Dawn of the Planet of the Apes е многу повеќе од обичен летен блокбустер. Секој филм што има литературен опсег од Цезар на Шекспир до Black Hole на Charles Burnes заслужува да биде внимателно изгледан, длабоко анализиран и жолчно дискутиран. Мислите дека ја знаете приказната, но во DOTPOTA има повеќе неизвесност отколку во сите овогодишни блокбастери заедно.
Сценариото има изненадувачка симетрија, благодарение на која никогаш не знаеме за кого да навиваме, ниту пак дали е можно да има победник. Цезар (Andy Serkis во уште една неверојатна трансформација) е алфа мажјакот во племето на очовечените мајмуни, кој најпрвин со недоверба ги прима претставниците на луѓето предводени од Малколм (Jason Clarke), но потоа омекнува и се спријателува со нив. Додека Цезар и Малколм прават планови за тоа како мајмуните и луѓето можат да живеат заедно, нивните најблиски соработници Коба и Драјфус (Toby Kebbell и Gary Oldman) прават план како да се уништи спротивниот табор доколку преговорите пропаднат.
Режисерот Matt Reeves (Cloverfield) повлекува тешки морални дилеми, пред се' благодарение на начинот на кој ги претставува мајмуните. Кога ги гледаме како ги грчат усните и грлото за да изустат збор, реакцијата не е смеење туку емпатија. Ова не се луѓе преоблечени во мајмунски костуми, туку диви ѕверови кои со сета сила се обидуваат во себе да го дестилираат најдоброто од човечката раса. За жал, во процесот на дестилација добиваат и нус-продукти како завист, недоверба и омраза. DOTPOTA е приказна за падот на една раса која пробала од дрвото на знаењето и веќе никогаш нема да може да се врати назад. Каква трагедија!
No comments :
Post a Comment