Во пресрет на Оскарите, еве пет филма од 2013 што најмногу ме разочараа. Да се разбереме, ова не се најлошите филмови што ги видов минатата година. Напротив, повеќето од нив се храбри филмови што едноставно не ги исполнија моите очекувања:
Волкот од Вол Стрит е тричасовна забава со многу псуење, секс и дрога, која кулминира со една незаборавна сцена што меша квалуди, возење под дејство на дроги, шунка, и еден долг телефонски кабел. По таа сцена, филмот се тркала надолу, како мамурлук по фантастичен трип. Со секој нареден филм на Scorsese се повеќе се прашувам дали се потребни 3 часа за да се раскажат приказните кои тој ги одбира, или пак Thelma Schoonmaker, неговиот долгогодишен монтажер, веќе ги има пуштено уздите со кои знаеше дури и Raging Bull и Taxi Driver да ги ограничи на два часа. Јунакот на WOWS Jordan Belfort не е пофасцинантен лик од Jake LaMotta или Travis Bickle и не заслужува филм од 179 минути. Го чекам денот кога Scorsese повторно ќе направи филм под два часа. Е тоа ќе биде вистинско уживање.
'Затвореници' на Дени Вилнев (Denis Villeneuve) е како оперско либрето заглавено во филм ноар пакување. Филмот е збрка од случајности, претерувања, емотивни реплики и крвави сцени, зачинети со тортура, змии и окултни знаци. Гледан како метафора, филмот е сведоштво за темнината во човечката душа. Гледан буквално, ова е смешна мешавина од фројдовска психологија и евтин хорор.
Зошто ли по ѓаволите одлучил Spike Lee да направи римејк на Oldboy? Што ли имал да додаде или да одземе од оригиналот? Можеби сакал да направи социјален коментар за американската култура на насилство? Можеби имал подобра идеја за тоа како се јаде жив октопод? Одговорите на овие прашања се "не знам", "ништо", "не" и "каков октопод?" Со еден збор, крајно непотребно.
La Grande Bellezza е визуелно раскошна и претенциозна фантазија за стареењето и заборавот. Режисерот Сорентино на неколку пати потенцира дека идол му е писателот Flaubert и неговите напори да напише книга за ништо. La Grande Bellezza нема приказна и се гордее со тоа. Празнотијата во сценариото (и во душите на ликовите) Sorentino ја пополнува со баханалии и сцени на френетично журкање на кои би им позавидел дури и Емир Кустурица. Големиот проблем е што целиот филм, замислен како продолжение на легендарниот La Dolce Vita на Federico Fellini, делува неискрено. За разлика од Фелини, кој во Marcelo Mastroiani од La Dolce Vita најде алтер его, Paolo Sorentino има само 43 години и не е можно да се стави во кожата на главниот лик Џеп. Постои разлика помеѓу филм за ништо и филм за ништо особено, а La Grande Bellezza за жал е ова второто.
12 Years a Slave е компилација од робовладетелски клишеа. Режисерот Steve McQueen многу повеќе ужива да ни покажува човечки тела во агонија отколку внатрешен конфликт и интересен дијалог. McQueen раскажува телеграфски. Знае дека ако избере тема како за во жолт печат, нашата емпатија ќе ги поврзе точките, ќе ги обои ликовите со човечност и ќе ја доразвие приказната. За жал, резултатот од неговите филмови е токму таква боенка со фонт 50-ка, во која приказната е само контура за елегантната фотографија.
No comments :
Post a Comment