Wednesday, 20 August 2014

Locke - Steven Knight (2014)


Мал е бројот на глумците кои можат комплетно да износат еден филм на своите плеќи, но Tom Hardy е дефинитивно еден од нив.  Лани бев воодушевен од Robert Redford кој во All is Lost покажа како се прави напнат филм со еден глумец и речиси без дијалог.  Оваа година Tom Hardy создава уште потензичен трилер како градежен изведувач кој час и половина вози кола и зборува на телефон.  

Сценариото делува комплетно неподобно за филм.  Богат бизнисмен со име Лок дознава дека ќе стане татко истата вечер кога се подготвува најголемата градежна операција во неговата кариера.  Додатната компликација е што мајката на неговото дете не е неговата сопруга, туку очајна стара мома со која имал само една средба.  Лок решава да влезе во кола и да вози до Лондон каде се раѓа неговото дете, дури и ако тоа значи дека зад себе остава пијан заменик, бесна сопруга и збунет син со кои мора да комуницира исклучиво по телефон.  Низ целиот филм се прашуваме дали Locke е разумен бизнисмен кој сака да се искупи за своите гревови по секоја цена или скршен човек кој се распаѓа пред нашите очи глумејќи одлучност.  

Филмот е раскажан комплетно во real-time, без flashback или flash-forward, така што гледачот добива единствено деведесетминутен прозорец во животот на еден фасцинантен лик.  Лок е навидум обичен бизнисмен со многу необична дилема и многу лош тајминг.   Tom Hardy претходно покажа дека ретко кој може подобро да глуми ѕвер заклучен во затворски кафез (Bronson).  Овој пат кафезот е скапо БМВ, а ѕверот ѕирка низ уплашени очи и никој не може да предвиди што ќе направи следно.
 
 

No comments :

Post a Comment