо, или пак за среќа, децата многу подобро се прилагодуваат на новонастанатата ситуација од нивните родители.  

Thursday 10 April 2014

The Grand Budapest Hotel - Wes Anderson (2014)


Единствената причина заради која се уште ги гледам филмовите на Wes Anderson е продукцискиот дизајн.  Половина од задоволството во The Grand Budapest Hotel доаѓа од блесавите композиции и техничката виртуозност (забележете колку само пати се менува театарскиот aspect-ratio, од телевизиски формат до широк widescreen).  Анимација, минијатури, ретро-кич ентериери, врвна шминка, филмот едноставно вришти со стил.  Кога само Wes Anderson би обрнал подеднакво внимание на сценариото како што очигледно посветил на изгледот на филмот.  За жал, дводимензионалните ликови кои дефилираат низ хотелот се исечени од истиот картон кој Anderson го има на лагер веќе дваесет години, и со кој неуморно штанца стармали деца, најчесто заглавени во тела на ексцентрични возрасни.

Monday 31 March 2014

Nymph()maniac Vol. 1 & 2 - Lars Von Trier (2014)


Зависноста од секс станува жешка филмска тема.  Во минативе неколку години ги видовме претенциозниот и стерилен Shame, како и смешниот и длабоко хуман Don Jon.  Nymph()maniac на Lars von Trier е и претенциозен и стерилен и смешен и хуман, и како таков ништо налик на претходните два.  Ако постои филм-побратим на Nymph()maniac, тоа би бил Kill Bill на Quentin Tarantino, колку и да звучи таа споредба неверојатна на почетокот.  


Како и Kill Bill, најновиот филм на Lars Von Trier e експериментален филм, составен од повеќе  стилски различни сегменти (некои брилијантни, некои сосема непотребни) нафрлани врз костур од приказна.  На главната хероина и се случуваат многу лоши работи, но идентификација со неа е речиси невозможна оти гледачот е свесен дека целиот филм е режисерска манипулација направена со цел да шокира и да иронизира.  И најпосле, како и Kill Bill, Nymph()maniac е еден совршен двочасовен филм, напумпан со режисерска суета до речиси неиздржливи четири часа, а потоа поделен на два дела за да им го троши трпението и парите на гледачите.  За чудо, постои дури и петиполчасовна верзија на Nymph()maniac, наводно со многу повеќе гениталии и хардкор секс.  Нека фала, ако е и од Von Trier, доста е.

Monday 24 March 2014

Како да (не) се докаже дека вакцините предизвикуваат аутизам?

Пред неколку месеци дневниот весник Вест ја објави мојата реакција на серијата сведоштва од родители кои сугерираа дека постои врска помеѓу вакцините и аутизмот. По објавувањето на реакцијата добив многу критички настроени коментари на Фејсбук страницата на Вест, на мојот блог, и по емаил. Најдобро аргументираните коментари секогаш беа поткрепени со линкови од научни трудови што ја поддржуваат врската меѓу вакцините и аутизмот, и сметам дека овие коментари заслужуваат одговор. Се надевам дека сите кои аргументирано ми се спротиставија ќе го прочитаат овој подолг текст до крај, без предрасуди.  Значи, како најдиректно да се докаже дека постои врска помеѓу вакцините и аутизмот?

Tuesday 18 March 2014

Before Midnight - Richard Linklater (2013)


Можам да набројам стотина филмски ликови кои ми оставиле незаборавен впечаток и ми го збогатиле животот.  Знам дека врската со нив е еднострана и виртуелна, но тоа не ги прави помалку вредни.  Пријателите од крв и месо се менуваат или заминуваат, а овие филмскиве остануваат тука, на клик од мене, соучесници во сите мои радости и разочарувања.  Се прашувам дали на стари години ќе можам да ги ископам од збрчканиот мозок нивните ликови и реплики или пак можеби со времето тие ќе избледат и ќе отстапат место на некои нови познанства.   Ако некогаш заборавот ги нагризе филмските карактери кои ме формирале низ годините, се надевам дека ќе ги поштеди Џеси (Ethan Hawke) и Селин (Julie Delpy), главните ликови на Before трилогијата на Richard Linklater.

Џеси и Селин се архетипови на мојата генерација.  Пообразувани, посамосвесни и поиронични од своите родители, тие се сепак неспособни да ја преточат таа предност во стабилност, спокој или среќа.  Прогонувани од она што Џони Штулиќ го нарекува ‘проклетата можност за избор’, тие уморно шетаат меѓу континенти и партнери во постојана потрага по добар разговор и сродна душа.  20 години стрепам и навивам за нив, оти се чувствувам дека ако за нив постои хепи енд, тогаш има надеж и за мене.

Monday 3 March 2014

Филмски топ 13 за 2013

Во 2013 почина Roger Ebert, мојот омилен филмски критичар.  Со години по секој изгледан филм ги читав неговите критики.  Ниеден филм не беше изгубено време, оти знаев дека ме чека прекрасно напишан осврт што ќе ме натера повторно да го преживеам филмот и да размислувам за виденото. Смртта на Еберт ми создаде празнина која решив да ја пополнам со лични размислувања за изгледаните филмови.  Така се роди qantarot.blogspot.com

Одзивот од првите неколку месеци низ твитер и блогосферата ги надмина сите мои очекувања.  Пред да ја нападнам 2014 со уште повеќе елан, еве една ретроспектива на моите омилени филмови од 2013.  На листата за малку не си го најдоа местото All is Lost, Stories we Tell и Don Jon, но некаде мора да се нацрта линија:)

Sunday 2 March 2014

Philomena - Stephen Frears (2013)

Има моменти во Philomena кога бев свесен дека режисерот Stephen Frears ме манипулира и сака да измами солза од мене, ама едноставно не можев да му одолеам.  Judi Dench е извонредна глумица и нејзиниот портрет на простодушна мајка со скршено срце е навистина потресен.

Во 1951 година Филомена (Judi Dench) родила вонбрачно дете.  Католичката црква и го одзема детето и го дава на посвојување на богата американска двојка.  Егоцентричниот и арогантен журналист Мартин Сиксмит (Steve Coogan) дознава за нејзината судбина и решава да ја придружува во Америка во потрага по изгубениот син.  По пат, и двајцата подобро се запознаваат себеси и се соочуваат со духовите од минатото.

Судбината на мајките што родиле вонбрачни деца во Ирска досега има инспирирано неколку вознемирувачки филмови.  Она што го издвојува Philomena е суптилниот хумор кој ги хуманизира ликовите дури и кога се однесуваат крајно нечовечки.  Себичниот и саможивниот Мартин на крајот ни станува единствена можност Филомена да ја добие правдата, оти ни станува јасно дека самата таа никогаш нема да се спротистави на црквата.  Филомена е премногу побожна и премногу полна со разбирање за да ја согледа перфидноста на калуѓерките кои и го уништиле животот.  Прашање е колку од приказната е исфилувана за да се постигне драматичен ефект, но ако вистинската Филомена е половина од тоа што е претставена во филмот, тогаш е вистинска светица.


Saturday 1 March 2014

5 филмски разочарувања од 2013

Во пресрет на Оскарите, еве пет филма од 2013 што најмногу ме разочараа.  Да се разбереме, ова не се најлошите филмови што ги видов минатата година.  Напротив, повеќето од нив се храбри филмови што едноставно не ги исполнија моите очекувања:


Волкот од Вол Стрит е тричасовна забава со многу псуење, секс и дрога, која кулминира со една незаборавна сцена што меша квалуди, возење под дејство на дроги, шунка, и еден долг телефонски кабел.  По таа сцена, филмот се тркала надолу, како мамурлук по фантастичен трип.  Со секој нареден филм на Scorsese се повеќе се прашувам дали се потребни 3 часа за да се раскажат приказните кои тој ги одбира, или пак Thelma Schoonmaker, неговиот долгогодишен монтажер, веќе ги има пуштено уздите со кои знаеше дури и Raging Bull и Taxi Driver да ги ограничи на два часа.  Јунакот на WOWS Jordan Belfort не е пофасцинантен лик од Jake LaMotta или Travis Bickle и не заслужува филм од 179 минути.  Го чекам денот кога Scorsese повторно ќе направи филм под два часа.  Е тоа ќе биде вистинско уживање.


'Затвореници' на Дени Вилнев (Denis Villeneuve) е како оперско либрето заглавено во филм ноар пакување. Филмот е збрка од случајности, претерувања, емотивни реплики и крвави сцени, зачинети со тортура, змии и окултни знаци. Гледан како метафора, филмот е сведоштво за темнината во човечката душа. Гледан буквално, ова е смешна мешавина од фројдовска психологија и евтин хорор.  


Зошто ли по ѓаволите одлучил Spike Lee да направи римејк на Oldboy?  Што ли имал да додаде или да одземе од оригиналот?  Можеби сакал да направи социјален коментар за американската култура на насилство?  Можеби имал подобра идеја за тоа како се јаде жив октопод?  Одговорите на овие прашања се "не знам", "ништо", "не" и "каков октопод?"  Со еден збор, крајно непотребно.


La Grande Bellezza е визуелно раскошна и претенциозна фантазија за стареењето и заборавот.  Режисерот Сорентино на неколку пати потенцира дека идол му е писателот Flaubert и неговите напори да напише книга за ништо.   La Grande Bellezza нема приказна и се гордее со тоа.  Празнотијата во сценариото (и во душите на ликовите) Sorentino ја пополнува со баханалии и сцени на френетично журкање на кои би им позавидел дури и Емир Кустурица.  Големиот проблем е што целиот филм, замислен како продолжение на легендарниот La Dolce Vita на Federico Fellini, делува неискрено.  За разлика од Фелини,  кој во Marcelo Mastroiani од La Dolce Vita најде алтер его, Paolo Sorentino има само 43 години и не е можно да се стави во кожата на главниот лик Џеп.  Постои разлика помеѓу филм за ништо и филм за ништо особено, а La Grande Bellezza за жал е ова второто.



12 Years a Slave е компилација од робовладетелски клишеа. Режисерот Steve McQueen многу повеќе ужива да ни покажува човечки тела во агонија отколку внатрешен конфликт и интересен дијалог.  McQueen раскажува телеграфски.  Знае дека ако избере тема како за во жолт печат, нашата емпатија ќе ги поврзе точките, ќе ги обои ликовите со човечност и ќе ја доразвие приказната.  За жал, резултатот од неговите филмови е токму таква боенка со фонт 50-ка, во која приказната е само контура за елегантната фотографија.

Friday 28 February 2014

Her - Spike Jonze (2013)

На површина, Her е филм за тоа како технологијата се повеќе ја користиме како замена за интимност.  Но најновиот филм на Spike Jonze е многу повеќе од тоа, благодарение на оригиналната камера (Hoyte van Hoytema), ретрофутуристичкиот продукциски дизајн, евокативната музика на Win Butler од Arcade Fire, и универзалните размислувања на тема љубов и осаменост.  Приказната потсеќа на една од најмрачните епизоди на и така депресивната британска телевизиска серија Black Mirror.  Но Jonze успева да му долее на сценариото доволно патос, хумор и слатко-горчлива романтика за исходот да биде ако не оптимистички, тогаш барем поднослив.

Разочаран од неуспехот во претходната врска, Теодор Твомбли (Joaqin Phoenix) наоѓа утеха, а потоа и љубов во интелигентниот оперативен систем Саманта (со секси гласот на Scarlet Johansson, пресниман откако улогата оригинално ја одглумила Samantha Morton).  Како што Саманта еволуира, така Теодор минува низ истите фази од својата претходна врска: од рамноправен партнер до терет кој ја кочи саканата во остварувањето на своите потенцијали.   Очигледно проблемот не е во компјутерите, туку во самите нас.

Не сум го помислил ова порано, меѓутоа Joaqin Phoenix има неверојатно експресивно лице.  Речиси низ целиот филм Теодор глуми самиот со себе додека камерата упорно го држи во екстремен close-up, толку блиску што можеме да му ги изброиме брчките на загриженото и тажно лице.   Мал е бројот на актери што можат да издржат толку немилосрдна камера, но резултатот е една искрена, храбра и емотивна изведба, толку автентична што не може да и најде фалинка и најголемиот циник.  Her е филмот што го заслужува Оскарот за оргинално сценарио, а Академијата направи голем грев со тоа што не го номинираше Joaqin Phoenix за најдобра машка улога.



Thursday 27 February 2014

La Grande Bellezza - Paolo Sorrentino (2013)

Пред 54 години Federico Fellini го создаде La Dolce Vita, филм-споменик на хедонизмот и младоста.  Ако La Dolce Vita беше воведот во слаткиот живот полн со секс, алкохол и потрага по совршенството, La Grande Bellezza покажува што се случува кога потрагата ќе се покаже залудна.  Кога Анита Екберг се капеше во Fontana Di Trevi во најромантичната сцена на La Dolce Vita (а можеби и на сите времиња) од неа бликаше младост, енергија и сексапил.  Кога во La Grande Bellezza ќе се собере италијанскиот џет сет на журка кај Џеп Гамбардела (Toni Servillo), гледаме тела напумпани со ботокс и вијагра кои играат како да се во агонија и во залудно бегство од стареењето, заборавот и смртта.

Џеп е успешен новинар кој пред многу години напишал бестселер и од тогаш го троши своето богатство организирајќи журки и бомбардирајќи ги со претенциозност сите оние кои ја имаат несреќата во него да гледаат божество.  Можеме лесно да го замислиме Marcello Mastroianni во оваа улога како логично продолжение на неговиот карактер од La Dolce Vita, илустрација на тоа што се случува со човечкото тело и душа откако бројот на непреспани ноќи ќе почне да се брои во илјадници.  

Режисерот Сорентино на неколку пати потенцира дека идолот му е писателот Flaubert и неговите напори да напише книга за ништо.   La Grande Bellezza нема приказна и се гордее со тоа.  Празнотијата во сценариото и во душите на ликовите Sorentino ја пополнува со баханалии и сцени на френетично журкање на кои би им позавидел и Емир Кустурица.  Големиот проблем е што за разлика од Felini, кој со La Dolce Vita направил автобиографски филм, Paolo Sorentino има само 43 години и не е можно да се стави во кожата на Џеп.  Тој може само да фантазира и да се замислува себеси две децении подоцна.  La Grande Bellezza е токму тоа, визуелно раскошна и претенциозна фантазија за тоа како режисерот си се замислува себеси како стар човек.  Постои разлика помеѓу филм за ништо, и филм за ништо особено, а La Grande Bellezza за жал е ова второто.



П.С. Кога ќе видам филм како La Grande Bellezza, ми текнува колку многу ми недостасува Roger Ebert.  Кога ќе помислев дека сум изгубил два часа од животот гледајќи подпросечен филм, знаев дека на сајтот на Еберт ме чека критички осврт што ќе ми даде поинакво гледање, а некогаш дури и комплетно ќе ми го промени мислењето за филмот.  La Dolce Vita беше омилениот филм на Ebert и дури откако го прочитав овој есеј почнав да го ценам Fellini.  Вечерва додека го пишувам ова сфаќам колку многу ќе сакав да знам што мисли Ebert за La Grande Bellezza.  Се плашам дека можеби ќе му се допаднеше.  Сакам да мислам дека можеби дури и ќе ме предомислеше.

Monday 17 February 2014

The Lego Movie - Phil Lord and Chris Miller (2014)

The Lego Movie е визуелно иновативен и паметен филм заглавен во погрешна наративна структура.  Првите 60 минути минуваат во комплетна конфузија, додека лего човечето Емет се обидува да си докаже себеси и на другите мајстори градители (Бетмен, Витрувиус, Супермен, Грин Лантерн) дека е посебен и дека ќе успее да го спречи лошиот Лорд Бизнис во намерата да го замрзне целиот лего свет со мистериозниот објект Крегл (KRAzy GLue:).  Анимацијата е совршена, шегите се свежи, но приказната постојано скока од еден во друг лего свет, нестрплива да ни ги покаже сите свои визуелни креации.

Стрпливите гледачи ќе бидат наградени дури пред крајот на филмот, кога неочекуваниот twist ќе им стави насмевка дури и на лицата на најциничните родители.  Гледајќи наназад, Лего филмот има совршена логика и мојата фрустрација е само доказ дека сум премногу како Лорд Бизнис, подостарен мрчач кој не сака непредвидливост.  А сепак, не можам да се оттргнам од впечатокот дека сите ќе уживавме многу повеќе ако од самиот почеток го знаевме контекстот (и срцето) на приказната.  Како авторите да се уплашиле од својата оригиналност и решиле да ја закопаат длабоко во филмот за да не им пречи на визуелните ефекти.

Забележувам тренд во поновите детски анимирани филмови: приказната е сведена на минимум и е заменета со комбинација од вртоглава анимација и смешки за возрасни.  Логиката е веројатно дека никој не оди на детски филм заради оригиналноста на сценариото.  Децата доаѓаат за да бидат заплиснати од аудиовизуелни стимуланси, а возрасните сакаат неколку безопасни шеги кои ќе им помогнат да не заспијат и ќе им докажат дека се и натаму кул и во тек со популарните трендови.  За жал и The Lego Movie ја следи оваа формула, за потоа во брилијантните последни минути да се посипе со постмодерна деконструкција на која и Дерида би и позавидел.


Tuesday 11 February 2014

American Hustle - David O. Russell (2013)


Во обид да ја опише својата сопруга Rosalyn (Jennifer Lawrence) на својата љубовница Sydney (Amy Adams), Irving Rosenfeld (Christian Bale) ја употребува фразата 'the Picasso of passive-agressive carate'.  Извадена од контекст репликата звучи крајно шизофрено.  Ставена во устата на Christian Bale, ја отсликува блесавоста на сценариото и способноста на Jennifer Lawrence да создаде уникатен лик од најнеблагодарна улога.  Секој филм што се осмелува да се расфрла со метафори кои обединуваат уметност, психијатрија и боречки вештини го заслужува моето внимание, а богами и неколку Оскари.

American Hustle е филм направен во еден здив.  Импровизацијата се чувствува во секој кадар, како David O. Russell да гледал многу филмови на Robert Altman и потоа решил да се збогува со својата репутација на режисер диктатор и ги оставил глумците да го креираат сценариото.  Резултатот е совршено кастирана комедија за ликови од кои човек не би требал да купи ни мастики, а кои сепак успеваат да вовлечат во својата мрежа десетици влијателни политичари и мафијаши.  Верувале или не, филмот е заснован на легендарниот Abscam скандал, и токму деловите кои изгледаат најневеројатно (како оној за шеикот кој е ФИБ агент и не зборува арапски) се жива вистина.

Гледајќи го трејлерот за American Hustle, можеби ќе помислите дека David O. Russell решил да го копира неповторливиот Boogie Nights.  За среќа, тој впечаток е само поради продукцискиот дизајн и изборот на музика, површински сличности кои се неизбежни кога се прави филм за 70-тите.  American Hustle нема ни трага од епските амбиции на PT Andersen.  Ова е филм направен исклучиво за да не насмее и да ни покаже што се случува кога на исто место ќе се најдат режисер-иконокласт и еден куп талентирани и храбри глумци.


Monday 27 January 2014

The Wolf of Wall Street - Martin Scorsese (2013)

The Wolf of Wall Street е заснован на истата вистинска приказна која во 2000 го инспирираше амбициозниот Boiler Room.  Иронијата е што Boiler Room не ги користи вистинските имиња на протагонистите, а сепак делува попитом и поморализирачки од развратниот нов филм на Martin Scorsese.  Волкот од Вол Стрит е тричасовна забава со многу псуење, многу секс и многу дрога, која кулминира со една незаборавна сцена што меша квалуди, возење под дејство на дроги, шунка, и еден долг телефонски кабел.  По таа сцена, филмот се тркала надолу, како мамурлук по фантастичен трип.

Приказната е за Jordan Belfort (Leonardo DiCaprio), берзански манипулант кој по берзанскиот крах во 1987 сфаќа дека кога се тргува со акции, квалитетот на акциите е честопати помалку важен од снаодливоста на брокерот кој ги продава.  Поучен од својот ментор (Matthew McConaughey  во уште едно неверојатно издание), тој собира околу себе неколку лузери (Jonah Hill, Spike Jonze, Jon Bernthal од Walking Dead), им ги открива малите тајни на големите мајстори на измамата и преку ноќ ги претвара во берзански волци и зависници од дрога и секс.  На сите ни е јасно дека црно им се пишува, но Scorsese успева да создаде тензија комбинирајќи паметен дијалог со slapstick комедија. 

Не постои друг американски режисер кој успеал повеќе од четириесет години да биде релевантен, провокативен, а згора на тоа и комерцијално и критички успешен.  А сепак, со секој нареден филм на Scorsese се повеќе се прашувам дали се потребни 3 часа за да се раскажат приказните кои тој ги одбира, или пак Thelma Schoonmaker, долгогодишниот негов монтажер, веќе ги има пуштено уздите со кои знаеше дури и Raging Bull и Taxi Driver да ги ограничи на два часа.  Jordan Belfort не е пофасцинантен лик од Jake LaMotta или Travis Bickle и не заслужува филм од 179 минути.  Го чекам денот кога Scorsese повторно ќе направи филм под два часа.  Е тоа ќе биде вистинско уживање.



Saturday 25 January 2014

Inside Llewyn Davis - Joel & Ethan Coen (2013)

Сите оние кои се бунат дека на филмовите на браќата Коен им фали приказна, ќе зеваат од почетокот до крајот на Inside Llewyn Davis.  Овој филм не се ни труди да понуди стандардна филмска структурa. Дури и познатиот филмски трик за да се создаде тензија, таканаречениот флешбек, тука е употребен сосема произволно и речиси незабележително.  Ниедна од потенцијалните приказни не е развиена во целост, но затоа секоја од песните во прекрасниот soundtrack (продуцирани од Т-Bone Burnett) се испеани од глумците во живо од почеток до крај.  Сполај им.  Како и прекрасниот Oh Brother, Where Art Thou пред него, Inside Llewyn Davis e аудиовизуелна магија на која не и треба холивудско сценарио.

Луин Дејвис (Oscar Isaac) e претставен како човек од крв и месо и идеали и фрустрации и по малку ранлива душа која се наѕира само додека тој пее и свири на својата гитара.  Остатокот од времето пред себе имаме саможивен мизантроп кој го троши и своето и времето на сите околу него.  Луин му набива рогови на пријателот Jim (Justin Timberlake), ја затруднува Jean (Carey Mulligan), напушта овердозиран џез музичар (John Goodman), но некаде помеѓу сите овие активности успева да најде време да запее и да ни ги стопли срцата.

Инспирацијата за филмот се мемоарите на Dave Van Ronk, музичар кој бил дел од Greenwich Village сцената во доцните 50-ти и раните 60-ти, сцена од која се изродил Боб Дилан и десетици други фолк музичари.  Филмот завршува со изведба на Боб Дилан, уште еден прекрасен музичар а терсене човек.  Нема тука скриена порака, освен сознание дека за некои луѓе ѕвездите се подредуваат, а за некои не.  И немојте да мислите дека на крајот од филмот ќе дознаете како се наредиле ѕвездите за Луин. 


Friday 24 January 2014

Nebraska - Alexander Payne (2013)

Како што старее, Alexander Payne прави сЕ постаромодни филмови. Во неговиот последен филм нема ништо од цинизмот на Election, или од резигнираноста на About Schmidt. Nebraska ги сака сите свои ликови, а Payne создава омаж на малиот град, интимните приказни и ситните опсесии и зависти на обичниот човек.

Во центарот на приказната е Вуди (Bruce Dern), остарениот татко на Дејвид (Will Forte), и Рос (Bob Odenkirk, адвокатот Saul од Breaking Bad), кој додека бил помлад бил алкохоличар и женкар, но со време алкохолот го победил женкарот и создал еден несреќен човек полн со неостварени желби.  Вуди по пошта добива писмо дека е добитник на милион долари.  Одбивајќи да прифати дека тоа писмо е обична измама, тој по секоја цена го убедува синот Дејвид да одат до Lincoln, Nebraska, за да си ги подигнат парите.  По пат Дејвид и Вуди застануваат во Hawthorne, родното место на Вуди каде што сE уште живеат сите ликови од неговата младост.  Кога тие дознаваат дека Вуди е добитник на милион долари, на површина излегуваат сите настани и чувства кои малото гратче ги затрупало во своите пазуви, низ улиците, по баровите и зад излупените фасади на small-town America.

Како што одговара на еден ваков интимен филм, фотографијата е црно-бела а камерата е бавна и мрзелива.  Payne е роден во Nebraska и тоа е веројатно единствената причина за името на филмот, оти оваа приказна би можела да се случи буквално секаде. Payne ја снима својата родна грутка со пасија на аматерски фотограф, свесен дека секој обид да се направи холивудски исполиран продукт ќе изгуби од автентичноста.  Студиото Paramount инсистирало да се снима во боја и Payne се согласил да направи и колор верзија, но јавно изјави дека се надева дека никој нема да ја види Nebraska во боја.  Номинациите за Оскар ќе помогнат да се оствари желбата на Payne.  А јас ќе бидам најсреќен ако Вуди му го донесе заслужениот Оскар на Bruce Dern.