Во 2013 почина Roger Ebert, мојот омилен филмски критичар. Со години по секој изгледан филм ги читав неговите критики. Ниеден филм не беше изгубено време, оти знаев дека ме чека прекрасно напишан осврт што ќе ме натера повторно да го преживеам филмот и да размислувам за виденото. Смртта на Еберт ми создаде празнина која решив да ја пополнам со лични размислувања за изгледаните филмови. Така се роди qantarot.blogspot.com
Одзивот од првите неколку месеци низ твитер и блогосферата ги надмина сите мои очекувања. Пред да ја нападнам 2014 со уште повеќе елан, еве една ретроспектива на моите омилени филмови од 2013. На листата за малку не си го најдоа местото All is Lost, Stories we Tell и Don Jon, но некаде мора да се нацрта линија:)
13. Dallas Buyers Club - Jean-Marc Vallée
Одзивот од првите неколку месеци низ твитер и блогосферата ги надмина сите мои очекувања. Пред да ја нападнам 2014 со уште повеќе елан, еве една ретроспектива на моите омилени филмови од 2013. На листата за малку не си го најдоа местото All is Lost, Stories we Tell и Don Jon, но некаде мора да се нацрта линија:)
13. Dallas Buyers Club - Jean-Marc Vallée
Dallas Buyers Club е филм дизајниран да собира награди. Рецептот е едноставен: одберете социјално ангажирана тема, каст(р)ирајте двајца глумци кои публиката ги доживува како секс-симболи, натерајте ги да симнат 20 килограми за да не личат на себе, и наполнете го сценариото со едноставен дијалог и длабоко хумани пораки. Ако не ви пречи формулата, филмот ќе ве воодушеви. Matthew McConaughey е феноменален глумец и 2013 е годината кога сите се убедија во тоа, иако неговите улоги во Bernie, Mud, Killer Joe и Magic Mike беа подеднакво импресивни. Номинацијата за Оскар е сосема заслужена, но лично повеќе навивам за Bruce Dern. Не за друго, туку сакам да го видам McConaughey да се помачи уште малку и да извлече од себе барем уште неколку незаборавни ликови пред да се препушти на славата и инерцијата што со себе ја носи Оскарот.
12. Upstream Color - Shane Carruth
На Shane Carruth му требаа речиси десет години и стопати поголем буџет за да направи follow-up на неверојатно успешниот и уште поневеројатно комплицираниот Primer. Како и Пример пред него, Upstream Color e исклучително стилизиран филм, во кој ниеден кадар не е случаен. Научно-фантастичното сценарио за паразит кој минува од луѓе преку свињи до орхидеи е полно со претенциозни метафори, но Carruth успева да ни го задржи вниманието со оригиналните идеи и со инвентивниот дизајн на звук. Upstream Color e еден од оние инди филмови кои Америка ги обожаваше во 90-тите, но кои во последно време стануваат загрозен вид.
11. August: Osage County - John Wells
Имам пријател што одамна зборува дека би било многу кул кога Meryl Streep би се согласила да глуми во хорор филм. August: Osage County е најблиску до хорор што сме можеле да ја видиме легендарната оскаровка. И со изгледот и со однесувањето во овој филм Стрип создава вистинско чудовиште. Во филмот и парираат неколку извонредни глумци, секој со по барем една реплика што ја мрзне крвта. Сепак највпечатлива е Julia Roberts, која заслужува номинација за Оскар, но дефинитивно не за споредна улога. Roberts и Streep се рамни и според присуството на екранот и според интензитетот со кој се судираат во клучниот момент на филмот.
10. Nebraska - Alexander Payne
Како што старее, Alexander Payne прави сe постаромодни филмови. Во неговиот последен филм нема ништо од цинизмот на Election, или од резигнираноста на About Schmidt. Nebraska ги сака сите свои ликови, а Payne создава омаж на малиот град, интимните приказни и ситните опсесии и зависти на обичниот човек. Како што одговара на еден ваков интимен филм, фотографијата е црно-бела а камерата е бавна и мрзелива. Payne е роден во Nebraska и тоа е веројатно единствената причина за името на филмот, оти оваа приказна би можела да се случи буквално секаде. Payne ја снима својата родна грутка со пасија на аматерски фотограф, свесен дека секој обид да се направи холивудски исполиран продукт ќе изгуби од автентичноста. Студиото Paramount инсистирало да се снима во боја и Payne се согласил да направи и колор верзија, но јавно изјави дека се надева дека никој нема да ја види Nebraska во боја. Номинациите за Оскар ќе помогнат да се оствари желбата на Payne. А јас ќе бидам најсреќен ако Вуди му го донесе заслужениот Оскар на Bruce Dern.
9. Only God Forgives - Nicolas Winding Refn
Nicolas Winding Refn е комплетно непредвидлив режисер. После неколку одлични европски филмови, решава да ја нападне Америка со Ryan Gossling, ја освојува публиката со Drive, и кога сите очекуваме следниот негов филм со Gossling да биде уште попопуларен, тој решава да ни даде филм кој е на границата меѓу невкус и генијалност, и како таков сосема несоодветен за американскиот пазар. Не е ни чудо што филмот е посветен на Alejandro Jodorowsky, чилеанскиот уметник на бизарното и висцералното, кој веројатно не би ни трепнал да види како Ryan Gossling ја нурнува својата рака во утробата на свеж труп. Ако досега не ви е јасно, овој филм не е за оние со слаб стомак. За среќа мојот стомак е прилично силен, а желбата да видам нешто ново и непредвидливо ми е секогаш посилна од потребата да се чувствувам пријатно во кино салата.
8. The Act of Killing - Joshua Oppenheimer
Се уште не ми се верува дека некој направил филм како The Act of Killing. Sвездите на документарецот се сторителите на еден од најгнасните геноциди од 20-от век, членовите и обожавателите на индонезиските одреди на смртта кои се создале кога Сухарто го симнал од власт Сукарно. Бидејќи сторителите на геноцидот победиле, тие денес во Индонезија можат слободно да ја слават 50-годишнината од своите 'подвизи', екранизирајќи ги убивањата пред камерата на Joshua Oppenheimer. Продуценти на овој вознемирувачки документарец се Errol Morris и Werner Herzog. Oвој филм ја зацврстува нивната репутација на социјално ангажирани сведоци на најапсурдните човечки пориви, а го етаблира Oppenheimer како нивен достоен наследник.
7. Inside Llewyn Davis - Joel & Ethan Coen
Сите оние кои се бунат дека на филмовите на браќата Коен им фали приказна, ќе зеваат од почетокот до крајот на Inside Llewyn Davis. Овој филм не се ни труди да понуди стандардна филмска структурa. Дури и познатиот филмски трик за да се создаде тензија, таканаречениот флешбек, тука е употребен сосема произволно и речиси незабележително. Ниедна од потенцијалните приказни не е развиена во целост, но затоа секоја од песните во прекрасниот soundtrack (продуцирани од Т-Bone Burnett) се испеани од глумците во живо од почеток до крај. Сполај им. Како и прекрасниот Oh Brother, Where Art Thou пред него, Inside Llewyn Davis e аудиовизуелна магија на која не и треба холивудско сценарио.
6. The Spectacular Now - James Ponsoldt
The Spectacular Now започнува како и многу други тинејџерски комедии во кои се топи ледот помеѓу популарниот фраер (Miles Teller) и срамежливата пепелашка (Shailene Woodley). Но по половина час ни станува јасно дека романтичната приказна е параван за мрачни теми и сериозни дијалози. Фраерот е 18-годишен алкохоличар, а пепелашката е далеку поискусна отколку што ни се чини на почетокот. Вториот дел од филмот не носи во сосема непредвидлива насока, но врската што сме ја воспоставиле со главните ликови е толку силна што безрезервно навиваме за нив, дури и кога изгледа дека не ја заслужуваат нашата наклоност.
5. American Hustle - David O. Russell
American Hustle е филм направен во еден здив. Импровизацијата се чувствува во секој кадар, како David O. Russell да гледал многу филмови на Robert Altman и потоа решил да се збогува со својата репутација на режисер диктатор и ги оставил глумците да го креираат сценариото. Резултатот е совршено кастирана комедија за ликови од кои човек не би требалo да купи ни мастики, а кои сепак успеваат да вовлечат во својата мрежа десетици влијателни политичари и мафијаши. Верувале или не, филмот е заснован на легендарниот Abscam скандал, и токму деловите кои изгледаат најневеројатно (како оној за шеикот кој е ФИБ агент и не зборува арапски) се жива вистина. Сепак American Hustle нема никакви документарни или епски претензии. Ова е филм направен за да не насмее и да ни покаже што се случува кога на исто место ќе се најдат режисер-иконокласт и еден куп талентирани и храбри глумци.
4. Blue is the Warmest Color - Abdellatif Kachiche
Канскиот победник за 2013 е храбар филм кој ранливоста на главните ликови ни ја сервира како на тацна. Кастингот е совршен, дијалогот е провокативен, а Adèle Exarchopoulos е едно од највпечатливите лица што било кога сум ги видел на филмско платно. Низ оваа улога продира шармот на родена ѕвезда, девојка за која навиваме и од која не можеме да го тргнеме погледот. Многумина ќе ја дискутираат шестминутната лезбејска сцена, која е дефинитивно снимена со цел да возбуди и поставува нови стандарди за тоа што е прифатливо во arthouse кино салите. Уживав во неа, но има нешто проблематично и експлоатирачко кога 50-годишен хетеросексуален маж (Abdellatif Kechiche) режира две преубави девојки кои сосема голи цели 6 минути се милуваат под силна светлина. Особено кога тие потоа ќе го опишат искуството како одвратно и ќе одбијат да работат со него во иднина. Штета што оваа сцена ќе остане најзапаметеното нешто од Blue is the Warmest Color, зашто и без неа ова ќе беше еден од најдобрите филмови на годината.
3. Her - Spike Jonze
На површина, Her е филм за тоа како технологијата се повеќе ја користиме како замена за интимност. Но најновиот филм на Spike Jonze е многу повеќе од тоа, благодарение на оригиналната камера (Hoyte van Hoytema), ретрофутуристичкиот продукциски дизајн, евокативната музика на Win Butler од Arcade Fire, и универзалните размислувања на тема љубов и осаменост. Приказната потсеќа на една од најмрачните епизоди на и така депресивната британска телевизиска серија Black Mirror. Но Jonze успева да му долее на сценариото доволно патос, хумор и слатко-горчлива романтика за исходот да биде ако не оптимистички, тогаш барем поднослив. Her е филмот што го заслужува Оскарот за оригинално сценарио, а Академијата направи голем грев со тоа што не го номинираше Joaqin Phoenix за најдобра машка улога.
2. Gravity - Alfonso Cuaron
Ова е првиот долгометражен филм кој не можам да го замислам во две димензии. Многу малку филмови досега си ја оправдале екстра цената за 3Д (Avatar, Hugo, Life of Pi), но дури и тие не губат многу без наочарите. За разлика од нив, кој не го видел Гравитација (Gravity) во 3Д, гледал друг филм. Почетокот на Гравитација е аудиовизуелна магија која се случува еднаш во деценија. Во еден навидум непрекинат 20-минутен кадар камерата на Emanuel Lubezki прави километарски кругови играјќи си мајтап со филмските конвенции за перспектива и диегетика. Во преостанатите 70 минути доаѓа до израз искуството и разновидноста на Куарон (Children of Men, Y tu Mama Tambien) во раскажување на напнати приказни. Куарон ги потхранува нашите детски соништа за патување во вселената и не убедува во моќта на филмското платно и натаму да ни сервира магија. Иднината на филмот можеби лежи во телевизијата, но Гравитација докажува дека филмското платно и натаму е незаменливо ако сакаме да се изгубиме во еден нов свет и во него повторно да се чувствуваме како деца.
1. Before Midnight - Richard Linklater
Before midnight и неговите претходници (Before Sunrise и Before Sunset) се сублимат на се што барам во еден филм. Низ три филмови исполнети со пет часа дијалог добиваме увид во најинтимните стравови и желби на две интелигентни и шармантни личности. Џеси (Ethan Hawke) и Селин (Julie Delpy) се архетипови на мојата генерација. Пообразувани, посамосвесни и поиронични од своите родители, тие се сепак неспособни да ја преточат таа предност во стабилност, спокој или среќа. Прогонувани од она што Џони Штулиќ го нарекува ‘проклетата можност за избор’, тие уморно шетаат меѓу континенти и партнери во постојана потрага по добар разговор и сродна душа. 20 години стрепам и навивам за нив, оти се чувствувам дека ако за нив постои хепи енд, тогаш има надеж и за мене. Before Midnight беше номиниран за Оскар за адаптирано сценарио, затоа што продолженија на филмови не се сметаат за оригинални сценарија. За разлика од повеќето продолженија кои адаптираат веќе истрошени идеи, овој филм е свеж, оригинален и болно вистински. Не постои филм од 2013 кој повеќе ме насмеал, растажил и замислил. Со еден збор, совршенство.
No comments :
Post a Comment