Friday, 21 November 2014

Синедејс билтен #5: 21 и 22 ноември

Овогодинешниот Синедејс завршува со уште еден посебен викенд: канскиот победник за 2014 рамо до рамо со последниот филм на Michel Gondry, плус навраќање на еден од најубавите road movies што сум ги гледал, Central Station на Walter Salles.



Is the Man Who is Tall Happy? e обид на Michel Gondry, еден од визуелно најинвентивните режисери на денешницата, да направи анимиран филм базиран врз интервју со Noam Chomsky, еден од водечките светски лингвисти.  Филмот е изненадувачки искрен и смешен обид на Gondry со старомодна анимација да ги пренесе веродостојно комплексните идеи на Chomsky за врската меѓу јазикот, мозокот, еволуцијата и човековото постоење.  Според мене филмот не успева толку да го долови Чомски, колку што докажува дека секој дијалог е една серија недоразбирања од која нашиот ум отпосле се обидува да направи читлива сликовница.  Жижек и Лакан би зевале од досада за кажаното, но би се воодушевиле од нацртаното.


Walter Salles е еден од најразновидните бразилски режисери, но за мене секогаш ќе остане запаметен по Central Station, филм во кој главните протагонисти се огорчена средовечна писарка што мами неписмени луѓе и симпатичен сирак кој е во потрага по изгубениот татко.  Како нивните патишта ќе се преплетат е визуелна поезија и доказ дека и најистрошените филмски форми секогаш можат одново да бидат измислени.  Ако мислите дека на светот не му треба уште еден road movie, погледнете го Central Station и размислете повторно.


За крај, се надевам дека некогаш ќе имам време и трпение да го изгледам трииполчасовниот Winter Sleep на канскиот миленик Nuri Bilge Ceylan.  Ceylan е извонреден раскажувач, но бара трпение, посебно затоа што со секој нареден филм ја зголемува минутажата.  За мене Three Monkeys останува неговиот најдобар филм, веројатно заради подносливата должина.  Winter Sleep е приказна за три лика завеани во планински хотел.  Ако сте го гледале Shining знаете дека оваа премиса може да ви ги заледи гаќите.  Ама Ceylan е антипод на Kubrick, па навистина не знам што да очекувам.  Ако некој што го чита ова се осмели да жртвува осмина ден на филм со толку поспан наслов, го молам да ги сподели импресиите.

Епа толку за ова издание на Синедејс.  Се надевам дека уживавте читајќи ги билтените, пишете коментари и пратете препораки за филмовите кои ги пропуштив.  Се читаме пак наскоро!



No comments :

Post a Comment