Во Скопје доаѓам прегладнет. Не само за кифли од фурна, туку и за добар муабет и за доза култура. Заборавам на секојдневните обврски, долгите меилови, бавните состаноци и брзата храна на Северна Америка. Го баталувам инбоксот и скитам низ скопската магла во потрага по храна. Уживам во тие скитања, додека се полни и стомакот и душата.
И годинава трпезата беше богата. Кај сармите и фурните малку се променило од лани, но душевната храна е друга приказна. Воскреснуваат старо-нови институции (Кино Култура), а објектите кои ја поларизираат јавноста (новиот МНТ) почнуваат да шират и позитивни вибрации. Клетвата за живот во интересни времиња во Скопје нашла постојан букмарк.
Позајмено од Андреј Жерновски ФБ |
Позајмено од Општина Центар ФБ |
Новата година ја дочекав во Хард Рок (по ново Сити Хол). Лани имав прекрасен дочек на истото место, пред сè поради Фолтин (види погоре), но и поради Летечките Пекинезери. Оваа година Пекинезерите ги видов неколку дена порано во Менада, а новата година ја дочекав со DJ Goce и DJ Chvare, откако се изнаскокав на сетот на Ненад Стефановски - Брус. Во отсуство на нов албум на Foolish Green, беше убаво да се види дека Ненад не одмара, а богами ни неговите фанови.
Фала им на боговите и за скопските константи. Југотон во ГТЦ минува низ секакви делби и трансформации, но Симе е и натаму чувар на добриот вкус, без кого немаше да го откријам новиот (и дефинитивно најгневен) албум на Џака. Игор од Или-Или е секогаш полн со препораки, па дури и во годината кога ја доби наградата Мито Хаџи Василев - Јасмин, тој сепак повеќе сака да зборува за новиот роман на Господинов, отколку за плодот на неговата децениска работа во областа на филмската публицистика - Филм.мкд.
За крај го оставив мјузиклот Чикаго, кој ми стави насмевка на лицето и топлина во срцето. Сигурно голем дел од шармот доаѓа од музиката и енергичната кореографија лиценцирана од оригиналниот бродвејски мјузикл, но препевот (браво Маја Павловска!) и изведбата на Арна Шијак, Јелена Јованова, Жарко Димоски и Тања Кочовска се изворни, автентични и неверојатно забавни. За вакво нешто на Бродвеј се плаќаат стотици долари и се планира со месеци однапред.
Позајмено од Telegraf.mk |
По две недели гладта стивнува. Авионот ме враќа дома, онаму каде што секојдневните обврски и грижи ме прават слеп за вкусните нешта околу мене. Некогаш е тешко да се видат работите што ни се пред нос, дури и ако нема магла. Се враќам во рутината уморен, но сит.
No comments :
Post a Comment