Можам да набројам стотина филмски ликови кои ми оставиле незаборавен впечаток и ми го збогатиле животот. Знам дека врската со нив е еднострана и виртуелна, но тоа не ги прави помалку вредни. Пријателите од крв и месо се менуваат или заминуваат, а овие филмскиве остануваат тука, на клик од мене, соучесници во сите мои радости и разочарувања. Се прашувам дали на стари години ќе можам да ги ископам од збрчканиот мозок нивните ликови и реплики или пак можеби со времето тие ќе избледат и ќе отстапат место на некои нови познанства. Ако некогаш заборавот ги нагризе филмските карактери кои ме формирале низ годините, се надевам дека ќе ги поштеди Џеси (Ethan Hawke) и Селин (Julie Delpy), главните ликови на Before трилогијата на Richard Linklater.
Џеси и Селин се архетипови на мојата генерација. Пообразувани, посамосвесни и поиронични од своите родители, тие се сепак неспособни да ја преточат таа предност во стабилност, спокој или среќа. Прогонувани од она што Џони Штулиќ го нарекува ‘проклетата можност за избор’, тие уморно шетаат меѓу континенти и партнери во постојана потрага по добар разговор и сродна душа. 20 години стрепам и навивам за нив, оти се чувствувам дека ако за нив постои хепи енд, тогаш има надеж и за мене.
Концептот на Linklater е едноставен и брилијантен. На секои девет години ни прикажува по еден ден во животот на Џеси и Селин, неизлечиви романтици кои се запознаваат во Виена во деведесетите, минуваат 24 незаборавни часа заедно (Before Sunrise) а потоа губат контакт се до следната средба во Париз девет години подоцна (Before Sunset). Додека деветте години меѓу Sunrise и Sunset им минуваат на двајцата во каење за пропуштениот миг, Before Midnight им дава втора шанса. Не дека втората шанса значи мед и млеко. Додека првите два филма ја воспеваа младоста и живеењето во моментот, третиот филм покажува што се случува кога моментите ќе ги замениме со постојаност. Џеси и Селин овој пат се на Пелопонезите, но романтичната позадина престанува да биде важна кога ќе падне ноќта и двајцата ќе се затворат во својата хотелска соба, сами со своите опсесии и фикс-идеи. Верувам дека секој што бил во долга врска може да се идентификува со ураганот од емоции што следува, како и со молскавичните осцилации од интимност, преку пасивна до активна агресија и назад.
Before midnight и неговите претходници се сублимат на се што барам во еден филм. Низ
три филмови исполнети со пет часа дијалог добиваме увид во
најинтимните стравови и желби на две интелигентни и шармантни
личности. Селин и Џеси се толку природни во своите улоги што просто не
можам да верувам дека Ethan Hawke и Julie Delpy не се партнери во
вистински живот. Before Midnight беше номиниран за Оскар за адаптирано сценарио, затоа што продолженија на филмови не се сметаат за оригинални сценарија. Но за разлика од повеќето продолженија кои адаптираат веќе истрошени идеи, овој филм е свеж, оригинален и болно вистински. Не постои филм од 2013 кој повеќе ме насмеал, растажил и замислил. Со еден збор, совршенство.
P.S. Чувам
посебно место во срцето за луѓе кои мислат дека серијалот Before на
Richard Linklater е меѓу најдобрите филмски остварувања на сите времиња. Не за друго, туку затоа што најчесто ова се луѓе со кои можам да разговарам со часови и да се прашувам каде ни летнало времето. За нив, а и за сите други кои некогаш се прашале што ќе се случеше ако Селин и Џеси си го одржеа ветувањето од првиот филм, еве eден подарок од друг универзум.
No comments :
Post a Comment