Илина Јакимовска е роден афористичар. Можам да ја замислам како по цел ден фаќа белешки за работи вон радарот на обичниот смртник, како ги меша и зачинува со архаизми и неологизми, за на крајот да ги преточи во вештерски напиток од сатира и лингвистичка гимнастика во духот на Ефраим Кишон.
Втората збирка на Јакимовска, насловена како Најважната игра, е колекција од мисли и забелешки кои се премногу детални за да ги собере во 140 карактери на нејзиниот Твитер профил. Во неа поезијата се кошка со прозата, иронијата се судира со патосот, симпатичните илустрации на нејзиниот син Иван добиваат нова димензија преку луцидните наслови. Има тука и интимни исповеди, и рецепти за живот, и социјална критика, и надреални описи на настани и ликови кои ја стимулираат фантазијата на читателот и го тераат да ја разработи идејата која Јакимовска ја начнала.
Земете ја за пример феноменалната "Tom Waits Meets Goce Arnaudov". На површината ова е една ШББКББ средба меѓу двајца музички идоли на Јакимовска. Гребнете ја површината и ќе почнете да размислувате кој е тука аутсајдерот: Том кој залутал во балкански воз, или Гоце кој залутал во мувлосаните соништа на еден постмодерен битник? Дали постои боем надвор од средината во која боемствува? Дали не би било уште позабавно доколку расипаниот англиски на Гоце би бил придружен со струмички дијалект од устата на Том?
Или пак 'Фудбалска', во која бројката што ја означува нашата возраст се преточува во резултат од натпреварот со животот. Јакимовска вели дека на 10 години поведуваш со 1:0, а ако издржиш уште десет, тогаш во последната минута поведуваш со 2:0. Кул. Затоа ли сме секогаш толку наапани како тинејџери? И затоа ли секој што дочекал 90 го сметаме за шампион? И на 98, тој се' уште победува.
Убавината на добар афоризам е што следните неколку минути ги минуваш превртувајќи ги зборовите на авторот низ мозокот, и добиваш желба да ја продолжиш аналогијата, да ја развлечеш до каде што ќе ти дозволи нејзината еластичност и да видиш што ќе се случи точно пред точката на кинење. "Најважната игра" е уникатна комбинација од пластични обзервации и еластични метафори, проплетени со оригинални и пред се забавни афоризми.
П.С. Книгата можете да ја читате на makedonika.mk, заедно со првата збирка на Јакимовска, "Сонце во Тегла".
No comments :
Post a Comment