Roger Ebert еднаш рече дека оргазмите се најдобри кога се во најава. Веројатно така е и со филмовите кои ветуваат оргазми. Love на Gaspar Noé е филм што го испорачува тоа што го ветува, но веќе после првиот оргазам почна да ме фаќа дремка.
Да не се разбереме погрешно, Love 3D е најелегантно снимениот експлицитен филм што сум го гледал. Естетиката е ретро на најубав можен начин, актерите се внесени во сексот, a музичката позадина е хипнотизирачка (Erik Satie никогаш не звучел покарнално). Сепак, проблемот е со начинот на кој сексот е интегриран во приказната. Извадете го сексот од сценариото, и приказната останува иста. Млад дечко жали за изгубената љубов, и се навраќа на минатото за да не мора да се соочи со заебаната сегашност. И како и секое навраќање, така и ова ги романтизира дури и најболните сеќавања.
Низ целиот филм размислував што е клучно за добар филм со експлицитен секс. На ум ми дојдоа Don't Look Now на Nicholas Roeg, In the Realm of the Senses на Nagisa Oshima, Nymph()maniac на Lars Von Trier, и Blue is the Warmest Color на Abdellatif Kechichе. Дискутабилно е дали се ова добри филмови (лично Nymphomaniac ми беше предолг), но важно е што во сите четири сексот е клучен за приказната, оти преку него дознаваме повеќе за ликовите. Тоа не е случајот со главните ликови во Lovе, за кои сексот е пред сè забава и дистракција. Слично како и 9 Songs на Michael Winterbottom пред него, Love успева да го прикаже сексот како нешто секојдневно. За жал, резултатот е еден сосема банален филм.
П.С. Во дискусијата после филмот, заклучивме дека би било интересно да се направи филм за сексуалниот живот на порно ѕвезда. Два дена подоцна излезе скандалот со порно ѕвездите Stoya и James Deen, во кој Stoya го обвини својот поранешен партнер Deen за силување. Колку само би сакал Gaspar Noé да ја екранизира нивната приказна.
No comments :
Post a Comment