
Разочаран од неуспехот во претходната врска, Теодор Твомбли (Joaqin Phoenix) наоѓа утеха, а потоа и љубов во интелигентниот оперативен систем Саманта (со секси гласот на Scarlet Johansson, пресниман откако улогата оригинално ја одглумила Samantha Morton). Како што Саманта еволуира, така Теодор минува низ истите фази од својата претходна врска: од рамноправен партнер до терет кој ја кочи саканата во остварувањето на своите потенцијали. Очигледно проблемот не е во компјутерите, туку во самите нас.
Не сум го помислил ова порано, меѓутоа Joaqin Phoenix има неверојатно експресивно лице. Речиси низ целиот филм Теодор глуми самиот со себе додека камерата упорно го држи во екстремен close-up, толку блиску што можеме да му ги изброиме брчките на загриженото и тажно лице. Мал е бројот на актери што можат да издржат толку немилосрдна камера, но резултатот е една искрена, храбра и емотивна изведба, толку автентична што не може да и најде фалинка и најголемиот циник. Her е филмот што го заслужува Оскарот за оргинално сценарио, а Академијата направи голем грев со тоа што не го номинираше Joaqin Phoenix за најдобра машка улога.
No comments :
Post a Comment