Days of Future Passed е името на најпознатиот албум на прог-рок групата Moody Blues. Никогаш не сум помислил дека Moody Blues и X-men можат да бидат спомнати во иста реченица, меѓутоа ми се чини дека кога Brian Singer решил повторно да го земе X-кормилото во свои раце, бил инспириран од психоделијата на Nights in White Satin. Тонот на најновата приказна од Marvel универзумот е елегичен, приказната е далеку поамбициозна од претходниците, а се’ се врти околу една прилично темпераментна (moody) сина (blue) личност - Mystique (Jennifer Lawrence).
Приказната осцилира помеѓу мрачната година 2023 во која X-мутантите се прогонувани од неуништивите Сентинели и полиестерски светкавата 1973 во која се одлучува иднината на човештвото. Лудиот научник Trusk (Peter Dinklage кој после Game of Thrones ваква улога може да глуми во сон) го убедува претседателот Никсон дека мутантите се опасност која може да се искорени само со оружје кое ќе се адаптира и ќе ги експлоатира нивните супер-моќи. Заслепената од омраза Mystique е решена да го убие Trusk, а Wolverine е пратен назад во времето за да ги обедини смртните непријатели Xavier и Magneto во обид да се спречи Trusk и да се оневозможи создавањето на сентинелите.
Приказни со патување низ времето знаат да бидат или претерано комплицирани, или претерано наивни. Силата на DOFP e што не се обидува да го објасни времепловот (на пр. зошто е исходот бинарен, нели постојат и други алтернативи?) туку се прашува дали карактерот е судбина, и дали во очи на катастрофа може да се стават на страна несогласувањата и да се замаскираат суштинските разлики помеѓу луѓето. Wolverine никогаш не бил пофилозофски настроен, а младата верзија на Prof. Xavier го минува речиси целиот филм во лична битка помеѓу телесното и духовното. Исходот е речиси небитен и помалку разочарувачки. Но конфликтот помеѓу Xavier и Magneto е вистинска лекција по етика.
P.S. Крајот на кредитите ја најавува следната епизода со En Sabah Nur, која ќе се случува во 3000 п.н.е.
No comments :
Post a Comment