Како што старее, Alexander Payne прави сЕ постаромодни филмови. Во неговиот последен филм нема ништо од цинизмот на Election, или од резигнираноста на About Schmidt. Nebraska ги сака сите свои ликови, а Payne создава омаж на малиот град, интимните приказни и ситните опсесии и зависти на обичниот човек.
Во центарот на приказната е Вуди (Bruce Dern), остарениот татко на Дејвид (Will Forte), и Рос (Bob Odenkirk, адвокатот Saul од Breaking Bad), кој додека бил помлад бил алкохоличар и женкар, но со време алкохолот го победил женкарот и создал еден несреќен човек полн со неостварени желби. Вуди по пошта добива писмо дека е добитник на милион долари. Одбивајќи да прифати дека тоа писмо е обична измама, тој по секоја цена го убедува синот Дејвид да одат до Lincoln, Nebraska, за да си ги подигнат парите. По пат Дејвид и Вуди застануваат во Hawthorne, родното место на Вуди каде што сE уште живеат сите ликови од неговата младост. Кога тие дознаваат дека Вуди е добитник на милион долари, на површина излегуваат сите настани и чувства кои малото гратче ги затрупало во своите пазуви, низ улиците, по баровите и зад излупените фасади на small-town America.
Како што одговара на еден ваков интимен филм, фотографијата е црно-бела а камерата е бавна и мрзелива. Payne е роден во Nebraska и тоа е веројатно единствената причина за името на филмот, оти оваа приказна би можела да се случи буквално секаде. Payne ја снима својата родна грутка со пасија на аматерски фотограф, свесен дека секој обид да се направи холивудски исполиран продукт ќе изгуби од автентичноста. Студиото Paramount инсистирало да се снима во боја и Payne се согласил да направи и колор верзија, но јавно изјави дека се надева дека никој нема да ја види Nebraska во боја. Номинациите за Оскар ќе помогнат да се оствари желбата на Payne. А јас ќе бидам најсреќен ако Вуди му го донесе заслужениот Оскар на Bruce Dern.
No comments :
Post a Comment