Friday, 26 September 2014

Snowpiercer - Bong Joon-ho (2014)


Snowpiercer започнува како одличен акционен филм, продолжува како субверзивна алегорија за новиот светски поредок, а завршува како расистичка пропаганда. Она што е константно е френетичната енергија, визуелната креативност и брилијантноста на Tilda Swinton како еден од најуникатните негативци што сум ги видел на филмско платно.  


Со изглед на зајадлива тетка од јавна администрација, и со реторика на која би и завиделе и најбесните медиумски џукели, министерката Mason (Swinton) ја контролира хиерархијата во еден многу долг воз кој вртоглаво јури низ замрзнат континент без услови за живот. Во последните вагони живее пролетаријатот кој се дави во измет и бубачки и се подготвува за востание. Во предните е средната класа омлитавена од луксуз и разврат и задоена со идеологија. Како што филмот татни кон својот крај, бунтовниците освојуваат вагон по вагон движејќи се кон локомотивата, давајќи му можност на арт директорот Ondrej Nekvasil за екстравагантен сет дизајн, клаустрофобична боречка кореографија и сè полуда приказна. Конечната конфронтација е меѓу бунтовниците и машиновозачот Wilford (Ed Harris), социјален дарвинист со срце од лед и непобитна логика.



Bong Joon-ho е мојот омилен корејски режисер, кој ужива да ги става своите ликови во екстремни ситуации, соочувајќи ги со сериски убијци, амфибиски чудовишта и претерано протективни мајки. Ова е неговиот прв филм со некорејски глумци, и кастингот е најпроблематичниот аспект на филмот. Со исклучок на издрогираните ориенталци и африканските жртвени јариња, сите главни ликови, почнувајќи од предводникот на востанието (Chris Evans), преку неговата десна рака (Jamie Bell) и остарениот ментор (John Hurt), па се' до главните негативци (Tilda Swinton и Ed Harris), се белци. На почеток изборот на бели добро познати глумци делува како прагматична одлука што ќе ја привлече западната публика. На крајот сепак добив впечаток дека Bong Joon-ho има скриена расистичка агенда. Не се согласувате со мене? Погледнете го епилогот на филмот и потоа ќе разговараме. 


(Update, 15.02.2020)

P.S. Пет години подоцна го ажурирам постов со видео од Nerdwriter за идеолошките елементи во Snowpiercer

https://www.youtube.com/watch?v=Bm9qKj1Q_OU

No comments :

Post a Comment