Friday, 4 December 2015

Victoria - Sturla Brandth Grøvlen & Sebastian Schipper (2015)


Ако ви кажам дека Victoria е германски трилер снимен во еден кадар, од 4 до 6 наутро низ 25 локации во Берлин, веројатно ќе бидете заинтригирани.  Ако додадам дека и покрај техничките ограничувања, ова е една од најемотивните и најдобро одглумените приказни годинава, се надевам дека веднаш ќе истрчате до најблиското кино (или за жал, торент сајт) и ќе го погледнете ова мини ремек-дело.


Првите 30 минути се клучни за успехот на филмот.  Victoria е девојка од Шпанија што работи во кафуле во Берлин.  На една клупска забава таа запознава тројца симпатични хулигани кои ветуваат авантура и малку адреналин.  Од тројцата отскокнува Sonne, кој на расипан англиски успева да ја шармира младата девојка, во сцена која со својата нежност и хемија потсеќа на запознавањето на Jesse и Céline во Before Sunrise.  Victoria му раскажува на Sonne за неостварените соништа и желбата да припаѓа некаде, а Sonne за момент (и многу искрено) ја убедува дека соништата биле само вовед во нешто многу поубаво и повозбудливо.  После такво романтично интро, Victoria е подготвена да го следи Sonne до крајот на светот, дури и ако тоа значи да биде шофер во полуосмислен банкарски грабеж.


Филм во еден кадар не е новост.  Од Hitchcock до Сокуров и Iñárritu, филмската историја е полна со незаборавни обиди да се обедини хиперреалноста на филмот со спонтаноста на театарска претстава. Сепак, во ниеден од претходните филмови не сум доживеал ваква непосредност и напнатост.  Victoria започнува опуштено и импровизирано, но со секоја наредна минута тензијата расте и го подзапира здивот.  На почетокот се воодушевував на глумата, потоа се восхитував на камерата на Sturla Brandth Grøvlen (која со право добива кредит пред режисерот Sebastian Schipper), за на крајот комплетно да заборавам дека гледам филм и да се соживеам со проколнатата љубов на двајцата главни ликови.  Victoria е трилер со германска прецизност, шпански темперамент и универзална привлечност: Bonnie & Clyde за милениумската генерација.



P.S.  За оние кои сакаат да знаат повеќе: филмот успеал од трета мајка, а дијалогот бил претежно импровизиран.  Причината заради која Victoria не доби номинација за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е што јазикот е претежно расипан англиски.  Иронично, токму дијалогот му ја дава автентичноста на филмот: секој што морал да објаснува со раце и нозе на јазик што не му е мајчин, веднаш ќе се идентификува со Sonne и Victoria.

No comments :

Post a Comment