Следниот ден (сабота) по мене е најдобриот на Синедејс. Birdman и Boyhood ми се омилените играни филмови во 2014 досега. Згора на тоа го имаме Most Wanted Man на Anton Corbijn со прерано заминатиот Philip Seymore Hoffman, како и најновиот филм на блесавиот шведски режисер Roy Andersson, добитник на Златниот Лав во Венеција.
Birdman е маестрално филмувана театарска претстава за театарска претстава. Сме гледале вакви филмови порано (Black Swan и Synecdoche: New York ми паѓаат на ум), но никогаш техничката виртуозност не била толку добро избалансирана со оригиналноста на сценариото и совршениот кастинг. Режисерот Inaritu го направил најинтимниот филм во својата кариера, иако повторно станува збор за комплексна приказна што преплетува десетици човечки судбини. Michael Keaton ја игра улогата на својот живот, како поранешна холивудска ѕвезда која се обидува да се спаси од заборав режирајќи престава на Broadway. Директорот на фотографија Lubezki го доловува неговиот ментален колапс во флуиден и навидум непрекинат двочасовен кадар. Никогаш не сум бил во поголемо исчекување на првиот рез, оти тоа е знак дека преставата завршила и почнал вистинскиот живот. Помета здравје.
Во сабота се прикажува и најновиот филм на Richard Linklater. Она што Linklater го започна со Slacker, а го усовршуваше со Before трилогијата, кулминира со епскиот Boyhood, филм снимен во тек на 12 години и поделен на 12 мини-епизоди во животот на младиот Мејсон и неговата фамилија. Филмови како Boyhood се причината заради која се уште одам во кино. Во време кога кино салите се речиси исклучиво наменети за мнозинството што сака експлозии, Linklater ни дава филмови за тивкото малцинство: оние кои повеќе се препознаваат во Мејсон отколку во најновиот Спајдермен; оние кои со недели ќе го превртуваат Boyhood низ главата и ќе бидат благодарни што се соживеале со паметен тинејџер од крв и месо. Boyhood е филм со душа на дете и со памет на родител, прекрасна медитација за младоста која одвај чекам да ја гледам заедно со своите деца. Целосен осврт тука.
За крај два филма кои нестрпливо ги очекувам и се надевам дека наскоро ќе имам можност да ги видам. A Pigeon Sat on a Branch Reflecting on Existence на Roy Andersson го освои златниот лав во Венеција, што пријатно ме изненади зашто имав заборавено на овој идиосинкратичен режисер кој пред 15 години го направи апсурдниот Songs from the Second Floor.
A Most Wanted Man пак е третиот игран филм на Anton Corbijn, славниот фотограф и режисер на музички спотови кој од време на време прави филм различен од сé што направил претходно. По Control, за животот на Ian Curtis од Joy Divisoin, и антониониевскиот American со George Clooney, сега на ред е екранизација на шпионски трилер од Jon Le Carré со Philip Seymore Hoffman и Willem Defoe. Ви реков, најдобриот ден на Cinedays:). Среќа што ќе има репризи, инаку ќе мораше цел ден да се преседи во кино.
A Most Wanted Man пак е третиот игран филм на Anton Corbijn, славниот фотограф и режисер на музички спотови кој од време на време прави филм различен од сé што направил претходно. По Control, за животот на Ian Curtis од Joy Divisoin, и антониониевскиот American со George Clooney, сега на ред е екранизација на шпионски трилер од Jon Le Carré со Philip Seymore Hoffman и Willem Defoe. Ви реков, најдобриот ден на Cinedays:). Среќа што ќе има репризи, инаку ќе мораше цел ден да се преседи во кино.
No comments :
Post a Comment