Пред неколку месеци дневниот весник Вест ја објави мојата реакција на серијата сведоштва од родители кои сугерираа дека постои врска помеѓу вакцините и аутизмот. По објавувањето на реакцијата добив многу критички настроени коментари на Фејсбук страницата на Вест, на мојот блог, и по емаил. Најдобро аргументираните коментари секогаш беа поткрепени со линкови од научни трудови што ја поддржуваат врската меѓу вакцините и аутизмот, и сметам дека овие коментари заслужуваат одговор. Се надевам дека сите кои аргументирано ми се спротиставија ќе го прочитаат овој подолг текст до крај, без предрасуди. Значи, како најдиректно да се докаже дека постои врска помеѓу вакцините и аутизмот?
Хипотеза: Вакцините предизвикуваат аутизам.
Експеримент: Споредете две групи деца, едната со и едната без примени вакцини. Осигурајте дека двете групи се слични по сите други параметри, како возраст, пол, социоекономски статус. Колку се поголеми групите, толку ќе биде поголема статистичката значајност на вашите резултати.
Резултати: Ако во групата со вакцини има значително поголем број на деца дијагнозирани со аутизам, тогаш постои голема веројатност дека хипотезата е точна. Ако во двете групи има приближно ист број на дијагнози со аутизам, тогаш постои голема веројатност дека хипотезата е погрешна.
Овој експеримент не е лесно изводлив, оти повеќето земји во светот инсистираат на масовна вакцинација. Но, благодарение на идентификувани пропусти во вакцинацијата во Данска и Јапонија се создале услови за споредување на големи групи деца со и без вакцини. Исходот е јасен: со огромна веројатност (потрекрепена од стотици илјади испитаници) не постои врска помеѓу вакцините и аутизмот. Е сега скептиците ќе се фатат за она 'огромна веројатност', но тоа е јазикот на науката. Отсуство на нешто е многу тешко да се докаже. Ајде да ве видам дизајнирајте експеримент што ќе докаже со стопроцентна сигурност дека не постои (a не постои:) врска помеѓу интелигенцијата на родителите и полот на нивното дете? Ќе морате да ги тестирате сите родители на светот, а додека ги проверувате старите родители ќе се родат уште неколку милиони деца, таман колку да ве оддалечат од 100-процентна сигурност. Токму затоа товарот за доказ треба секогаш да биде на страната на оној што ќе ја постави хипотезата.
Во отсуство на контролирана студија слична на данската и јапонската во полза на нивната хипотеза, противниците на вакцините се вртат кон анегдотски студии поткрепени со сомнителни методи и уште посомнителни заклучоци. Еве еден линк што ми беше посочен неколкупати како научен доказ на хипотезата од насловот. На него има список од трудови за штетните дејства на вакцините, но дел од нив немаат врска со аутизам, дел имаат многу мала статистичка моќ (мал број на деца опфатени со студиите), а дел се очигледна манипулација. Повеќето се преполни со зборови како suggest, coincide, may, might, could, зборови што во главата на научникот звучат како шпекулација, но лаиците (меѓу кои и некои судии во Италија) комплетно ги игнорираат. Вакви трудови растат како коров: побиј еден и се раѓаат десет нови. Како што реков и погоре, многу е тешко да се докаже отсуство на нешто, но лесно е да се побие секој индивидуален труд што погрешно тврди дека нешто постои. За да го илустрирам ова решив да се фокусирам на само еден линк што ми го прати ФАКман (@lstefanovski), еден од вокалните противници на вакцините на социјалната мрежа Twitter.
Најпрвин забележете дека горниот линк не е од оригиналната студија, туку од новинарски напис што ја прераскажува студијата. Написот тврди дека алуминиумот во вакцините предизвикува аутизам. Како научник, веднаш го лоцирав и го прочитав оригиналниот труд, и подолу ќе ви елаборирам за разликата помеѓу оригиналниот труд и репортажата за него.
Најпрвин, воопшто не станува збор за нова студија, туку за преглед на постоечката литература. Експериментот во оригиналниот труд нема врска со детски вакцини (туку со вакцини против антракс). Ниту со аутизам (туку со ALS). Ниту со луѓе (туку со глувци). Авторите на трудот им вбризгале на глувци алуминиум хидроксид (речиси трипати повеќе од дозволениот максимум за луѓе) и забележале дека глувците со алуминиум имале послаби мускули, полоша меморија и поголемо ниво на вознемиреност. Досега ништо чудно, oпшто е познато дека во големи дози алуминиум хидроксидот е невротоксичен. Но како ова има врска со аутизам?
Имено, во отсуство на директна споредба меѓу деца вакцинирани со и без алуминиум, авторите ја вметнуваат графата број 7 (види десно), во која покажуваат дека бројот на дијагнози на аутизам се зголемил како што се зголемило и количеството на алуминиум во вакцините. Оваа графа нема врска со експериментот и е типичен пример за тоа дека корелација (сооднос) не значи и каузалност (причинско-последична поврзаност). Факт е дека во последните дваесет години имаме многу повеќе дијагнози на аутизам. Што сè се има зголемено во овие 20 години? Бројот на корисници на интернет. Пентрацијата на мобилната телефонија. Употребата на алуминиумски фолии за готвење. Сите горни фактори корелираат со зголемувањето на дијагнози за аутизам, но дали го предизвикуваат аутизмот? Се надевам дека никој од вас не климна со глава на сите три. Огромен е скокот од големо количество алуминиум хидроксид во глувци до аутизам кај дете, а кога некој ќе направи оваков скок нема друго објаснување отколку свесна манипулација со чувствата на една многу ранлива популација, како родителите на деца со аутизам.
Да биде сето ова уште потрагично, новинарскиот напис завршува со параграф од трудот кој е само цитирање на други подеднакво неиздржани научни трудови и нема врска со спроведените експерименти. Значи цитатот на крајот од написот е само една помала желка на грбот на поголема желка, и така до бесвест. За жал, кога една идеја ќе влезе во колективната свест, многу е тешко истата да се искорени, дури и ако нејзиниот никулец е докажано фалсификуван. Нови никулци се раѓаат од две страни. Од едната страна се научници кои продолжуваат да ја истражуваат оригиналната хипотеза и понекогаш наидуваат на интересен резултат што вреди понатаму да се истражи. Од другата страна се лаици кои не сфаќаат дека науката е бавна и дека често греши, па секаде гледаат заговори од фармацевтското лоби. Најголемиот проблем е кога втората група ќе прочита новинарски текст поврзан со научен труд од првата група. Тогаш суптилноста на научниците и нивните резерви паѓаат во вода, и сè што останува е алармистички наслов и убедување дека постои светски заговор да се профитира врз грбот на лицата со аутизам.
Да се разбереме, овој текст е исклучиво за врската помеѓу вакцините и аутизмот. Не тврдам дека вакцините се 100-проценти сигурни, затоа што секој експерт во полето знае дека постојат компликации при вакцинирање. Од милион деца вакцинирани за МMР околу сто илјади ќе имаат покачена температура, педесет илјади ќе имаат болки во зглобовите, а десетина ќе доживеат анафилактичен шок кој може да рeзултира со смрт. Овие бројки се минимални споредени со користа што ја имаме од вакцините. Tемпературата, болките во зглобови и анафилактичните реакции се докажани компликации од вакцинирањето, но аутизмот не е меѓу нив. Се надевам дека погоре напишаното ќе ги замисли разумните вакциноскептици. За останатите и така нема надеж. Louis Armstrong одамна рекол: There are some people, if they don't know, you can't tell 'em.
No comments :
Post a Comment