Scarlett Johansson избира чудни научно-фантастични улоги. Пред некоја недела пишував за Under the Skin, бавен и субверзивен филм кого дури ни голотијата на Scarlett не може да го спаси од култен статус. Lucy од друга страна делува како големобуџетна Luc Besson продукција, но немојте да се излажете од трејлерот. Акцијата е минимална, а на нејзино место гледаме чудна мешавина на neurobabble и футуристички продукциски дизајн, прошаран со повремен куршум и документарни клипчиња од диви животни манифестирајќи ги своите нагони.
Scarlett ја игра Lucy, убава и не толку бистра девојка која треба да прошверцува големо количество дрога за немилосрдниот нарко бос Mr. Jang (Choi Min-sik). Дрогата има чуден спореден (или можеби главен) ефект. Ако се предозираш започнуваш да користиш повеќе од 10% од својот мозок. Да заборавиме за момент дека неискористеноста на мозокот е мит и дека најголемиот дел од нас користат 100% од својот мозок, дури и кога спијат. Впрочем, кога го слушаш митот од устата на Morgan Freeman (во улога на брилијантен научник), лесно е да поверуваш дека во него има трошка вистина. Прашањето е што прави човек ако успее десеткратно (стократно, илјадакратно?) да ја зголеми својата мисловна моќ. Во холивудски филм целта би била пари и моќ, но Besson има нешто друго на ум. Откако му се осветува на нарко босот, Lucy го минува остатокот од филмот во очајна потрага да го сочува стекнатото знаење некаде вон нејзиниот оверклокиран мозок кој полека умира.
Има во Lucy никулци на сериозна научна фантастика, но филмот е претерано наивен за да биде сфатен озбилно. Делува како Besson да сакал да направи длабок филм за човековата еволуција, но на полпат му здосадило и затоа го сместил дејствието во истиот паралелен свет во кој живеат сите негови филмови, онаму каде што законите на природата и на логиката не важат. Од сериозната наука останалo само името на филмот, алузија на најстариот откриен хоминид и метафора за клучните стадиуми во човечката еволуција. Ако е од Бесон, доволно е.
No comments :
Post a Comment