Friday 30 October 2020

С(Ц)ИЕСТА СО ХЕДЕР ЏОЗЕФ

Научното издаваштво се има покажано како изненадувачки отпорно во времињата на криза, но тешко е да се предвиди како ќе изгледа во светот по коронакризата. Дали научните публикации ќе бидат подостапни? Дали целиот издавачки процес ќе стане потранспарентен? 

За да ги одговори овие прашања, Канадската платформа за отворена невронаука (CONP) организираше дискусија на темата со Хедер Џозеф, извршна директорка на SPARC (Scholarly Publishing and Academic Resources Coalition).

Текстот со главните поенти од дискусијата можете да го прочитате на веб-страницата на CONP: https://conp.ca/can-covid-19-change-the-publishing-industry/ 

Tuesday 20 October 2020

С(Ц)ИЕСТА СО ПАНЧЕ НАУМОВ: Лабораторија „паметно“ инспирирана од природата

Кои ви се најфасцинантните карактеристики на живите суштества? Одењето на гуштерите по ѕид со неверојатна брзина? Секавичното затворање на месојадните растенија кои ги уловуваат инсектите штом ќе стапнат на нив? Менувањето на бојата на камелеонот со цел да се претопи во околината и да остане незабележан? Замислете сега материјали создадени во лабораторија кои ќе се однесуваат исто така. За поголемиот дел од нас ова останува само во фантазијата, меѓутоа постојат луѓе, научници, кои се посветени и професионално работат за тоа да стане реалност.

Д-р Панче Наумов е професор на Универзитетот Њујорк, огранок во Абу Даби, и истражувач од областа на науката на материјалите, кој води своја лабораторија во рамки на универзитетот. Откако дипломирал хемија на УКИМ, па докторирал на Институтот за Технологија во Токио и работел на Универзитетите во Осака и Кјото, веќе девет години е стациониран во Обединетите Арапски Емирати, каде што оваа година ја добил и почесната „златна виза“, која тамошната влада ја доделува како специјален статус на истакнати научници, уметници, бизнисмени и други професионалци, кои на некој начин придонеле за државата. Воедно тој е и член на Академијата на науките на ОАЕ и еден од нејзините основачи.

Tuesday 13 October 2020

С(Ц)ИЕСТА СО КОСТАДИН ГРАМАТИКОВ: Авиоиндустријата годинава лета во рикверц

Кој високо лета, ниско паѓа, а сè што лета не се јаде. Летни од среќа, ама немој и да леташ со паметот. Сепак, кој високо лета, далеку гледа. Малиов летачки вовед со поговорки кои се оставштина од памтивек, покажува дека нашиот народ отсекогаш размислувал за летањето. За жал, за поголемиот дел од населението, летањето беше само мисловна именка сè до влегувањето на „Визер“ на македонските аеродроми. За среќа, пак, токму тука се крие интересна приказна за еден наш човек кому може да му се припише дел од заслугата за доаѓањето на „Визер“ во Македонија и нашето разлетување.

Станува збор за Костадин (Дино) Граматиков. Иако има завршено маркетинг на Економскиот факултет во Скопје, а подоцна и магистерски по извршна бизнис-администрација (Executive MBA) на Женевскиот универзитет, од средината на 90-те па сè до заминувањето од Македонија, работи на полето на аналитиката и електронските комуникации. Од 2007 до 2015 година работи во „Визер“ и таму е токму во времето кога Македонија почнува преговори со оваа нискобуџетна авиокомпанија да почне да лета од Скопје. Дино моментално работи во „Инмарсат“, водечка компанија во светот за сателитска комуникација. Допирна точка со авиоиндустријата му е ви-фи интернетот во авионите и сè уште ја следи авиоиндустријата, каде што, како што кажува и самиот, го имал најинтересното работно место во животот: работел на отворање и развој на пазари на „Визер“ во ЈИЕ, го дизајнирал системот на цени и ги контролирал цените на над 20.000 летови во исто време.