Во првите два дена на Синедејс ќе можеме да го видиме музичкиот документарец за Nick Cave, победникот на овогодинешниот берлински филмски фестивал, како и најновите филмови на David Cronenberg и на браќата Dardenne. Делува како одличен старт!
20,000 Days on Earth е наменет исклучиво за хардкор фановите на Nick Cave. Филмот во ниеден момент не застанува да објасни кој е Cave, ниту пак зошто документарецот за него би бил бизарна комбинација на психијатриско вештачење, stream of consciousness интервјуа со неименувани соговорници, и лабораториска аутопсија на неговите музички инкарнации. Не постои логично објаснување зошто било кој би го слушал Cave како држи предавање за совршеноста на лакот од урина што може да се забележи на фотографија од стар концерт на неговата поранешна група, The Birthday Party. А сепак, Nick Cave зборува со таков авторитет и аура на проповедник, што не можеш да не внимаваш, со погледот фиксиран на мочката. Ако по читањето на овој параграф се' уште сте љубопитни, тогаш очигледно припаѓате на Nick Cave сектата и филмов ќе ве фасцинира.
Maps to the Stars на David Cronenberg има малку поширока целна публика од горниот филм, но акцентот е на зборот 'малку'. Не секој би сакал да мине два часа во друштво на подостарена холивудска актерка (Julianne Moore) и неурамнотежените глумци, родители на глумци и опсесивни фанови кои кружат во нејзината орбита. Филмот започнува како сатира на Холивуд во духот на The Player на Robert Altman, но на пола филм сфаќаме дека Cronenberg не е толку заинтересиран за Холивуд колку за деструктивните тенденции и фасцинации кај луѓето. По својата тематика ова најмногу потсеќа на Crash, уште еден филм на Cronenberg кој ја користи декаденцијата на Холивуд за да коментира за опсесиите на модерниот свет. Желбата на Кроненберг да шокира му пречи во способноста да раскаже добра приказна, но режисерот вади добра километража од кастингот. John Cusack е престар за улогите со кои се прослави, но на подостареното лице одлично му одговара улога на primal scream гуру што молзе остарени ѕвезди и крие длабоки тајни. Julianne Moore е фантастична во улогата на невротичната Хавана, бескомпромисен портрет на актер во слободен пад кој заслужено и донесе награда на овогодинешниов кански фестивал.
За крај два филма за кои сум љубопитен, и кои веројатно ќе одев да ги погледнам доколку бев во Скопје. Првиот е кинескиот 'Црн јаглен, тенок мраз', кој ја освои златната мечка во Берлин и е трилер за сериски убиства, тематика која не ја поврзувам со кинеската кинематографија. Вториот е најновиот филм на браќата Dardenne, 'Два дена, една ноќ', за работничка (Marion Cotillard) која се обидува да се врати на работа по доживеан нервен слом. Визуелната естетика на браќата Dardenne ме одбива, бидејќи инсистираат на хиперреализам кој ме прави да се чувствувам дека им ги мирисам тиловите на главните ликови. Сепак критиката ги велича нивните филмови, а присуството на ѕвезда како Marion Cotillard дефинитивно ја зголемува нивната видливост. Би било навистина интересно доколку белгиските браќа успеат да направат скок во комерцијални води.
Толку за првите два дена на Синедејс. Идејата за билтениве е да дадат преглед на филмовите кои мене ме интересираат, со надеж дека луѓе со кои имам сличен филмски вкус ќе можат да одлучат што вреди да се погледне. Отворен сум за препораки и посебно ме интересираат мислењата на луѓето кои ќе ги гледаат горните четири филма.
No comments :
Post a Comment