Monday, 11 January 2016

Збогум Spaceboy


Викендот го минав со ★, новиот албум на David Bowie, на repeat.  Го слушнав минимум дваесет пати, уживајќи во музиката и борејќи се со текстовите.  Имав чувство дека станува збор за концептуален албум, но немав идеја што е концептот.  Го споредив со Earthling и Outside по својата радикалност, со Station to Station по својата музикалност.  Се обидов дури и да напишам осврт за албумот, но ми фалеа зборови.  


Утрово се разбудив и сè ми стана јасно - ★ бил музичкиот епитаф на Bowie.  Одеднаш, Lazarus стана најтрогателното опело што сум го слушнал, а стихот 'if I never see the English evergreens', одекна со тажна конечност.   Дизајнот на книжулето со текстови, црн текст на црна позадина кој може да се прочита само под силна светлина, доби посебна убавина кога сфатив дека ова се последните зборови на ѕвезда која се гаси.  



Го пуштам албумот уште еднаш, првпат откако David Bowie не е меѓу нас.  Се навраќам на сите моменти од мојата дружба со него, од хипнотизираноста во летото 1993 кога три часа не престанав да ја вртам Space Oddity на вокмен, преку шокот кога првпат го слушнав френетичниот ритам на Earthling, па сè до воодушевеноста кога во 2004 конечно успеав да го видам Белиот Војвода во живо.  Знам точно каде бев и со кого ги доживеав овие мигови, кои денеска стануваат многу повеќе од обични сеќавања.  Погледнувам кон небото, и се насмевнувам со благодарност кон една голема, безвременска, црна ѕвезда.


Moondust will cover you...

No comments :

Post a Comment